Фото: ЕПА

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ БАРА ОБНОВЕНА ПОЛИТИЧКА ПОСВЕТЕНОСТ ЗА „ЕВРОПСКИТЕ“ РЕФОРМИ ВО МАКЕДОНИЈА

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои извештајот за Македонија на известувачот Томас Вајц со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“. Во документот се оценува дека „земјата останува посветена на европската интеграција“, но се нотира недоволен напредок во клучните реформи. Вајц оцени дека извештајот доаѓа во важен момент за политиката на проширување на Европската Унија и порача дека иднината на Македонија е во ЕУ, под услов да продолжат реформските процеси.

Европратениците сметаат дека „поларизацијата ги кочи реформите“ во нашата земја

Иако европратениците во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) констатираат дека „демократските институции продолжуваат да функционираат задоволително“, тие предупредуваат дека „силната политичка поларизација ги одложува реформите и важните институционални именувања“. Во извештајот се повикуваат сите политички партии да ја намалат конфронтациската реторика и да покажат поголема меѓупартиска соработка во интерес на европската агенда. Посебно се забележува доцнењето на сеопфатната изборна реформа.

Корупцијата и владеењето на правото остануваат како силен предизвик

Европскиот парламент изразува „загриженост поради ограничениот напредок во независноста на судството и борбата против корупцијата“. Се оценува дека „корупцијата и натаму е широко распространета, а разликата меѓу поведените истраги и правосилните пресуди за висока корупција останува значителна“. Според европратениците, „економскиот развој и инвестициите зависат од посилно владеење на правото и поголема правна сигурност“.

Уставните измени остануваат клучен услов (!?)

Извештајот ја повторува позицијата на Европскиот совет (ЕС), имено дека „отворањето на првиот преговарачки кластер ќе биде можно по усвојувањето на уставните измени, во согласност со преземените обврски од преговарачката рамка“. Воедно, во извештајот се нагласува дека процесот на проширување треба да биде заснован на заслуги и објективни критериуми, а билатералните спорови да не се инструментализираат во пристапниот процес.

Идентитетските прашања не смеат да бидат пречка

Во усвоените компромисни амандмани се истакнува дека „јазичниот, културниот и националниот идентитет се основни вредности на секоја држава и не треба да бидат доведувани во прашање од трети страни“. Европратениците ја осудуваат „етнонационалистичката реторика и повикуваат на почитување на добрососедските односи и европските вредности“.

Бугарските амандмани делумно прифатени

АФЕТ усвои два амандмана предложени од бугарски европратеници со кои се бара обновување на работата на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Софија и Скопје и постигнување конкретни резултати од историската комисија. Истовремено, беа одбиени повеќе предлози што инсистираа на дополнително потенцирање на бугарските позиции за уставните измени, говорот на омраза и случаите поврзани со бугарските здруженија во земјата.

Извештајот предупредува и за „постоење на странско влијание“

Извештајот предупредува на „засилени обиди за дезинформации и странско влијание насочени кон поткопување на довербата во демократските институции и европската перспектива на државата“. Европратениците изразуваат загриженост и поради „растечкото влијание на Србија, Русија и Кина во регионот“, повикувајќи ја ЕУ да ја поддржи отпорноста на Македонија кон надворешни влијанија.

Следен чекор – пленарна седница на ЕП

По усвојувањето во Комисијата за надворешни работи, извештајот ќе биде доставен на гласање пред Европскиот парламент на една од наредните пленарни седници. Иако нема обврзувачка сила, документот претставува важен политички сигнал за состојбата на евроинтегративниот процес и очекувањата на Брисел кон Македонија.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција