Сјајот и бедата на политичката пропаганда

Злоупотребувајќи ја сѐ уште докрај недефинираната правна и законска регулатива во медиумската сфера, политичките пропаганди во трaнзицискиот и посттранзицискиот период успеваат во голема мера да произведат и наметнат во нашето општество атмосфера на морбидна „кафкијанска“ илузија, во која последиците од „силните политики“ им претходат на причините и во која на осиромашениот и обезличен граѓанин долг период му се поттура надежта, со која го потхранува и одржува во анксиозна пат-позиција. Просторот на слободна волја е испарцелизиран и стеснет
и претворен во апатија, безволност, летаргија

Како мека масмедиумска диктатура може да се окарактеризираат многубројните неизбалансирани политички кампањи, кои обично во транзициските предизборија сиве овие години атакуваат врз нашите сетила и безобѕирно нѐ тероризираат. Имајќи го предвид фактот дека информацијата најчесто се доживува како став во стварноста, политичката пропаганда и во континуитет со постапката на баражна информациска сугестија, се обидуваше и се обидува да го скрши отпорот и да ги пробие идеолошките бариери. Притоа во свеста на граѓанинот се создаваат неверојатни слоеви на ментален парадокс, најчесто како рецидив од информациската манипулација, на што најверојатно доброволно се согласуваме.
Тоа е примарната цел и задача на пропагандно-политичките кампањи, да ја обработат и подготват јавноста, да завладеат со нејзиниот перцептивен обзор и да ги наметнат политичките визии и себеси како единствена можна опција и надеж.
Злоупотребувајќи ја сѐ уште докрај недефинираната правна и законска регулатива во медиумската сфера, политичките пропаганди во трaнзицискиот и посттранзицискиотт период успеваат во голема мера да произведат и наметнат во нашето општество атмосфера на морбидна „кафкијанска“ илузија, во која последиците од „силните политики“ им претходат на причините и во која на осиромашениот и обезличен граѓанин долг период му се поттура надежта, со која го потхранува и одржува во анксиозна пат-позиција. Просторот на слободна волја е испарцелизиран и стеснет и претворен во апатија, безволност, летаргија.
Во тие и таквите процеси и преобразби најпрвин настрадаа вистината и вербата на граѓанинот. Но како што одминува времето, се чини страда и губи и самата политика, која со оглед на резултатите во изминатите триесетина година, се деконструира во практиката и се претвори како морална и етичка недоследност, контрадикција на сопствената онтологија.

Но, еве сме повторно пред дилемите и пред нов предизвик и политички вртеж. Како… се прашуваме, се двоумиме, се обидуваме, во гламурозните политички пропаганди да ги различиме и препознаеме реалните од виртуелните светли перспективи.
Во најголем обем медиумските политички кампањи хронолошко-жанровски ѝ припаѓаат на ерата на немиот филм, во кој се афирмира духот на преобразбата и чиј основен интонативен тон е т.н. патетика на живеење на историскиот момент, длабоко во себе повторно го слушаме гласот на граѓанската совест, кој одново ја враќа надежта.
Дали оние лица на билбордите, летоците, весниците, џингловите, репортажите, пропагандните политички медиумски соочувања и сл. (платени со наши пари), ќе ги исполнат ветувањата, дали се тие вистинските?
Силна потпора во своите намери и цели политичката пропаганда наоѓа во многубројните медиуми и атмосферата што владее во нив, која слободно може да се окарактеризира како фаза на див пропаганден либерализам, што ги промовира како моќно орудие за ментална навигација и манипулација. Нивната способност и практика во секој погоден момент и за „извесни потреби“да го рециклираат минатото, да ја рекомпонираат сегашноста и да ја преуредат јавната и приватната сфера, особено доаѓаат до израз во времето на изборите. Неверојатно е како, од вистинската реално бедна наша секојдневност и хаос, успеваат „виртуелно“ да изрелативизираат и верифицираат една нова реалност, според сопствените и ини потреби, видувања..
Сите политички гарнитури, без исклучок, за еден од врвните приоритети во своето дејствување ја претпоставувале стратегијата на освојување на виртуелниот простор со континуирано кадровско присуство и добро обмислен настап. Кампањите и медиумската помпа се неодминлив дел на активната и пасивна политичка пропаганда. Во политичкиот живот сѐ повеќе се насетува влијанието на клучните аспекти на медиумска презентација: реториката и усниот координиран настап, ритамот на презентацијата во согласност со ритамот на перцепцијата на потенцијалното гласачко тело, т.н. „секундарна оралност“ – визуелна вештина на дополна на говорниот облик на содржините со гестикулација и микромимика, драмски паузи, сугестивен тембр и модерен стајлинг.

Преку политичката пропаганда, на јавноста со постапката на т.н.фина регулација ѝ се вградуваат ментални катализатори, кои го подобруваат нејзиниот имунитет во време на владеењето на одредена политичка гарнитура, а подоцна во изборниот период ја насочуваат нејзината идеолошко-политичка определба. Правењето анкети, рејтинг-листи и слични дејства е дел на политичкото секојдневно шоу – пропаганден натпревар и итрина со која се прават обиди да се вовлече јавноста во зоната на пресметка со идеолошко-политичкиот противник, со стварноста и на крајот, како кафкијанска последица, самата со себе.
Сето ова наведува на заклучокот дека политичката пропаганда наместо да се развива како содржински чинител на една нова историско спознајна димензија и да ѝ служи на пошироката заедница, во напорите за демократизација и ослободување од долгогодишна ментална инерција, и понатаму „делумно“ ја заговара т.н. псевдостварност, во која смислата не е она што нѐ поврзува со светот, туку нѐ отуѓува од него и нѐ претвора во случаен автоматски придонес во комплексната и зона на глобалните демократски интеракции.

Аљоша Симјановски