Кој ќе победи во Македонија: Америка или Русија?

Изборен шпил 2024

Со денешниот почеток на претседателските избори во Русија почнува годината во која ќе се случува планетарен изборен спектакл. Во 65 држави, со население што има 4,2 милијарди жители, ќе се избираат политички опции и политичари што ќе ги водат државите во навестените турбулентни времиња. Значи, ќе се гласа во Руската Федерација, во Индија, Обединетото Кралство, Индонезија, Пакистан, Јужна Африка и други помали држави.
Ако наброените земји се далечни за нас, од меѓународна важност за Македонија ќе бидат изборите за пратеници во Европската Унија во јуни и, секако, претседателските избори во Соединетите Американски Држави, традиционално во ноември. Резултатите од овие избори ќе рефлектираат во многу настани во нашата држава, каде што веќе е во тек новиот изборен циклус за претседател на државата и за пратеници во Собранието.
Иако кампањата на политичкото бојно поле не е разгорена, се шири списокот на теми што ќе бидат во центарот на пресметката меѓу трите водечки партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Обично се вели дека изборите се празник на демократијата. Но, како што се гледа од македонските искуства, таа флоскула малку важи кај нас, а во последниве децении вклучувајќи ги и изборите во Америка, кои сѐ повеќе добиваат балкански карактеристики. Секој празник на демократијата кај нас раѓа ново јаболко на раздорот и разидувањата.
Искуството од повеќепартизмот во Македонија покажува дека изборите и периодот по нив наместо да водат кон смирување на општествените тензии, тие се движат во спротивна насока – судирите меѓу партиите се распламтуваат, државата не излегува од долгата криза со низок интензитет.
Иако македонските изборни циклуси се одликуваат главно со локална приземност, тоа не значи дека низ нив не се води дел од високата светска политика. Освен домашната, токму таа „светска“ политика ќе биде во центарот на изборите што претстојат. Да биде појасно: Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ ќе го наметнуваат глобалистичкиот и либералниот поглед на светот, а ВМРО-ДПМНЕ суверенистичкиот. Првите брзо-брзо се откажаа од формирање таканаречен проевропски фронт, а вторите не се ни обидоа да формираат национален сојуз со други партии.
Со други зборови, клучната точка во кампањата ќе биде дилемата пред определбата меѓу влезот во ЕУ веднаш и по која било цена или влезот во ЕУ нешто подоцна и не по која било цена. Поконкретно, дали со Република Северна Македонија треба да управуваат САД и ЕУ, односно западните амбасадори, или државата да задржи дел од самостојноста во донесувањето на најважните економски, политички и национални одлуки.

Определбата за или против не е ниту лесна ниту едноставна, имајќи ги предвид тенденциите Европа да се милитаризира наместо да се демократизира, предизвик што го наметна руската војна во Украина. Мултиетничкиот блок на СДСМ и на ДУИ го преферира и ќе го форсира моделот – ние сме НАТО и ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја декларира минимум суверена Македонија, позиција што ќе биде критикувана дека е еднонационална, популистичка, па дури и националистичка. Судирот на тие две тектонски плочи ќе ја тресе Македонија подолг период иако државата практично е составен дел од сферата на американското и западноевропското влијание.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) умешно, како и секогаш, се појави со ново пакување на изборниот процес, откако ја заборави „зелената агенда“. Фрла нови чадни бомби со сѐ почестото настојување да го вметне во него и рускиот фактор, односно Русија и нејзиното влијание. Али Ахмети и компанија наметнуваат политичка дигресија во која македонскиот народ се наоѓаше пред 78 години, во времето на Информбирото. Тогаш, во новоослободена Народна Република Македонија луѓето беа натерани да се изјаснуваат дали се за Тито или за Сталин, поточно за Запад или за Исток.
За кого сте, за Запад или за Исток, е прашање што сега го уфрлува императивно ДУИ. Декларирајќи се отворено како алка на Америка во Македонија, партијата на Албанците им го пика под нос на Македонците кукавичиното јајце дали се за Америка или за Русија. Изјаснувајќи се дека во никој случај нема да коалицира со партија што има проруски погледи и ставови, ДУИ индиректно фрла анатема врз ВМРО, за која анкетите покажуваат сигурна победа. Кон тој „малким“ се придружија и другите албански партии, изборни ривали на Али Ахмети. Во прорускиот кош е ставена и Левица, но главните стрели се упатуваат кон поголемата партија.
Антирускиот наратив е прифатен, иако не толку форсиран од СДСМ, како и од медиумите и аналитичарите наклонети кон мултиетничката коалициска опција. Сигурно дека наративот од тој вид ќе се шири со ексклузивности, можеби и со покажување со прст кон оние што ќе бидат означени како проруски или антинатовски и антизападни профили.

Во таа насока најверојатно не е случајно што се видливи намерите на некои кругови во целото замешателство да биде вовлечена и Македонската православна црква со директните обвинувања дека дел од неа е шпионско легло на Русија. Ништо тука нема случајно, па макар и да има грам вистина, како што има вистина дека со внесувањето сомнеж во верата и црквата се фрла сомнеж и врз народот.
Анкетите, барем засега, покажуваат дека поголема поддршка кај гласачите би добил националниот концепт на ДПМНЕ на сметка на глобалистичкиот, западниот. Впрочем, јавна тајна е дека мнозинството граѓани не го поддржуваат концептот Република Северна Македонија соголена и обесправена да почне преговори со ЕУ, нешто што го заговара таканаречениот француски предлог, ставен под клуч во собранискиот подрум. Од тие причини има разлика и во приодот кон пропагандниот дел од изборите – актуелната власт се потпира на помошта од Вашингтон и Брисел, опозицијата бара поддршка на домашен терен, од домашните гласачи. Со манифестираниот приод може да се надева на победа, доколку во меѓувреме не се случи некој скандалозен пресврт, домашен или увезен од странство.
Кој ќе победи на претседателските и собраниските избори во Македонија (сега Северна)? Оние што водат во анкетите или оние што таму губат, а добиваат предност на друго место? Америка или Русија – прашање е сега. Чудно прашање, нели?

[email protected]