Неделни мугри, 16 март 2025 година. Македонија го доживеа најцрното неделно утро во историјата на времето. Црвените огнени јазици во дискотеката во Кочани не го завија во црно само градот туку целата држава. На стотици деца им е одземена младоста, скратен им е животот. На родители им е зацрнета душата. Угаснати младешки љубови, умртвени блиски другарувања, изгорени надежи и животни планови.
Нема човек, нема граѓанин, млад или стар, кој не ја прими трагичната вест со солзи на очите, со стегната душа, со растреперено срце. Зборовите шок и ужас се премногу кратки за да го искажат стресот од слушнатата вест.
Што и да се напише не може да ја опише длабочината на трагедијата. Што и да се напише не е и нема да биде никаква утеха за изгубените животи, за родителите, браќата, сестрите, другарите.
Кочани никогаш веќе нема да биде истиот град. По овој грозоморен настан и Република Македонија не би требало да биде иста. Ова е последниот, за жал трагичен сигнал, дека без воспоставување систем и култура на одговорност ова парче земја никогаш нема да стане вистинска држава. Живееме во период на надолна транзиција на националниот менталитет, во време на меѓусебно непочитување, на непризнавање на грешките, време на масовна корупција. И кога родителите имаат сѐ помала контрола врз децата и кога децата сѐ помалку ги слушаат родителите, а училиштата и факултетите не формираат совесни и одговорни кадри.
Трагедијата е последна опомена кон власта за да ја спречи и елиминира корупцијата во министерствата и во администрацијата во издавањето дозволи за разни потреби, во доделувањето лиценци и распишани тендери.