Стратегиска европска грешка – укинување на слободата за движење за земјите од Западен Балкан

Не треба да се има никакви дилема дека воведувањето и почетокот на работата на овој систем за балканските земји ќе значат крај за слободното патување во земјите од шенген-зоната и укинување на единствената опиплива придобивка од процесот на европската интеграција. Со други зборови, визниот ѕид повторно се издигнува, но сега во дигитална и уште побезлична форма

Зошто Европската Унија повторно го става Балканот во визно гето? Според најавите што доаѓаат од Брисел, ЕУ ќе започне да го применува системот ЕТИАС веќе следната 2023 година. Европски систем за информации и овластувањa за патување е замислен како целосно електронски систем што овозможува и води евиденција за посетителите од земјите на кои не им е потребна виза за влез во шенген-зоната. Се чини дека американскиот електронски систем за овластување за патување е земен како модел за воспоставување на соодветниот европски пандан. Новата постапка ќе подразбира патниците да поднесат потврда за својот идентитет, да испратат копија од патната исправа и да одговорат на низа прашања за причината за патување и прашања поврзани со нивниот работен ангажман, примања, семеен статус, кривично минато, престој во конфликтни држави и на други теми од безбедносен карактер. Системот ќе наплаќа и такса од 7 евра за сите патници на возраст од 18 до 70 години, па потоа ќе треба да се чекаат одговор и одобрување на барањето пред да може да се пристапи кон самото патување. Единствена олеснителна околност е тоа што таквото одобрување би важело во следните три години, кога граѓаните ќе бидат принудени повторно да поминат низ истата процедура.
Не треба да се има никакви дилема дека воведувањето и почетокот на работата на овој систем за балканските земји ќе значат крај за слободното патување во земјите од шенген-зоната и укинување на единствената опиплива придобивка од процесот на европската интеграција. Со други зборови, визниот ѕид повторно се издигнува, но сега во дигитална и уште побезлична форма.
Да се каже дека е срамно е малку. Да се каже дека немаше полошо избран момент, не ни опишува колку е длабока оваа европска стратегиска миопија. Но, да се каже дека Европската Унија со оваа одлука го цементира впечатокот на земјите од Западен Балкан дека нивните државјани се непожелни како полноправни граѓани на ЕУ, а нивните земји се непосакувани како рамноправни партнери во Унијата, точно ја погодува вистината.

Визната либерализација беше огромна придобивка за балканските граѓани. Израснаа цели генерации што немаа никаков контакт и никаков однос со своите европски врсници. Физичката изолација, пак, создава плодно тло за сите видови радикализми, шовинизми и други извитоперени политички идеи. Затворените граници го затворија и балканскиот ум, па ги ничкосаа и културата и образованието и пристојноста низ регионот. До ден-денес не успеваме да се ослободиме од сите расипани политичари, „контроверзни“ бизнисмени, хохштаплери, измамници и бандити што жареа и палеа во мрачните 1990-ти. Да не зборувам, пак, дека Хашкиот трибунал „пропушти“ да казни дел од воени лидери што му го одзедоа мирот на балканскиот граѓанин и направија серија грозоморни воени злосторства, но сè уште глумат неопходни политички чинители во дел од земјите во Западен Балкан. Најдобра политика против сите форми на радикализам и сите извитоперувања во политиката се отворениот ум, отворените граници и отворените пазари.
Сега помина долго време, па може отворено да зборуваме на многу нешта. Клучен политичар на Балканот што стратегиски се избори за визната либерализација беше поранешниот српски претседател Борис Тадиќ. Тој успеа да ги убеди европските политичари дека визната либерализација ќе биде клучниот зачин што ќе ѝ овозможи на „европска Србија“, олицетворена во неговата кандидатура за претседател, да ја победи „заостанатата Србија“што бара враќање во несреќните балкански 1990-ти, претставена преку кандидатурата на тогашниот радикал Томислав Николиќ. Имајќи предвид дека Србија е стожерна земја во Западен Балкан, европските политичари не беа расположени за експерименти, па го преточија ветувањето кон Борис Тадиќ во конкретен план, со прецизно утврдени критериуми, кои им ги испорачаа на сите балкански земји. Јас ја имав таа среќа да раководам со политичката и стручната координација на македонскиот тим за визна либерализација и одлично се сеќавам на сите детали од процесот. Имавме по два координативни состаноци секоја седмица, со јасно реферирање на сите политички избрани функционери и на сите стручни соработници од над дваесетина различни државни институции. Беа вложени милионски средства во унапредување на дигиталните системи за интегрирано гранично управување, но и на сите други аспекти од политиката за азил, миграции, антидискриминација, справување со трговијата со луѓе, царински контроли и така натаму. Секретаријатот за европски прашања изработуваше неформален документ за прогресот, кој се иновираше секој понеделник и кој се дистрибуираше до секој пратеник од Европскиот парламент, до сите членови на комисиите за надворешна политика од сите земји-членки на ЕУ, до Европската комисија и Советот на ЕУ, но и до сите министерства за надворешни работи, министерства за внатрешни работи, министерства за правда, европски прашања и други соодветни тела во секоја земја-членка на ЕУ (и на шенген-зоната). Сведочевме на своевиден натпревар во македонската дипломатска служба помеѓу македонските амбасади која од нив ќе покаже најголема пробивност. На крајот, Македонија беше далеку пред сите други земји од Западен Балкан и доби врвни оценки во сите сегменти што беа предмет на европска верификација.

