Вивисекција на националното пропаѓање на Македонија

Досега мислев дека социјалдемократијата и неолиберализмот обично се третираат како спротивставени филозофии, при што секоја од нив повлекува радикално различни визии за тоа како треба да биде структурирано општеството. Но, како што гледам, кај нас социјалдемократските и неолибералните пристапи кон концептот на националната држава можеби имаат повеќе заедничко отколку што мислев досега. Нашиве „неолиберални социјалдемократи“ звучат модерно кога зборуваат за националната држава на македонскиот народ колку и Леон Троцки во 1934 година, кога повикувал да се ослободиме од националната држава: „Решението на ова прашање може да се постигне… со целосно ослободување на продуктивните сили од оковите што им ги наметна национална држава“. За малку ќе помислев дека социјалдемократите се западно ориентирана партија, а тие да ти го следеле наративот на вистинските комунисти. Ем комунисти ем социјалдемократи ем неолиберали. Три во едно.
Од плиткоста на нивните аргументи и заробеноста на умот не гледаат дека нивната победа над националната држава ќе се смета за еднаква на уништување на сите основи на нашиот општествен живот. Лишени од организам на национална држава, гледаме како македонското општество е предодредено да биде втурнато во незамислив хаос. Еден „елитен глобалист“, за какви се продаваат социјалдемократите, може да се потсмева на концептот на национална држава и гордо да се декларира како „граѓанин на светот“ или Европа, но не гледа дека повеќето луѓе не размислуваат за себе така. Само како потсетување: националните држави инспирираат лојалност на начин на кој Обединетите нации или Европската Унија не успеаја да го направат тоа. Не можете Македонија да ја оквалификувате како инкубатор за национализмот и истиот тој да го третирате како главен непријател на системот, зашто на тој начин влегувате во замката на одрекување на двете негови најважни креации: нацијата и националната држава. Или тоа им е целта. Толку се плитки во умот што не гледаат дека национализмот, правилно разбран, може да биде позитивна сила, заварувајќи ги инаку различните луѓе заедно да изградат пристојно општество, да обезбедат компетентна влада и да се соберат за да се одбранат од напади. Затоа ми пречи ваквото разбирање на национализмот и националната држава (безмалку Македонците се нацисти), кое е израз на интелектуална незрелост и политичка кусогледост. Исто така, целиот концепт и разбирање на национализмот, кој ми го наметнуваат како лош и деструктивен, има малку заедничко со досегашните достигнувања на современите општествени науки. Но, кој да чита и да разбере. Никогаш социјалдемократите нема да разберат дека да се има заедничко чувство за идентитет, норми и историја – т.е. национализам – генерално промовира доверба. Националната држава ја дава онаа нужна врска на граѓаните со сопствената земја, врска што наметнува морални обврски на два начина – граѓаните се должни да ја сакаат и да ѝ служат на својата земја, а владите се должни да го заштитат својот народ.

Очигледно за оваа власт опстанокот во политиката е императив, додека националното е демоде. Ако имате дилема во ова што го говорам, погледнете каде е Македонија денес како национална држава со оваа власт: во напредна состојба на политичко и морално распаѓање, од кое изгледа не може сама да се извлече. Што, всушност, сакаат социјалдемократите денес? Тие ни ја проповедаат идејата за слобода, сфатена од нив како недостиг од ограничувања. Тие се за укинување на ограничувањата од секаков вид; не само економски туку и оние наметнати од семејството, државата и културата (нацијата). Затоа социјалдемократите ја сметаат националната држава за свој главен противник; институција што го обликува секое општествено постоење со воведување и одредени ограничувања. Без чувство на национална припадност не може да го разберат концептот на национална држава. Затоа толку лесно влегоа во процесот на обезличување на нацијата и укинување на нејзината национална држава. Со нејзиното распродавање. Сѐ друго за нив е триумф на популизмот и национализмот.

Пред 400 години, Вестфалскиот договор го воспостави национализмот како легитимна идеологија врз основа на која владеат државите. И ќе продолжи да живее денес во овој свет на национални држави. Дури и со одредено слабеење на нивната моќ со глобализацијата, нациите остануваат централна форма на политичка заедница – клучните единици што ги имаме денес за спроведување на правдата. И така, колку што нациите се тука да останат, толку е и национализмот. И ова е затоа што во својот корен, национализмот особено е моќен тип на групен идентитет. И, како таков, ја исполнува и основната биолошка потреба што ја имаме како луѓе за живеење во групи, како и психолошката потреба за заедница како извор на валидација, и самопочит, давајќи ни чувство на автономија. Денес толку потребно на Македонија. За сите, освен за следбениците на социјалдемократите.

Проф. Звонимир Јанкулоски