Шлаканици и аплаузи

Ниту реалноста е толку црна како што сака да ја претстави опозицијата, ниту, пак, иднината ни е толку светла како што тврди власта. Македонија е во една сива зона (за нијансите, посветла или помрачна, може да се дискутира) на неизвесност и поделеност по секоја основа. Притоа пред македонската јавност и од страна на власта и од страна на опозицијата се пласираат редица аргументи, кои, во најмала рака, не соодветствуваат со вистината и реалноста

Здраво, комшија, кај си, те немам видено некое време, ме пресретнува соседот деновиве на паркингот додека тргнувам накај работа. Тука сум, кај ќе одам, користев некој ден од стариот одмор, му одговарам.
Да не беше во Грција, сега таму е хит да се престојува, особено по спогодбата од мала Преспа, омекнати се, го сменија односот кон нас, помили сме им како идни потенцијални северномакедонци, ме прашува комшијава со доза зајадливост. Не, пријател, не сум бил ниту во Грција ниту во друга странска држава. Си останав тука дома, во нашата Македонија, која има толку многу убавини, планини, езера, реки, водопади, кои вреди да се посетат, му реплицирам со иста мера брзајќи накај автомобилот. Ај со здравје тогаш, само да знаеш утре има митинг со голем број естрадни уметници, со песни и чочеци ќе ја прославуваме поканата за НАТО, ми отпоздравува комшијата и си продолжува по патот, притоа очигледно избегнувајќи да се сретне со другиот сосед што доаѓа отспротива.

А овој пак изгледа начул нешто од претходниот разговор и уште веднаш ми се обраќа со заповед. Не слушај го овега, продадена душа е. Што ќе слават – капитулацијата! Или поразот ќе ни го претставуваат како победа. Ништо не направија и само го лажат народот, се вжештува другиов сосед, споменувајќи некакво работно лето во кое неговата партија ќе одела од врата на врата да ги промовира своите политики! Си отпоздравуваме и со него и секој продолжува по своите обврски, но ваквиот краток утрински дијалог длабоко ме подзамисли. Што се случило со луѓето и државата за толку кратко време.
Соседи што до вчера заедно пиеја кафе сега меѓусебно се напаѓаат и озборуваат како најголеми непријатели. Што ли ќе се случи до септември, октомври, кога се најавува евентуален референдум за идното ново име на државата. Токму оваа едноминутна комшиска конверзација на илустративен начин ја отсликува и длабоката политичка поделеност меѓу граѓаните исто како и поделеноста помеѓу политичките партии.
Зашто кога ги слушате политичките репрезенти од власта или од опозицијата кога говорат на иста тема за момент добивате впечаток како да живеат во две посебни држави. Едната – што добила покана од НАТО и што добила датум за преговори од ЕУ и другата – што не добила ништо од сето тоа, туку доживеала целосен дипломатски дебакл. Едните ве повикуваат да се радувате и да славите на општонародни прослави со музика, фалејќи се дека нивното работење било наградено со аплаузи на отворена сцена, додека другите ве уверуваат да излезете на протести, бидејќи актуелната политичка гарнитура ја распродава државата и нѐ довела во ситуација да добиваме шлаканици од секаде. Во стилот на политичарите, спротивставени сигнали во однос на иста тема емитуваат и професори, академици, дипломати, новинари…

Клучен проблем на Македонија, а особено на македонскиот блок партии, е што воопшто нема ниту некогаш имало соработка за националните и државни интереси. Што политичко подразбираат партиските врхушки под поимот државни интереси – одбрана на криминалот на своите претходници и партиски членови или, пак, исполнување странски директиви, диктати и уцени

Можеби нѐ третираат како малоумни, па мислат дека секоја нивна будалаштина може да помине и слепо ќе им поверуваме на секој изречен збор. Дека се кадарни толку да ни ги исперат мозоците што ќе ја изгубиме способноста за самостојно и правилно расудување и проценување на фактите и околностите. Дека не можеме да разликуваме шлаканица од аплауз и не сме свесни кој што прави за граѓаните и за државата. Затоа уште веднаш да разграничиме некои работи.
Ниту реалноста е толку црна како што сака да ја претстави опозицијата, ниту, пак, иднината ни е толку светла како што тврди власта. Македонија е во една сива зона (за нијансите, посветла или помрачна, може да се дискутира) на неизвесност и поделеност по секоја основа.
Притоа пред македонската јавност и од страна на власта и од страна на опозицијата се пласираат редица аргументи, кои, во најмала рака, не соодветствуваат со вистината и реалноста.
Еве да ја разгледаме прво тезата дека целосното и безусловно прифаќање на спогодбата од мала Преспа, што ни ги отвора вратите на ЕУ и на НАТО, е последна шанса да се надеваме на подобар живот со европски вредности. Тука се манипулира со поимите, последна шанса, подобар живот и европски вредности.
Според истата логика, дали Велика Британија, како еден од основачите на ЕУ и меѓу најетаблираните демократии во светот, нема европски вредности бидејќи излезе од ЕУ.
Или Финска, Шведска, Швајцарија… немаат европски вредности и немаат добар живот бидејќи не се во НАТО.

Еве САД најавуваат излегување од НАТО уште пред ние да влеземе. Што правиме сега! Значи сликата не е црно-бела и не е соодветно да се манипулира со поимите последна шанса и подобар живот. Или земено од друг агол, што ѝ вреди на Грција, на пример, што е членка на ЕУ и на НАТО кога земјата изминативе години повеќе пати се соочи со банкрот, економијата ѝ е сѐ уште во колапс и спроведува тешка санациска програма со ригорозни мерки на штедење. Патем како членка на НАТО има и отворен судир со друга членка на НАТО, Турција, за кипарското прашање. Затоа прашањето ми е дали треба да чекаме подобриот живот да ни го донесе некој друг однадвор или треба да го создадеме тука самите внатре во државата. Тезите дека НАТО или ЕУ ќе ни го донесат не се докрај точни.
Многу соседни држави како Бугарија, Хрватска и други веднаш по членството во ЕУ се соочија со уште поголем бран иселување од едноставна причина што не создале претходно услови за подобар живот внатре во сопствените граници. Ако идното членство во ЕУ ја испразни и Македонија, тогаш кој е ќарот од сето тоа.
Затоа, како што вели Василис Фоускас, професор по меѓународни односи на Универзитетот на источен Лондон, во неодамнешно интервју за нашиот весник – империјалните сили никогаш не ги решаваат проблемите. Тие само ги поправаат. И проблемите на Македонија, кои верувам ќе се согласите не се малку на број, нема друг да ги реши.

Со тезите на Фоускас, кој инаку е Грк по националност, се согласувам и кога вели дека е крајно време во оваа глобална ера на политика на авторитарност да ги обединиме нашите гласови и борба против оние што нѐ делат толку долго: западните империјални интереси и нивните локални застапници. Чија работа вршат нашите локални политички елити, ќе дознаете сами, ако веќе и досега сѐ не ви е јасно. Затоа немојте слепо да верувате во политичката пропаганда, која и досега, но отсега уште повеќе како буица ќе надоаѓа од партиските штабови. Зошто и едните и другите едно кажуваат, а сосема друго мислат и прават.
Ќе ви посочам едноставен пример. Опозицијата жестоко ја напаѓа власта дека ја продала Македонија, прифатила предавнички договор со Грција, дека не сме добиле покана од НАТО итн., додека истовремено сите парламентарни партии ја прифаќаат и поздравуваат поканата од НАТО, во чија основа пак лежи спогодбата од мала Преспа како клучен услов. Што е ова ако не двојна игра, да не кажам лицемерство. Истото важи и за власта, која едно говореше претходно, друго зборува сега. Македонија страда од хронично лицемерство.
За крај уште би додал дека клучен проблем на Македонија, а особено на
македонскиот блок, партии е што воопшто нема ниту некогаш имало соработка за националните и државни интереси. Што политичко подразбираат партиските врхушки под поимот државни интереси – одбрана на криминалот на своите претходници и партиски членови или, пак, исполнување странски директиви, диктати и уцени.
И овие болки не се отсега, туку уште од осамостојувањето и независноста на нашата држава. Се менуваа само улогите и актерите во пропаѓањето и етапното разнебитување на Македонија.
И затоа сѐ додека овие работи не се променат, не гледам големи надежи. Шлаканиците ќе се претставуваат како аплаузи и, обратно, аплаузите како шлаканици. Ќе се слави и ќе протестира, политичарите ќе се менуваат, но она што ќе остане исто се маките и страдањата на народот и граѓаните. И надежта дека нешто сепак ќе се промени на подобро.