Оттогаш поминаа цели тринаесет години, а визната либерализација темелно го преобрази македонското општество. Слободата на движење во шенгенскиот простор донесе голем број придобивки за македонските ученици, студенти, професионалци, но и за секој македонски граѓанин што може слободно да одлучи во секој момент да отпатува низ Европа, било за некои работни обврски или за краток студиски престој или едноставно туристички. Европската интеграција стана опиплива за секој Македонец (и за сите жители на Западен Балкан), а не некоја недостижна цел високо во небесата.
Сега е 2022 година и процесот на европската интеграција за Западен Балкан, за жал, е закочен, без никаков јасен датум за негово продолжување. Бесконечниот од на сите земји од регионот кон Европската Унија ја изгуби целата смисла, ја изгуби јасноста и, што е најтрагично, ја изгуби конечноста. Годинава почна и воен судир на европско тло, по руската инвазија врз Украина, прва конвенционална војна во Европа по Балканските војни од 1990-тите и од 2001 година, но и најзлокобна европска воена пресметка по Втората светска војна. Сите балкански земји, со делумен исклучок на Србија, јасно и недвосмислено зазедоа страна во судирот и ја поддржаа борбата на Украина за нејзиниот територијален интегритет, но и за сопствениот суверенитет и одбрана на украинскиот идентитет. Сето ова е сторено со големи жртви за балканските земји, кои штедро ѝ ги ставија своите скромни воени арсенали на Украина, воведоа санкции кон Русија на сопствена штета и заеднички ги преземаат сите последици од војната, кои вклучуваат и драматичен пораст на цените на енергентите, храната и другите намирници, осиромашување на граѓанството и пад на животниот стандард, како и пресериозно губење на конкурентноста на кревките домашни индустрии. Европската Унија покажа дека умее да даде јасна политичка поддршка, па надвор од сите процедури ѝ го даде статусот кандидат на Украина (во пакет до Молдавија), а ја стави и Грузија на тој пат. Од друга страна, балканските земји не добија ништо, иако ЕУ можеше да испрати уште посилен сигнал до Русија и до целиот свет доколку веднаш ги примеше сите земји од Западен Балкан во Европскиот економски простор, па дури и да го забрзаше пристапниот процес со итна одлука за прием на сите балкански земји.

За жал, наместо тоа, Европската Унија избира среде војна да ги казни земјите-кандидати од Западен Балкан и нивните граѓани со повторно подигнување бариери и ограничување на слободата на движењето, преку повторно воведување на визите, со таа разлика што сега се дигитални и што веќе не се викаат визи туку некако поинаку. Ова е политички необмислена одлука, предизвикана единствено како концесија кон најгнасните и најмрачните антимигрантски, расистички и ксенофобни струи во јавното мислење од земјите на Западна Европа. Еден евтин популистички трик дека нешто се презема на темата пораст на миграција, насочен кон домашната политика, ќе има далекосежни стратегиски импликации во земјите од Западен Балкан. Тукашниот граѓанин оваа одлука ја чита како јасна порака: „Не ве сакаме! Не сте посакувани како рамноправни европски граѓани! Вашите земји не може да бидат полноправни членки на Европската Унија!“ Ова е токму спротивната порака од таа што Европа треба да ја испрати во воената 2022 и 2003 година.
Се надевам дека оваа вест ќе послужи како аларм за нашите државници и дипломатии. Единствено одлучна и заедничка акција на сите земји од Западен Балкан, без пардон и без ракавици, унисон настап пред Брисел, Берлин, Париз, Хаг, Копенхаген и Рим, каде што гласно ќе се укаже на бесмисленоста на одлуката за укинување на слободата за движење на државјаните на Западен Балкан, може евентуално да даде плод. Потоа претстои уште една битка, повторно заедничка, каде што земјите од Западен Балкан ќе треба да го извадат Брисел на чистина. Овој статус веќе е неодржлив, затоа што личи на неоколонијален однос. Европската Унија должи одговор кон земјите од Западен Балкан дали и кога ќе продолжи европската интеграција. Во меѓувреме, барем да ни се уважи минималното достоинство и човеков дигнитет, што подразбира и непречена слобода на движење за граѓаните од Западен Балкан низ Европската Унија. Кога сме веќе сојузници, барем да се почитуваме!

Ивица Боцевски