Уметничката бижутерија и културната престолнина

Минатата недела во организација на секогаш општествено одговoрниот и активен кабинет на претседателот Ѓорге Иванов, во рамките на „Иницијативата за силата на културната дипломатија“, беше организиран панел-разговор на темата „Скопје 2028 и моќта на креативноста“. Музејот на градот Скопје, неговото фоаје, кое во секоја смисла ја детерминира руината на престолнината преку урнатините на старата железничка станица, ми се виде како најточното место каде што ќе се соочиме со фактот дека живееме во културни рушевини. Панелистите, сериозни луѓе, беседеа за тоа како тие го гледаат не ова Скопје денес – за кое мудро се еманираше на адекватно учен јазик, кој колоквијално градот го дефинира како културна депонија, туку за тоа како тие ја замислуваат престолнината во иднина, утре, евентуално задутре, кога во годината 2028 овој град Пепелашка ќе блесне со сјајот на град Принцеза! И мора да признаам, панелистите имаа што да кажат – на самите себе! Освен публиката, која беше составена од уметници, културни професионалци и новинари, на другата страна од панелот го немаше градот,кој требаше да слушне и да си „фати белешки“ за тоа „шчо треба да се праи за потака“, ко што пред 123 години од далечниот Петроград гласно се прашал Крсте Мисирков. Нејсе, во еден момент, на средината од панелот, си замина и министерот за култура. Разбирам, уметноста и културата се здодевни кога за нив зборуваат уметници и културњаци. Сѐ е тоа – па тоа. Мора да се признае. Во овие динамични времиња има толку важни работи, толку поважни од настанот, кој полека ама сигурно од „наша културна гордост“ може уметнички да транспонира во „туѓа културна срамота“. Но форумот, сосе панелот, си продолжи и заврши онака како што во суштина и треба да се одвива каква било расправа од какви било уметници за што било уметничко. Дотука разбравте дека не сум некој голем љубител на уметници и уметност? Нели?
Драги мои, уметноста е дијалог, единствено и само со самиот себе. Секој обид на уметникот и уметноста да им се стават функции што не ги поседуваат ги прави нефункционални, во што во крајна смисла се претвори и панелот што требаше да биде метафорично поместување на стрелките на часовникот на музејот, кој е застанат на пет и петнаесет наутро на пет до дванаесет навечер! И така, уметниците си зборуваа – уметниците си слушаа, на крајот си самоаплаудираа и заминавме на коктел. Проклет да сум, ама во Македонија секогаш добро се јаде. И храна! А таа вечер трпезата беше извонредна. Но, не го наоѓам кабает организаторот на настанот и асталот, напротив, како и другпат кабинетот на претседателот Иванов бил пред сите кога треба да се зборува за теми што другите ги одмолчуваат. Не знам дали е затоа што се плашат да им го кажат името? Дури и кога тоа им е работа. Се наоѓам кабает себеси затоа што и понатаму наивно верувам дека стихијата може да се запре со дијалог! Со добра волја. Со разговори. Со панели. Со настани. Со кажувања. Со аргументи?! Стихијата што во оваа земја ги носи сите достигнувања што дење ги правиме со посветеност, мака и труд – ноќе ги носи силата на матната и надојдена река на оние што дење го премолчуваат а навечер ги мразат овој народ, оваа земја и нејзините културни достигнувања. Не знам зошто не сакам да се соочам со фактот дека пред стихијата е лудост да се стои?!

