Загрижувачка симбиоза на енергетската, економската и социјалната криза

Во нашата земја, енергетската, економската и социјалната криза е сѐ поевидентна. Симбиозата меѓу нив доведе до скок на цените без контрола, со што се намалува и стандардот на жителите. За една година растот на цената на храната, млекото, јајцата и сирењето и лебот, е над 40 отсто. Цените на храната, но и на горивата во Македонија се поголеми и од повеќе европски земји со многу повисока куповна моќ. Таков е случајот и со инфлацијата, која кај нас официјално е двоцифрена. Голема инфлација во еврозоната веќе е забележана во Естонија, Литванија и Летонија со над 20 проценти, а во Холандија, Словачка, Грција, Белгија, Австрија, Германија и Словенија со над 10 отсто. Меѓутоа, кај нас, поради ненормалниот скок на цените и инфлацијата, намалувањето на производството и на вработеноста и негативните стапки на економскиот раст е забележана и стагфлација. Во вакви услови, за многу граѓани домашниот буџет стана недоволен да ги покрие сите трошоци за храна, комуналии и лекови. Бројот на тие што живеат на работ на сиромаштија постојано се зголемува.
Македонија веќе се наоѓа на високото место по сиромаштија во Европа. Животните трошоци се зголемени и во руралните населби, каде што живеат многу осамени, хронично болни и неспособни стари лица. Намален е животниот стандард и на најголем број пензионери. За стабилизација на цените, Владата предлага од 1 декември двојно да биде поевтина струјата за прехранбената и пекарската индустрија. Тоа, секако, ќе влијае на намалување на производствените трошоци. Со тоа се очекува намалување на цените на лебот, маслото, млекото и на млечните производи за околу 10 отсто. Замрзнатите маржи беа без очекуван ефект. Поради тоа познавачите на оваа проблематика со право инсистираат за заштита на потрошувачите да се воведе замрзнување на цените на ниво од пред една или две години, односно откога започна неконтролираниот раст на цените. Вакви зафати се преземени во Србија и некои други земји во наше опкружување. Има известувања дека се стабилизираат и цените на храната на светско ниво.
Усогласувањето на пензиите во нашата земја годинава започна да се врши секој 1 март и 1 септември според старо-нов комбиниран модел од 50 отсто на пораст на просечната плата и 50 проценти од раст на трошоците на живот. Познато е дека предходно шест години ваков комбиниран модел за усогласување на пензиите се применуваше според Законот за ПИОМ од 2012 година. Фактички, овие одредби беа многу поповолни, бидејќи усогласувањето се вршеше на 1 јануари и 1 јули. Притоа, три години пензиите се зголемуваа линеарно по околу 700 денари, а нивната вредност сега изнесува околу 2.000 денари. Како илустрација на тоа е податокот дека пред неколку години кило овчо сирење се купуваше за 280 денари, а во минатите два-три месеци неговата цена изнесува околу 700 денари.

