Закочете, по ѓаволите!

Живееме во време на заутеност. Како да сме под анестезија. Ни лево ни десно. Само право. Несиктер сме вештачка интелигенција. Живеењето и животот ги сведовме на од. Под притисок на желбите, сами си го забрзуваме животот. Несвесно ги намалуваме скапоцените мигови за кафе-видување со комшиите. Исто е и со пријателските средби. Нема искреност, нема смеа од душата. Единствено кавгите се со зголемен интензитет на спротивности. Несвесно си го скусивме скапоценото време на семејните средби, каде што лека-полека се отуѓуваме едни од други. Од просторија до просторија, сите сме или пред чудата од телефони, кои постојано се надградуваат со нови можности за хипноза, или пред електронските сметачи. Тие ни се медијатори, извори на податоци, линкови, апсорбери на нашата свесност, колективна хипноза преку која се внесуваме во виртуелните светови. Некој умен ама зол, убаво ни го натокми и ни го наметна како неминовност. Како начин на живеење, стил на секојдневието, залуденост. Ех, колку убаво би било кога свесноста би ги следела темпото и желбите на развитокот на технолошките иновации. Човекот и напредува и назадува. За жал, повеќе назадува во надградба на личноста и облагородување на карактерот. Не знам дали генерациите ќе знаат дури и да се потпишат. Сета ука на светот ќе биде во нивните технолошки чуда. Горди сме што имаме послушни слуги. Но како кинисало, тие може да се претворат во сурови господари. Во случајов, мозокот ќе почне да атрофира како и сите наши други органи. Лежерност или опуштеност, чекање на готови одговори подготвени од системот. Земја дембелија. Лека-полека, најверојатно нѐ очекува да се претвориме во машина апсорбер што зависи од понудата на софтверот. Веројатно ќе бидат ретки оние со информативна архива во главата што ќе можат да ја проверат точноста на понудените информации што се нудат. Софистицирана контрола врз масите. Од напишаното не се бега, велат нашите стари.

Дронови вакви, такви, секакви. Украински, европски, ирански, турски, руски. Надградени, совршено убиствени, тешко да се подготви одбрана против тие летала на пеколот. Американските нозе некако под черга. Тие сѐ уште користат „застарена“ технологија. Со скапи системи „патриот“ против евтини дронови. Истото тоа беше и со руските скапи системи сѐ до доаѓањето на иранските „шахиди“. Сега масовно произведуваат напредни „гарани“. Имаме борба на машините. Човекот само планира и притиска копче. Арно ама и гине. Машините убиваат живот, а животот е чудесен дар. Сите што користат машини за убивање, сеедно дали по наредба или самоиницијативно, како да се поштедени од чинот на злосторство изведено на далечина. Но совеста нема да им дозволи да бидат ослободени од вина. На дострелот страв, голем број жртви, смрт. Операторите со машините на смртта ниту некогаш се попречкале ниту се запознале со жртвите. На крајот се само безимени противници. Впрочем, што е човекот. До пред некое време можеби беше личност. Сега не е ниту бројка туку само пепел расфрлан по плодните и пустинските територии. Ако имаше израз на ковчестото лице, смртта ќе се насладуваше на жетвата од одземени животи. Важно е дека светот се воодушевува со напредокот на технолошките иновации. Вака анестезирани, ниту чувствуваме грижа на совеста ниту емпатија кон страдалниците.
Територијално распослани на повеќе илјади квадратни километри, сцените на масакрите лека-полека како да се споија во едно. На почетокот се чинеше дека воените активности во Украина и на Ориентот се два далечни, неповрзани конфликти. Малку по малку, како да се насетува нова геостратегиска ујдурма. Голема милитантна мешаница во која не се знае кој со кого е и кој против кого. Се чини дека најстарата континентална цивилизација не извлекла поуки од големите светски војни што протатнија низ Стариот Континент и однесоа милиони претежно млади животи. Личи на галиматијас, на хаос што е надвор од контрола. Апсурд апсурдум! Удри ваму, удри таму, затегни овде, попушти на друго место, потпали ги наивните. Мешаница што пласира само збунетост дури и кај најголемите познавачи на геополитиката. Украинците погодија ирански брод во Касписко Море. Иран се закани со возврат. Потоа извинување од страна на Украина. Веќе научивме кој е на ред за возвратен удар. Фер, нема што. Како во некогашните дуели на џентлмените, иако во нив ништо не е џентлменски. Кој да им верува на секундантите? Чудно но вистинито. Со секој одминат ден, стануваме сѐ порамнодушни на она што се случува пред нашите очи. Некој постојано како да сее немир. Веројатно се натрупани домашни проблеми што тешко се решаваат. Излезот е војна. Некој силно запнал од животот да направи бесмислена форма, робија и пекол. Чудни се овие денешни воени конфликти. Личат на договорено сценарио. Прво јас удирам, потоа удри ти.

Како гледа светот на тоа? Се чини како да е во состојба на длабока рамнодушност. Постои чувство на верување дека станува збор за селективно одбрани цели. Се урива за потоа да се гради. По силните удари од страна на САД, како цел на иранските ракети се сите воени инсталации низ регионот. Веројатно многумина слушнале за генералот Кастер и Литл Биг Хорн. Тажен епилог. Украина и Русија се надеваат на Пирова победа во којзнае која по ред братоубиствена војна. Попусто мислењето дека некој ќе може да господари вечно со екумената. Но кој да го запре убиственото стампедо? Дали постои јунак што ќе стапне на сопирачката на возилото што со загубен управувач ита кон амбисот? Дали постојат желби и иницијативи што ќе им се спротивстават на длабоките заднини од општествените структури во кои се кријат господарите на војната? Дали постои можност цивилизацијата да подзастане, да се вразуми и да се врати на патот на вистинските вредности. Ако не, тогаш не станува збор за цивилизација. Кој го започна, а кој ќе го заврши ова уривачко стампедо? Се разбира, тоа можат да го направат најмоќните на планетата.
Во моментов, киносалите по светот ги полни големиот мегаспектакл „Одисеј“ на Кристифор Нолан. Во филмски обработената епопеја на стариот добар Хомер, носител на една од атрактивните ролји е и Роберт Патисон. Станува збор за бескрупулозен просец кој настојува по секоја цена да го освои срцето на Пенелопа, верната сопруга на Одисеј. Тоа е млад човек што не е драфтуван за декадната војна со Троја. Бидејќи неговото семејство е видно и мошне богато, тој лесно ќе ја одбегне мобилизацијата. Неговото место ќе го заземе бедниот Синај, со намера да обезбеди пристоен живот за своите измачени родители. Троја е местото на многу масакри и сурови човечки судбини. Воедно, преку судбината на Синај следиме образец за сите последователни и идни воени конфликти. Во нив едноставно страда сиромашна младост. Мераклии за жолтици, за ракување со оружје. Сите со куса памет. Ако ги послужи среќата да ја преживеат воената голгота, тогаш е добредојдена и славата. За жал, на многу славни, почит им оддава структура што креирала воен судир за свои интереси. Голем број Синајци има во воените конфликти низ светот. Тажно е што и по толкаво искуство, цивилизацијата упорно настојува да докаже дека има сосема нов лик, нова хумана содржина. Но само мудроста е она што нѐ прави цивилизирани…

Авторот е писател

Љубомир Јованоски