За најчестите ментални проблеми на современиот свет

Со оглед на мојата професија, не треба да зачудува фактот што најмногу пишувам за страдањата што ги погодуваат емоциите, хармоничноста во животот и „душата“ на луѓето. Ова особено е битно во современиот динамичен, стресен и несигурен свет, полн со мноштво предизвици. Ако во овие написи читателите најдат нешто полезно, кое ќе им помогне, јас сум ја постигнала мојата цел. Од друга страна, мислам дека нашиов народ премногу е фокусиран на политиката, економските проблеми, разните актуелни но периферни случувања, а помалку на сопственото здравје, а особено малку внимава на менталниот аспект на сопственото функционирање. А менталната стабилност е најкревка…
Речиси сите научни истражувања и статистики потврдуваат дека основен ризик за менталното здравје е секојдневниот стрес и затоа не траба да потенцирам дека секој треба најпрвин да стане свесен за она што го доживува како стресно, кои манифестации му укажуваат дека таквите доживувања се претвориле во соматизации или во вистинска физичка болест.
На многумина им е познато дека стрес претставува некоја сила или влијание што дејствува на физичкото единство, или пак разни физички, хемиски или емоционални фактори што предизвикуваат телесна или ментална напнатост. Она што е најбитно е дека таквите влијанија може да бидат фактор за предизвикување вистинска органска болест. Во медицината така настанатите болести се означуваат како психосоматски. Според тоа, евидентирањето дека некој е под стрес не значи дека таквата состојба е транзиторна, туку дека постои голема веројатност ако не се реши/надмине навреме, таа е голем ризик за посериозни органски болести. А дека сме под стрес покажуваат мускулната напнатост, срцебиењето, покачениот крвен притисок, потењето, несоницата, промените во апетитот, грчот во стомакот итн.
Една студија направена на огромен примерок испитаници (над 200.000) во Данска, објавена пред една седмица, се задржува на десетте најчести ментални проблеми кај современите луѓе што трпат промени со текот на времето. Поточно, студијата дава показатели дека дури 47 отсто од психијатриските дијагнози поставени во почетокот на консултацијата, со текот на времето добиваат некоја друга манифестација/форма или преминуваат во друга дијагноза. Авторите на оваа студија не се изненадени од ваквите статистики и нагласуваат дека менталните растројства се извонредно динамични и се менуваат во текот на животниот век. Во таа насока, динамиката и промената на развојот на менталното страдање особено се нагласени кај најчестите растројства на душевната рамнотежа. Сепак, како најподатливи на промени се издвојуваат акутните психози, болестите на зависност и депресијата. Од друга страна, како најмалку променливи се покажале дијагнозите за функционално растројство, болестите на исхраната (анорексија/булимија) и сексуалните растројства (еректилна дисфункција, редуциран сексуален интерес без некаков органски причинител).

Секој лекар/практичар сака да го планира вистинскиот тек на третманот и да им укаже на пациентите што треба да очекуваат во следните периоди од животот. Колку подобро е информиран пациентот, толку е подобар видот на третманот, но и успешноста на лекувањето. Да нагласам дека ова главно се однесува на менталните растројства, а не на органските заболувања, каде што динамиката е поинаква.
Меѓу најчестите психијатриски дијагнози во современиот свет секако е депресијата. Ако некој имал депресивна епизода кога било во животот, шансата таа да се повтори во наредните десет години изнесува 60 проценти. Од друга страна, депресивната криза може да е само форма на циклично (биполарно) растројство кај кое се менуваат периодите на депресија со хипоманија и во тој случај уште поголема е веројатноста за повторно добивање депресивни кризи. За појавата на депресија голем придонес имаат други состојби, како – нарушувањата на личноста и растројствата поврзани со стрес. Имено, стресната реакција е најмногу последица на животни настани, како развод или смрт, а депресивното расположение се јавува како најчеста манифестација.
Авторите на спомнатата студија истражувале како се менува дијагнозата кај пациентите откако била примарно поставена.
Значи, 60 отсто од луѓето дијагностицирани со депресивна криза манифестираат нови такви растројства во наредните десет години, 20 отсто развиваат периодична депресија, 10 отсто стресно растројство, додека 5 отсто развиваат растројство на личноста.
Кај болестите на зависност, 52 отсто имаат рецидив на болеста во наредните десет години, 8 отсто развиваат стресно растројство, додека кај 5 отсто се развива шизофренија.

Реакциите поврзани со стрес исто така во наредниот период се повторуваат (кај 36 проценти од пациентите), кај 8 отсто се манифестира депресивна епизода, кај 7 отсто растројство на личноста и кај 6 отсто депресијата добива цикличен карактер.
Сите наоди на ова истражување потврдуваат можни дијагностички исходи по првичната дијагноза поставена од психијатар. Оваа информација е битна не само за лекарите/терапевти туку и за самите пациенти, за да се планира натамошното следење и за да се информира самиот пациент, но и неговото семејство, за траекториите на дијагностичката прогресија.
Со оваа и слични студии се покажува дека ниту една дијагноза што се однесува на менталното функционирање не е сигурна и постојана, туку трпи промени поради самата динамика на растројството. Затоа, пациентите не треба да се сомневаат во стручноста и компетентноста на лекарот што ги лекува, туку да прифатат дека нивната состојба трпи промени и затоа третманот и прогнозата може да се менуваат со текот на времето.
Написов е пред новогодишните и божиќните празници, кога се очекуваат разни стресни ситуации што можат да бидат фактор за емоционална нестабилност, стрес и други ментални растројства. Затоа, треба да се биде внимателен, но сепак да се има некаков оптимизам за идното функционирање.