Власта како политичко оружје за масовно самоуништување на македонската демократија

Дебаклот во најава на оваа власт се очекува како резултат на национално предавство, промашени политички одлуки, програми, ветувања и заложби што политичките лидери на „државотворните“ ги презедоа пред странските нарачатели наместо пред електоратот. После да не се чудат што народот ги доживува како предавници, „адвокати на ѓаволот“. Историјата е преполна со приказни за властодршци што не покажале грижа за оние со кои владееле. Политичкото лидeрство на „државотворните“ во Македонија очигледно предолго беше зафатенo со играње валкана политика, без да се грижи за уништувањето и загубите што се направени во форма на обезличување на државата, корупција, девастирано судство, здравство, образование и сиромаштија на сите нивоа. Такви самобендисани политички лидери успеаја да го уништат системот на благосостојба, да ја поткопаат државата на македонскиот народ и да ја претворат во безлично и безидентитетско општество за сите. Тие се историски терминатори, или она што починатиот американски научник Арнолд Бичман го нарекува „антилидер“. Таков тип на лидер е оној редок поединец што постојано флертува со самоуништувањето, ги живее своите приватни кошмари на јавни места и, додека победува, го планира својот пораз. На антилидерот му треба центар на вниманието за да ја демонстрира својата секојдневна деструктивност. Неговиот политички кукавичлак е структурен и води до лесни морални предавства. Неспособен да ѕирне во иднината и да ги види ефектите од своето владеење, таквиот лидер не само што се субвертира себеси туку со тоа бара субверзија на целото општество. Со него државата галопира кон неповратен, неизбежен колапс, последици што во голема мера се игнорираат кај нас со години. Македонија ги живее таквите политички лидери (се надевам не за долго) и не може да биде горда на тоа. Засрамена да.

Времето за оваа власт стана политички изговор. Но, заборава дека времето е сурово и никому не му простува. Можеби затоа и власта со невидена ароганција и, без политички програми и политичка борба, секогаш зборува за промени… во иднина. Наместо акција за промени, со години гледаме како трча напред-назад и се полтронира, меѓу центрите на политичка и финансиска моќ и нивните централни комитети, заборавајќи на оној од кого го црпи легитимитетот – народот. Нејзината политика ги турна државата и нашата иднина во бездната на темнината. Политичкиот пејзаж е застрашувачки и заматен, бидејќи никој веќе не знае каква ќе биде судбината на земјата. За жал, со оваа власт општествениот договор во форма на устав стана речиси излишен. Сите три столба на државата се во режим на борба, што ги поставува прашањата за одржливоста на самата држава. Речиси е невозможно да се разбере како македонската демократија толку лесно e фрлена на колена и како дозволи да се инсталира клептократска диктатура со многу малку противење. Сепак, на крајот народот ќе ѝ наплати на таквата власт, вртејќи ѝ го грбот и отфрлајќи ја нејзината молба да ѝ даде уште една шанса. Нема и не смее да има друга шанса. Невозможно е да се размислува за уште четири години секојдневни закани, злоупотреби, корупција и целосно отсуство на каква било одговорност кон македонската јавност. Оваа „власт е дискредитирана во очите на оние чија доверба ја предаде. Како, по сѐ, да не ги исмевате историските години на промени со оваа власт, кои донесоа обезличување на државата и нејзино економско деградирање: сакате лидерство за потсмев; лажна понизност; шупливи гестови на несудени нобеловци и кловнирање на премиери. Народот ќе ги проколне нивниот спомен и нивното предавство на благородната кауза. Онаа македонската, која не можат ниту да ја изговорат, а не пак да ја поддржат.

Кога ќе размислам подобро, имам предлог до власта за политички слоган со кој ќе излезе на изборите следната година: „Не ми е грижа за националните последици сè додека го добивам она што го сакам“. Мислам дека ваквиот слоган кореспондира со реалноста, зашто „државотворните“ направија повеќе за да ги поткопаат основните начела на македонската демократија отколку што можеше да направи кој било странски агент или странска пропагандна кампања. Оваа власт е политичко оружје за масовно самоуништување на македонската демократија. Македонија под оваа власт стана лабораторија на авторитаризам. И уште еден од поопасните аспекти на политиката на „државотворните“ што ја промовира Заев е начинот на кој таа може да ја обезличи личноста на политичарите. Моќта што им е доверена на луѓето од власта ги направи најмоќни личности во земјата, толку многу што веруваат дека тие се подарок за народот и без нив земјата би била во застој. Очигледно страдаат од заблуда за нивната големина во општеството. Таквото верување е самоуништувачко, и лично и за државата. Тоа верување создаде возвишен наратив за нивната важност што стана самоисполнувачко пророштво што ќе доведе до нивно самоуништување на изборите што доаѓаат. По изборите тие нема да имаат никакво значење во колективната меморија на луѓето и сеќавањата за нив нема да се негуваат врз основа на нивното наследство. Затоа време е власта да замине во сенка. И тоа дебела сенка за подолго време.