На 28 декември 2018 година, и покрај јавното реагирање на познати аналитичари, се усвоија дискриминаторски законски измени со кои пензиите се усогласуваа само со индексот на порастот на животните трошоци. Со тоа, зголемувањето на пензиите минатите три години видливо стагнираше и беше најмало во последните две децении. Во тоа време минималната плата беше зголемена за 100 проценти, а просечната за 40 отсто. Со тоа, соодносот на просечната плата со соодветна пензија од 62 се намали за околу 10 проценти. Иако имаше најави за вонредни зголемувања на пензиите, тоа беа само популистички ветувања.
Со оглед на тоа што во септември годинава примањата на пензионерите се зголемија, недоволно упатените се прашуваат што уште сакаат пензионерите?! Точно е дека според новите законски одредби усогласувањето на пензиите од 1 март изнесуваше 2,9 отсто и од 1 септември 6,8 проценти. Меѓутоа, четири месеци, во јануари и февруари и јули и август, пензиите не се покачија ниту денар. Доколку новите измени важеа за цела година, како порано, пензионерите со пензија од 15.000 денари би добиле за првите два месеца плус 870 денари и за јули и август 2.040, или вкупно 2.910 денари. Следствено на тоа, тие со пензија од 20 илјади се оштетени за 3.880 денари, со 25 илјади за 4.850, со 30 илјади за 5.820, со 35 илјади за 6.790 денари итн. Наместо тоа ,сите пензионери за март, април, мај и јуни добија помош по 1.000 денари. Нова помош се планира само за пензионерите до 11.530 денари, по 1.500 денари за ноември и декември годинава и за јануари и февруари 2023 година, и за оние со пензија од 11.530 до 14.000, по 750 денари за наредните четири месеци. Значаен дел од средствата во пензискиот фонд и натаму се од буџетот, од народни пари, поради што треба да се остварува поголема солидарна помош за поголем број пензионери, а особено за оние што се на работ на егзистенција. Според моето мислење, споделено со повеќе аналитичари, во услови на скапотија, која еднакво ги погодува сите, потребно е еднаш годишно усогласувањето на пензиите да биде линеарно, со ист износ. На тој начин јазот помеѓу најниските и највисоките пензии нема да се зголемува. Притоа треба да се размислува и за нивелација на вредноста на пензиите, за што коментирав во една од моите претходни колумни.
Според најновите податоци на Фондот за пензиско инвалидско осигурување, во Македонија има околу 333.300 пензионери, чија просечна пензија изнесувала 17.515 денари, која е пониска и од минималната плата.

Во такви услови, околу 230 илјади пензионери живеат со месечна пензија помала од минималната плата. Ним, поради зголемени цени на храната, на лековите и комуналиите, не им остануваат средства за помош на невработени деца или за заштеда за достоинствена старост. Поради тоа во повеќе земји, кои се залагаат за социјална правда, во време на кризи пензиите во денарска вредност до 20.000 денари ги зголемија со 3.000 денари. Оние од 20.000 до 30.000 денари добија по 2.000 денари, од 30.000 до 40.000 по 1.500 и над по 1.000 денари.
Пензионерите, како највозрасна масовна и најранлива популација, оправдано очекуваат и субвенционирање за сместување во старски домови, особено за пензионерите со ниски примања, кои немаат поддршка од семејството и се без сопствен имот. Во нашата земја неколку години нема изградено нов државен пензионерски дом. Се ветуваше, но не започна градбата на регионален пензионерско-старски дом во Кочани, за кој има подготвено современ проект поддржан од сите градоначалници и од пензионерски организации во Источна Македонија. Во меѓувреме, започнатиот дом на пензионери во Штип остана недовршен и постепено станува руина. Кога е во прашање проблематиката за пензионерско сместување, многу е значајно да има што повеќе пензионерски домови, бидејќи има голем недостиг и е рак-рана на пензионерското живеење. Посебен проблем е и здравствената заштита, која е далеку од потребниот квалитет и потреба и од стандардите во земјите на Европската Унија. Позитивната листа на лекови не е променета над 15 години, така што повеќе медикаменти се застарени и неквалитетни.

За поздраво стареење, треба сегашната позитивна листа што побрзо да се ревидира и да се прошири, бидејќи подолго време осигурениците се принудени повеќето лекови да ги набавуваат со многу високи цени. И не само тоа. Македонија сѐ повеќе старее, поради тоа е потребно ослободување од партиципацијата на постарите лица, над 65 или 70 години, за користење здравствена заштита од дијагностицирање до болничко лекување, да се применува субвенционирање на цените за сместување во приватни домови за стари лица, но и покривање на разликата на цените во приватните болници во однос на државните. Потребни се и олеснувања за набавка на ортопедски помагала и слично. Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија со право бара и повторно активирање на услугата „Бањско-климатска рекреација на корисниците на пензија“.
Во ваква ситуација, државата треба да бара наменски средства од посебни фондови на Европската Унија. Истовремено, и во предизборието на пензионерската организација, СЗПМ и здруженијата на пензионери, треба да ги зголемат активностите за доделување еднократна хуманитарна помош на сите најпогодени пензионери со болести и сиромаштија.

Драги Аргировски

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба