Време за ескапизам

Празникот на трудот ми е семеен празник, онака како што другите слават верски празници или имаат домашна слава. Први мај е денот на татко ми, работник во „Нова Македонија“. Тоа е празник и на мојата мајка, текстилна работничка што ќе остане дома за да ни се посвети нам, но која беше како од народната „вода стои, Милка не стои“. Но во оваа пригода нема да зборувам за трудот во таа смисла. Можеби повеќе како начин да се побегне од стварноста, да се нурне во нешто (божем) многу важно, што ја бара сета моја концентрација и креативност. Да, зборувам за една состојба на умот во која, верувам, не се наоѓам само јас: се нарекува ескапизам. Една работа е да им се препуштите на некои навики, забава или занимација поради задоволство. Сосема друго е кога свесно бегате од стварноста со надеж дека таму некаде ќе најдете внатрешен мир. Тоа е (признавам) она што го практикувам веќе подолго време. Да не се овие колумни, но и предавањата по политички систем и меѓународна безбедност, којзнае дали воопшто би се интересирала за актуелни теми. Едноставно, неподносливо е не само она што ни се одвива пред очите туку можеби уште повеќе чувството на немоќ, беспомошност, свеста дека не можеш ништо да промениш (иако сè си испробал во некои поборбени и активистички денови).
Неретко ми замеруваат што употребувам странски зборови, но ескапизмот е најсоодветниот израз што ми паѓа на ум. Го дефинираат како бегство од стварниот живот или од одговорностите што тој ги носи. Тој може да биде и бегство од монотонијата, здодевноста, бесмисленоста, која постепено те турка кон амбисот на депресијата (или нешто уште полошо). Но тој не е дијагноза на личноста, туку повеќе одраз на болеста на општеството. Нашите животи – благодарение на системот што нè дисциплинира и од нас прави машини – се чинат предодредени, руинирани. Додека не го чувствуваш тоа, нештата навидум одат мазно: стани си утре порано, дојди си вечер подоцна (пееше нашиот Рацин). Но дури и кај најпослушните шрафови на машинеријата доаѓа до „замор на материјалот“. Ова е особено случај кога си ангажиран во сфера во која би очекувал или барем би се надевал на подобрување, на прогрес – а тоа изостанува, од година на година станува полошо.
Ескапизмот го практикуваме сите, иако на различни начини: некој со алкохол, друг со дијазепам (или наркотици), трет со забава (филм, музика, спорт, ТВ-серии), четврт со сонување со отворени очи. Бегство од стварноста е активноста на социјалните мрежи: имаш чувство дека си активен, дека агитираш или влијаеш на „оние горе“ – а нив мува не ги лази! Уште и ти се потсмеваат или следат кому му ставаш лајк, кој ти е пријател, каде застрануваш. И тоа е начин на кој не само што бегаш од стварноста туку си избркан и од вистинската граѓанска (твоја) сфера. Престорен си во идиот (според старогрчкото значење на зборот idiotes, човек што ги избегнува граѓанските и политичките активности во полисот). Затоа ескапизмот е облик на однесување и на поединци, ама и на колективитети.

На пример, лесно ми е да ви кажам дека под притисок на неподносливата стварност јас си наоѓам спас во книгите, во пишувањето (научни трудови со импакт-фактор што никому не му се важни, најмалку на оние од МОН или многубројните одбори, комисии или евалуатори), во спортот – и во последно време во негувањето цвеќиња. Моето повлекување од јавноста (кое ми го забележуваат и по шест-седум години) нема никаков ефект врз јавните случувања – исто како што немаше ефект ни кога бев постојано присутна во медиумите или во јавните случувања. Но кога една цела група ќе се втурне во ескапизам, ќе се повлече од „сопствените (македонЦките, би рекол Мисирков) работи, тоа веќе укажува на многу посериозна состојба. Сум кажала повеќепати дека не гледам ТВ-дебати (во кои нема ништо дебатно, па дури ни интелигентно или инспиративно), не гледам ни вести, весници читам селективно и главно го користам Јутјуб и за интелектуални и за градинарски потреби. Ми се чини дека ваквото дистанцирање од секојдневниот хаос (или „анархија“ би рекла сега веќе бившата претседателка на Судскиот совет) ми овозможува да ја гледам шумата, без да ме попречуваат дрвјата (или цепаниците). Искрено, почнувам и да заборавам. Очигледно, умот ми прави селекција на она што е важно од сето неважно што има тенденција да направи цунами во процесот на размислување. Во моментите кога ќе се „вратам“ од бегството (обично, за да одберам тема за колумна – за која знам дека е исто така бесполезна и без никаков ефект, ама ајде…), ќе прелетам преку најновите случувања колку да заклучам дека сè е исто, ама полошо. Тенденциите се важни, а тие се поразителни. Сваког дана, у сваком погледу – беше онаа стара филмска реплика… На пример, кога пред извесно време излегов од мојот меур полн со длабоки интелектуални теми и исполнет со мирис на трева, косена трева и цвеќиња, ме собори реата од гнилежот во здравствениот систем: од тиктокерот (едвај разбрав за што станува збор и не ми се веруваше до каде сме стигнале) до смртноста на бебињата. На тоа се надоврзува скандалот на векот со „Бехтел и Енка“ (за што веќе пишував), кој трае и трае – кучињата лаат, карванот врви. Но тука е и Писмото на Тито, упс – пардон, Писмото на Агелер, кое навидум направи дармар во судскиот систем, кој требаше да го оправи. И да не набројувам… нема ЕДНА работа за која можеме да се чувствуваме добро. Ама ниту една, за лек! А отпор нема. Изгледа јас меѓу последните ги откривам убавините и корисните својства на ескапизмот, а заради зачувување на менталното здравје.

Велат, со право, дека суштината на ескапизмот треба да се бара во она од што и поради што луѓето бараат безбедна зона, која нема да ги вознемирува. Некои божем умни глави ќе речат дека проблемот е што мнозина не можат да се приспособат на барањата на стварниот живот и товарот на одговорностите што тој ги носи. Но проблемот е всушност обратниот: оние што се приспособиле на болно општество/систем, кои функционираат или како под хипноза или дури и покажуваат желба да се докажат во таков распаднат систем, се факторите што го перпетуираат неговото постоење. Или што би рекол Хауард Зин, општеството секогаш повеќе страдало од послушноста отколку од отпорот. Ноам Чомски за денешната парализа на граѓаните (и во САД и во другите средини) вели дека е резултат на мешавина од бес, страв и ескапизам.
Неретко се фаќам во замката на преиспитувањето (во моментите кога ќе се вратам): дали сум станала политички идиот? Зарем стариот добар Брехт не велеше дека дури и ако не сакаш да се занимаваш со политика, таа се занимава со тебе и твојот живот. Дали сум себична кога си ги гледам трудовите и цвеќињата, а наоколу сè се урива? Којзнае, можеби под смирувачкото дејство на ескапизмот се убедувам дека сум сторила многу повеќе одошто некој би барал и очекувал од мене. Да, знам дека политиката веќе се занимава со мојата старост и годините и дека ништо добро не ме очекува. Но, стареам и станувам поразумна: со глава во ѕид не се може! Сега е време на некои нови клинци да се зафатат со она што мојата генерација не го доврши (или го запусти). Мене ми останува да пишувам, да сведочам, да творам – дури и ако тоа (сега) не го чита никој. Зависна сум од работата (врокохолик, би рекле). И тоа свртување кон некои помудри луѓе во потешки времиња носи повеќе задоволство и самоисполнување отколку следење бесмислена врева во општество што се распаѓа по сите рабови. Така, мене секој ден не ми е Велигден, ама ми е Први мај.