Црна или бела, сеедно, битно е мачката да ги лови глувците

Што се однесува до „судирот на концептите“ за безбедносните реформи, мислам дека уште нешто е значајно да се додаде. Камо среќа да има што повеќе вакви „судири“ како што имаше во собраниската комисија. Со тоа на јавна сцена се демонстрира висок степен на демократија, слобода на различни мислења од што само може да произлезе квалитет во интерес на граѓаните. Сакате малку популарна наука за да ја одбранам тезата? Еве вака…

„Вистинска индивидуална слобода не може да егзистира без притоа да постои слободна економија, функционална безбедност и независност на една држава“. Ова е една од познатите мисли што ги кажал поранешниот американски претседател Френклин Рузвелт, чија мудрост можеби треба да се има предвид деновиве кога во земјата се кршат копјата за големата реформа на безбедносниот сектор. А токму тој сектор е есенцијален и за индивидуалците и за колективитетите и за нивните слободи и права, но и за сигурно и безбедно општествено битисување во сите сфери на државата.

Имено, реформите во безбедносниот сектор се исклучително битни за една држава бидејќи со функционален безбедносен апарат дава гаранција за сигурност на институциите и на граѓаните, а сето на крајот е клучен предуслов за стабилен демократски амбиент и одржлив општествен раст на нашата земја.
Она што деновиве разбирливо предизвика внимание во јавноста во овој процес се најразлични коментари во кои видлив беше судирот на концепти и идеи на сите засегнати страни во овие случувања, почнувајќи од дејствувањето на самата владејачка партија, односно различните гледишта на пратеничката Фросина Ременски и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на реформите, па завршувајќи до различните јавни излагања на оваа тема од страна на видни чинители на академската заедница.

Но тоа и воопшто не е толку битно за граѓаните, битно е дека се има квалитетна полемика и размена на размислувања и идеи за едно од најбитните прашања, кое е тангента на функционирањето на сиот државен апарат на нашата земја.
Во основа, според добрите познавачи на безбедносните системи, предлози, идеи и различни концепти може и треба да има во Македонија. Во таквиот контекст, за државата, институциите и за граѓаните е најважно токму преку ваквите полемики и дебати, реформите да создадат услови за формирање високофункционален безбедносен систем, кој е еден од столбовите на една држава што им ја гарантира безбедноста на земјата и на нејзините граѓани.

Накратко речено, прашината што се крена во јавноста за внатрепартискиот „судир“ на два безбедносни авторитета (еден државен еден академски), воопшто не е поента на она што се случи во собраниската комисија. Првата поента ми е дека од „судирот“ ќе излезе подобар квалитет, но имам уште една. Имено, нашиот народ изобилува со мудрост, па и за ова има и своја уникатна народна поговорка „не е битно каква боја е мачката, дали е бела или црна, туку дали таа ќе ги лови глувците“.

Со исполнувањето на принципите заради кои и всушност се прави реформата, ќе може да кажеме дека ќе имаме и стабилна државна клима, која на долгорочен план ќе биде загарантирана и зацврстена, и само тогаш без никаква пречка ќе можеме да констатираме дека ќе може да се создаде т.н. „предвидлив амбиент“ за комплетен развој на целокупното наше општество, на развојот на економијата, стопанството и финансиите, образованието, здравството…

А што се однесува до „судирот на концептите“ за безбедносните реформи, мислам дека уште нешто е значајно да се додаде. Камо среќа да има што повеќе вакви „судири“ како што имаше во собраниската комисија. Со тоа на јавна сцена се демонстрира висок степен на демократија, слобода на различни мислења од што само може да произлезе квалитет во интерес на граѓаните. Сакате малку популарна наука за да ја одбранам тезата? Еве вака: ако на едно тело дејствуваат повеќе сили, нивното дејство ќе биде како на него да дејствува една сила, но во средна насока. Таа сила се нарекува РЕЗУЛТАНТА и таа ги движи телата. Односно преведено за во нашиот случај, од двете различни сили (читај концепти), кои дејствуваат на едно тело (читај безбедносен сектор), се создава резултанта од трета сила (читај опција), која е најквалитетна и која полека но сигурно ќе го придвижи телото (читај безбедносниот сектор), во правец на најфункционален безбедносен апарат што ќе им гарантира сигурност на институциите, на граѓаните, односно на државата. На тој начин ќе се минимизираат или комплетно ќе се отстранат политичките теснопартиските очила, ќе се децентрализира моќта во земјата и ќе се направи деконцентрацијата на извршната власт.

На крајот, да споменам и за менаџментот на човечките ресурси. За нотирање е и фактот дека најдобро во овој момент е и што побргу на одговорни безбедносни функции да се постават професионалци односно аполитични личности, но наедно и експерти во својата област. Таков типичен пример во позитивна конотација е именувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнавање, Ерол Муслиу. Токму во портфолиото на новиот директор не можат да се пронајдат политичко-партиски отпечатоци, ниту сенки. Ете затоа беа и противењата за неговото именување од страна на одредени политички партии за неговото назначување. А веруваме дека токму оваа ластовичка ќе најави квалитетна пролет во нашата татковина. Ете, за крај, тоа беше уште една изрека од нашиот премудар народец.

[email protected]