Никој никогаш не победил стихија. Особено ако се нарекува културна и уметничка. Умно е да се тргнеш подалеку од тоа бесно водиште и да чекаш да помине. Друго нема. Тие што го правеле тоа, го прават и ќе го прават за во иднина, е тоа се медиокритетите во уметноста, како и во сѐ друго, тие мудро и умно ќе се замолчат, ќе се истават и ќе чекаат да помине „лудата Мара“ на времето. И откако текот ќе се врати во коритото, тие во уметничка егзалтација ќе се нурнат во тињата, од која ќе го излечат она што било силно, па преживеало. Ќе го измијат. Ќе го исчистат и ќе си го претстават како свое животно дело. Во блатото, во калта, во ѓурлукот се кријат најубавите дела на духот наречени уметност! Од Пепелашка до Принцеза. Од Пепел до Феникс. Така било, така и ќе биде. И да не испадне дека кобам, еве тука ќе завршам со оваа мала репортажа од настанот од кој очекував, како што рече еден од панелистите – уметниците да ја претстават својата визија, а градот и државата да ја претстават својата стратегија! Визијата, како и секоја друга творечка еманација, во моментот кога ќе се изговори тргнува по своите имагинативни духовни патишта и со својата волшебна сила стасува до умот и душите на оние што таа визија ќе ја претворат во стратегија што ќе произведе инсталации, скулптури, слики, претстави, филмови, танци, музика и сѐ друго што светот на уметничката фантазија го простира и утврдува до безграничноста на сознанието и духовните достигнувања.
Драги мои, секој обид уметноста да се користи како алатка за реализација на политички цели завршуваат со дебакл и недоразбирања поголеми од тие што постоеле и пред некакви уметници да се замешаат во работи што не ги разбираат. Уметноста никогаш не може да решава проблеми што не се еманентни на нејзината суштина – да биде конструктивна. Уметноста е деструкција. Уметноста е конфликт. Уметноста има една и единствена крајна цел – да ги руши вредностите и од нив да создаде нови, вредности што се егоистична еманација на нивниот творец или творци, ако станува збор за колективно уметничко дело. Уметноста нема цел да помирува, туку да раздвојува, да одделува, да антагонизира, да предизвикува немир и страв, а не мир и спокојство. Уметноста не е религија. Уметникот не е Бог, колку и да се обидува да се вообрази во нешто обожено. Уметникот е дете на ѓаволот, ако веќе не е тој самиот. Уметноста, во секоја смисла, е нечестива и нечиста работа. Уметност се прави со најголемите валканици на духот и телото. Уметникот е вообразен, самољубив, безумен и острастен човек, кој за своето дело е подготвен да ги направи сите оние работи што ги правеле разните литературни фаустовци или шлемили. Но и многу живи луѓе. Уметници, луѓе. Така било, така и ќе биде.

Дали уметноста може да биде мост помеѓу човечките недоразбирања и човечките помирувања? Не. Тоа е невозможно. Во принцип, создавањето уметничко дело, од кој било вид, од кој било жанр, е производ на желбата на авторот да постигне мир – но со самиот себе. Во принцип, најголемите уметнички дела се инспирирани од човечката деструкција и човечкиот порив да војува. Уметниците биле тие што пишувале, зборувале, играле, цртале или вајале дела што повикуваат на мир. Од Омир до ден-денес уметноста е повик на мир, на помирување, на простување, на подавање рака едни кон други. Но, и покрај сѐ што е напишано и создадено од уметници а повикувало на мир, човекот и човештвото го игнорирале и ги продолжувале своите битки и војни. На крајот од деведесеттите години од минатиот век во поранешна Југославија беше достигнат зенитот во уметноста и творештвото, кои на секаков начин и во секаква смисла беа еманација, собир, заеднички дух на десетина нации, неколку религии, политички и социјални убедувања, па дури и цивилизации. Тоа беше времето кога уметноста го достигна својот катарзис и милиони тогашни Југословени се идентификуваа со тоа, ама навистина силно и моќно творештво, кое повикуваше на мир, љубов и толеранција. И една година подоцна, таа земја се растури и пропадна во прав и пепел. Нема подобар пример за тоа дека уметноста нема сила да ги менува луѓето што консумираат уметност. Уметноста не е коректив на ничие поведение. Уметноста не може да ги направи луѓето поразлични од тоа што се! Го видовме сето тоа во оние деведесетти југословенски години, кога стотици илјади млади и образовани луѓе, од рок-концерти на кои во еден глас пееја за мир и љубов заминуваа на фронт каде што меѓусебно се мразеа и убиваа! Беа тоа генерациите што денес ги нарекуваат образовани, осознаени и свесни! Глупости, лаги и забулуди. Да се остава на уметноста и уметниците да решаваат проблеми создадени од политика и политичари е недоговорена работа. За мене тоа е чин рамен на дезертерство или предавство. Уметниците во оваа космогонија не го создаваат светот во кој се живее реално. Уметниците и уметноста се само украс во животот на луѓето. Уметноста е само облека, одежда. Уметноста е накит. Некогаш златен, некогаш сребрен, некогаш бронзен. А некогаш и бижутерија. Денес живееме во свет на уметничка бижутерија. Светкава и привлечна. Боже, колку убава глупава лага?!

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“

Јани Бојаџи