За првпат ЕУ

Горчината во Македонија не ги попречува искрените честитки на Украина, Молдавија и Грузија. И да посакаме нивниот ЕУ-пат да биде поинаков од нашиот, за да не биде насловот циничен коментар „ова ви е прв (пат) Европски совет да отвора преговори“? или „Клучните две недели“ и „уште уставни измени и Македонија во ЕУ во 2030 година“, на моја жалост, се попразни и од двата километри автопат кон Косово. Погрешната насока во која ДУИ и СДСМ ја водат Македонија имаме можност да ја смениме во пролетта 2024 година!

„Европските лидери одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија на историски самит“ е насловот на прес-соопштението од Европскиот совет на 14-15 декември 2023 година и понатаму продолжува „Тоа е значаен момент за луѓето од двете земји, кои постојано го покажуваат своето европско убедување, иако Русија продолжува да ја води својата агресивна војна против Украина и да ја поткопува демократијата во Молдавија.“ Покрај Украина и Молдавија, Грузија доби кандидатски ЕУ-статус, но за почеток на преговори треба мислење од Европската комисија. Спомената е и Босна и Херцеговина (БиХ) – „ќе отворат пристапни преговори со Босна и Херцеговина откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство“. БиХ треба да исполни 14 клучни услови пред да започне со преговори, наспроти Украина, која треба да исполни седум критериуми. За Балканот, на историскиот самит, еден ред „Европскиот совет, исто така, ја повтори својата посветеност на европската иднина на шесте партнери од Западен Балкан.“ Толку!
Што е пораката на Европскиот совет или како што самите се именуваат европските лидери? Но пред тоа, горчината во Македонија не ги попречува искрените честитки на Украина, Молдавија и Грузија. И да посакаме нивниот ЕУ-пат да биде поинаков од нашиот, за да не биде насловот циничен коментар „ова ви е прв (пат) Европски совет да отвора преговори“? Првата порака е дека треба да ни олесни дека не сме дел од историскиот самит, затоа што условот за спомнување е „агресивна војна“ и „поткопување на демократијата“. Конечно можеме да здивнеме, во Македонија и на Балканот веќе нема „испишување историја“ и „поткопување на демократијата“. Тоа е поврзано со втората порака, Русија не е реална закана за Балканот! Балканот е со решен геополитички статус – припаѓа на ЕУ и НАТО.
И затоа може да се стрпи, а во меѓувреме тука е „Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“. Сега приоритет е геополитичко означување на нови територии, Украина, Молдавија и Грузија, за да се превенира Русија. И во моментот, секоја од земјите доби толку колку што е акутно загрозена од Русија. Копенхашките критериуми, и тие политичките и тие економските (Украина и Молдавија имаат понизок БДП од Балканот), се помалку важни од геополитиката. Или, пак, како што кажа Еди Рама, ако не да направиме војна. Или како што уште пред две-три децении кажа Брус Џексон, познатиот НАТО-лобист за Источна Европа (и Македонија), кога ЕУ ќе снема работна сила и Украина ќе стане членка.
Има трета порака за „европско убедување“ на луѓето во Украина и Молдавија. Колку може луѓето во Украина и Молдавија да бидат со посилно европско убедување од луѓето во Македонија, наспроти сите понижувања? Или не станува збор за „убедувања“, туку колку „европски“ сме? Дури либерали, учесници на Шарената револуција, подлегнуваат на (конспирациски) теории дека Балканот нема да биде дел од ЕУ поради европската исламофобија и постоењето автохтона муслиманска популација на Балканот и во Македонија.
И да не бидеме лути, Македонија го доби кандидатскиот статус во сличен контекст. И веднаш да се оградам, Македонија е многу подготвена од Украина, и сега и во 2005 и во 1995 г. Но и со многу поголема подготвеност Македонија немаше да добие кандидатски статус поради противењето на Грција. Но и покрај тоа противење на Грција, во 2005 година, со големо залагање на Тони Блер, Македонија доби кандидатски статус, без датум за преговори, кој сѐ уште го очекуваме. Ми се чини дека тоа беше првпат да се додели кандидатски статус без датум. Целта беше политичка, да се награди Македонија за спроведување на Охридскиот рамковен договор и со тоа делумно да се поддржи тогашната влада на Бучковски, по кризата со референдумот за територијална организација. Од друга страна, можеби тоа беше клучен чекор поради кој Грција одлучи да стави вето на нашето членство во НАТО.
Пораките од Европскиот совет имаат значајни последици за Македонија и се јасни за сите, освен за власта на ДУИ и СДСМ. Во Македонија нема да има ни нестабилност, а камоли конфликт, поради застојот во ЕУ-интеграциите. Во Македонија нема значајно руско влијание, што е вечниот изговор на ДУИ и СДСМ, доволно да ја поткопа демократијата. ДУИ и СДСМ престанете да ги плашите граѓаните со конфликт и Русија! Македонија не оди напред, не поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните промени, туку поради тоа што ЕУ не е подготвена за повеќе од „Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“. Ако некој не верува, нека праша во Албанија. Ако, пак, некој не ѝ верува на Албанија, нека се јави во Бугарија. Да чуе дека промена на Уставот не е единствен услов за нашето членство. СДСМ цело време се обидува со спинови дека нема да има нови услови, за потоа убаво Марија Габриел, министерка за надворешни работи на Бугарија, да потврди дека услов не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола. И со тоа ги потврди аргументите на опонентите на францускиот предлог дека нема нови барања, сите барања на Бугарија се веќе вклучени во францускиот предлог. Во уште еден блед обид за манипулација на Бојан Маричиќ, уставните измени се сведоа на услов за отворање на првото поглавје. А има 33 поглавја. И Црна Гора и Србија по десетина години преговори имаат привремено затворени три, односно две поглавја. „Клучните две недели“ и „уште уставни измени и Македонија во ЕУ во 2030 година“, на моја жалост, се попразни и од двата километри автопат кон Косово. Погрешната насока во која ДУИ и СДСМ ја водат Македонија имаме можност да ја смениме во пролетта 2024 година!
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek