Последната битка на Јосип Броз-Тито и на Борис III

Ивица Боцевски

Кој ќе победи во последната битка помеѓу маршалот Јосип Броз-Тито и царот Борис III? Иако формално Втората светска војна заврши на 9 мај 1945 година, безмалку цели осумдесет години потоа маршалот Тито и царот Борис ја бијат својата последна битка на тлото на Македонија. Само да потсетам дека минатиот пат победи Јосип Броз-Тито, предводејќи ги македонските и југословенските партизани во народноослободителната војна и во антифашистичката револуција, епски судир што ја издигна партизанската војска над крвавиот пир на меѓуетничките колежи и на суровата граѓанска војна. За македонскиот народ, блескава круна на оваа борба беше создавањето на современата македонска држава, „прва по Самоил“, како што ќе рече стариот илинденец Панко Брашнаров, еден од делегатите на АСНОМ, кои беа живи легенди и непосредна физичка и идејна врска помеѓу првиот и вториот македонски Илинден, 1903 и 1944 година.

Никој не спори дека македонските партизани, отсечени од главнината на југословенското партизанско движење, сами си се изборија за македонската национална слобода и за македонската државност. Но уште помалку е спорно дека оваа херојска епопеја за сите народи и народности на поранешна Југославија ја предводеше Јосип Броз-Тито, под југословенската тробојка со црвена републиканска петокрака, обрабена со златна летна. Македонците и идната македонска држава се содржани и во основачките акти на југословенската држава, односно на Второто заседание на АВНОЈ, одржано во босанското гратче Јајце, на 29 ноември 1943 година.

Во годините по Втората светска војна, македонскиот народ токму низ југословенската федерација ќе ги изгради сите свои национални институции, од националното школство, здравство и економија, преку клучните културни институции на Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонскиот народен театар, па до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, просветителскиот светилник на новата македонска држава, МАНУ, кровната научна и културна институција, вклучувајќи ја и Македонската православна црква. Во годините кога македонската држава беше рамноправен дел на југословенската федерација конечно се кодифицира и македонскиот јазик, се донесе решение за македонската азбука и започна развојот на печатот и на литературата на македонски јазик. Денес, во 21 век, македонскиот јазик не е на листата на загрозени јазици на УНЕСКО, туку е еден од најзастапените јазици во глобалниот дигитален океан. Исто така, повторно во рамките на југословенската федерација, македонската држава започна и со својата демократизација кон крајот на 1980–тите години, но, и покрај македонските напори, југословенската федерација не беше зачувана, па Македонците сè уште го чекаат својот последен чекор кон рамноправно членство во Европската Унија, цел што небаре беше на дофат на рацете во 1989 и 1990 година, кога тогашната Југославија се подготвуваше за асоцијативно членство во ЕЕЗ и за влез на Заедничкиот европски пазар во 1992 година.

Токму затоа се води оваа последна битка помеѓу Јосип Броз-Тито и царот Борис III! Не случајно градот Охрид е повторно местото на одлучувачкиот чин на македонската борба за самобитност.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и подоцнежниот Преспански договор имаат цел целосно да ја избришат асномска Македонија. И едниот и другиот договор се гнасни ревизионистички обиди за бришење на Македонците и на Македонија од политичката карта на независни држави и од културната карта на посебни народи. За жал, и грчкиот и бугарскиот ревизионизам имаат свои корени во мрачните европски шовинизми од дваесеттиот век и од чудовишните идеи за етнички чисти држави, населени со еден народ, кој зборува еден јазик и кој ѝ припаѓа само на една вера. Овие идеи ја окрвавија секоја меѓа во Европа токму низ целиот тој трагичен дваесетти век, но на Балканот постојано се повампируваат, дури и во времиња кога целиот европски континент е на мисија себеси да се предефинира како единствен политички простор, каде што заеднички и под ист покрив може да живеат, работат и творат најразлични етникуми, кои создаваат симфонична бучава од многу јазици и кои слободно се молат во сите можни божји храмови.

Тоа е суштината на борбата на македонскиот народ против двата наметнати договори, борба за човекови права, за сопствен идентитет, за самоопределување и за сопствена држава. Односно, продолжение на антифашистичката борба од Втората светска војна, борба за светлината, просветителството и рационализмот, против мракот, неразумот и темнината.

Неделава се чини дека доаѓаме до самиот зенит на оваа културна борба на македонскиот народ. Преодниот бугарски министер за надворешни работи Милков излезе со скандалозна изјава дека „името на скопската гимназија ‘Јосип Броз-Тито’ е многу поголем проблем од ‘Цар Борис Трети’“, бугарските европарламентарци ги спореле македонскиот јазик и македонската култура за време на состанокот на Мешаниот комитет на европскиот и на македонскиот парламент во Стразбур, а дното беше достигнато вчера во Охрид, кога „свечено“ беше отворен бугарскиот културен клуб „Цар Борис III“ од почитувачи на неговиот „лик и дело“, како што ќе кажат неговите основачи, досега непознати за македонската јавност.

Светската историографија е многу јасна и во поглед на Јосип Броз-Тито и во поглед на цар Борис III. Тито е глобален херој, почитуван во западните демократии, затоа што тој ја предводел антифашистичката борба на југословенските народи во Втората светска војна и затоа што неговото партизанско движење се издигна над меѓуетничките колежи и повторно ја обнови растурената Југославија. Во третиот свет, пак, и ден-денес името Јосип Броз-Тито предизвикува восхит кај сите слободарски граѓани, но и кај сите борци за социјална слобода, деколонизација, ослободување и национална независност. Цар Борис III, пак, е еден од колаборационистите на Третиот рајх, крвава трага е оставена зад неговите војски и полиции и во денешна Македонија, денешна Србија, денешно Косово и во денешна Грција, од неговите џелати страдале и Македонци и Грци и Срби и Албанци и Турци, но и слободољубиви Бугари, а ромското и еврејското население во новоокупираните краишта било предмет на системски геноцид, односно на холокаустот. Историскиот суд за царот Борис III е суров, но праведен.

Од друга страна, пак, македонската историографија уште од 1980 година, а особено по падот на реалсоцијализмот и осамостојувањето, пристапи кон критичко превреднување на улогата на Јосип Броз-Тито за современа Македонија. До најситен детаљ беа опишани сите претерувања на неговиот режим, вклучувајќи ги и дотогаш нерасчистените злосторства од 1945 година, потоа Информбирото, колективизацијата, чистките на „либералите“, неправедната пресметка со „техноменаџерската болест“, како и репресиите врз демократите, националистите и другите поинакумислечки граѓани што не се согласувале со тогаш официјалната идеологија. Македонското собрание токму како резултат на оваа внатрешна дебата, без никакви вмешувања однадвор, ја донесе Декларацијата за извинување на жртвите на комунизмот во 2005 година. Меѓутоа, дури и ова критичко превреднување на улогата на Јосип Броз-Тито, оваа деконструкција на историскиот мит за Тито, со ништо не ја намали неговата величина за современата македонска историја, ниту, пак, неговите заслуги за современата македонска држава.

Ете, тоа е суштината на последната борба помеѓу Јосип Броз-Тито и царот Борис III, која се води во Македонија во 2022 година. Од една страна е борбата за независна и самостојна Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, за посебноста на македонскиот јазик, за Македонци и за Македонија што се отворени за светот, кои никого не мразат и кои секого прифаќаат. А, од друга страна е најтемното мракобесие од дваесеттиот век, за етнички чисти простори и за хомогени нации. Не се сомневам дека Јосип Броз-Тито ќе ја добие и оваа последна битка, но време е конечно на мртвите да им го дадеме заслужениот мир и спокој, па конечно да ги закопаме сите сеништа од мрачното минато.
АСНОМ живее!