Пуста надеж

По многу години повторно пишувам за „Нова Македонија“. Како и секогаш, и сега сум со истата дилема: „За што точно да пишувам?“ Дилемата не е резултат затоа што недостигаат теми за пишување, туку затоа што премногу ги има, па човек е во дилема со која да почне. Меѓутоа, за жал, најголемиот број од нив имаат мачна, напати мрачна природа од една страна и, од друга, самите теми/проблеми постојано се повторуваат, особено во последните три децении. Во таква ситуација, човек што доследно размислува, што значи кој битно не ги менува ставовите, почнува да се повторува, бидејќи е несериозно, а морално и интелектуално неодговорно за исти нешта да има различни мислења. Мислењата/ставовите не би требало да бидат налик на чорапи, кои по потреба, од пригода до пригода, се менуваат – наутро едни, попладне други, приквечер трети. Идното утро можеби некои сосема нови.
Од друга страна, позната е латинската сентенца, според која повторувањето е мајка на знаењето (repetitio est mater studiorum), чија сериозност е несомнена. Сепак, кога повторувањата, без исклучок, би нѐ учеле како да ги решаваме/одбегнуваме проблемите/клопките, тогаш зошто речиси сета досегашна историја е историја на трагични недоразбирања и повторувања на претходните грешки и клопки? Можеби Хегел навистина бил во право кога предупредувал дека историјата се повторува – еднаш како трагедија, потоа како фарса. Подоцна, на оваа Хегелова теза Маркс додал дека историјата се повторува како фарса за да може човештвото полесно, во ведар дух да се збогува/ослободи од своите предрасуди. Денес, на овој план, се чини дека состојбите се поинакви. Историјата навистина се повторува. Меѓутоа, наместо како фарса, се повторува како трагедија. Ова го потврдува искуството на Македонија, како и нејзината досегашна политика, која не само што е фарсична туку е и трагична.
И покрај тоа, некои нешта треба и понатаму да се повторуваат, на нив треба да се навраќаме за да не го заборавиме суштинското, бидејќи, во тој случај, и самите ќе заминеме во тотален заборав, благодарение токму на нас самите. Затоа и одлучив да преобјавам едно мое постаро мислење дадено за „Нова Македонија“. Тоа е мислењето од 1992 година, кое го дадов веднаш по т.н. Лисабонска декларација, со која Европската заедница (денес Европска Унија/ЕУ) почна да ја условува Република Македонија. Се бараше, имено, да го промени уставното име. Мислењето што тогаш го дадов („Ароганцијата на Европа“) денес го пренесувам во целост:

„Во ставот дека Република Македонија може за интерна употреба да се нарекува како сака, но дека за светот ќе мора да го смени своето име се крие ужасна ароганција и хипокризија. Тоа е како некому да му речете дека може себеси да се нарекува како што сака, па дури себеси да се смета за император, но дека во стварноста тој ќе биде третиран како роб, поданик или послушник. Таквиот однос е неодговорен. Европската заедница ќе нè признае онака како што сме според Уставот – Република Македонија – или, во спротивно, подобро е воопшто да не нè признава“.
Претходните реченици беа објавени во „Нова Македонија“ од 30 јуни 1992 год., стр. 3. Подоцна го преобјавив во книгата „Сведоштва и коментари“, објавена во 1999 година. Во меѓувреме, не само што се промени името туку се променија и многу други битни нешта. Се промени знамето на државата; се потпиша рамковниот договор од Охрид. Со него се промени и Уставот на македонската држава. Дојде до нова територијална поделба, направена според етничка линија/логика. На тој начин се отиде кон етнизација и двојазичност на Македонија; се потпишаа договорите со Бугарија и Грција. Бугарија почна да ја условува Македонија за природата на македонската нација, јазикот, историјата. Посредно, почнаа да се манифестираат и територијални/државни претензии, преку тезата за обновување на старите „бугарски“ територии, вклучувајќи го и Охрид.

Многу налудничави нешта се случија во македонската држава. Сепак, како ништо да не се случи. Дали намерно не се учеше, или тоа се прави ненамерно, е небитно. Битно е дека ништо не се научи, ниту постои каква било волја што било да се научи. Затоа Македонија и Македонците и понатаму се поставени пред болни, круцијални искушенија. Требало, нѐ убедуваат некои мудро-мудри глави, повторно да се менува Уставот, како тој да е желботека во која може сѐ и сешто да се вметне. Тоа било потребно, „објаснуваат“ мудро-мудрите глави, неопходен услов Бугарија да престане со условувањата и поставувањата вета.
Толку работи се случија, толку ветувања беа дадени и толку промени (всушност, отстапки) од страна на Македонија беа направени што скепсата, својствена за секое човечко суштество, продолжува да се зголемува. Притоа, не станува збор за гносеолошки скептицизам, според кого (во принцип!) ништо не може да се знае, туку за методолошки скептицизам, кој има јасна функција – ништо да не се прифати како вистинито сѐ додека не биде завршено/довршено/докажано. Дотогаш останува само пустата надеж. Велам „пустата надеж“, бидејќи надежта, невтемелена во ништо, која има само инфантилен карактер, навистина е само пуста надеж и ништо повеќе од тоа.