Подобро роб одошто гроб

Историјата можеби се повторува како фарса, но може да се рече дека таквата дефиниција не е целосна.
Славниот Карл Маркс, творец на Комунистичкиот манифест во 19 век, спорејќи со филозофот Вилхем Хегел, наведува дека неговиот колега има некаде спомнато дека историјата се стреми да се повторува. Само заборава да додаде дека првиот пат како трагедија, а вториот пат како фарса.
Македонскиот поет Ристо Лазаров, во еден од стиховите во книгата „Светилничар“, пее кога вели: „Ѓаволи, историјата секогаш се повторувала како фарса. Некои трагедии се бескрајни“. Прозаистот Луан Старова, романист по лингвистички науки, поранешен амбасадор, академик, прославен со едицијата романи под заеднички наслов „Балканска сага“, во еден од романите вели дека „трагикомичната фарса во балканската крчма мора да се игра до крајот“. Во друг роман ја има реченицата: „Да не беше оваа фарса трагично замислена, сигурно ќе беше гротескна и комична“. Петре М. Андреевски во романот „Небеска Тимјанова“ има најкратка дефиниција: „Фарса било мижи да те лажам“.
Наведените примери ги користам како увод за она што сакам да го кажам, иако не сум сигурен дали ќе го соопштам како што ми е идејата или ќе бидам погрешно разбран. Но тоа е ризикот за секој што мисли, што разговара и особено за секој што пишува за јавност.
Еве, само два историски факта од релативно далечната и од блиската историја. На 25 март 1941 година, Владата на Кралството Југославија потпишала акт за пристапување кон Тројниот пакт, воен сојуз што го сочинувале Германија, Италија и Јапонија. Таквиот чин предизвикал големи демонстрации во Белград, одржани два дена подоцна, на 27 март, при што дошло до државен удар и пактот бил поништен.
Главните пароли биле (искажани на српски јазик): „Боље рат него пакт“, „Боље гроб него роб“. Во тој период македонскиот народ, дури и како окупација, делеше заедничка историја главно со Србија и помалку со Хрватска и со Словенија. Народите на тие три држави го сочинуваа Кралството. Македонците како поданици на Вардарска бановина имаа третман на јужносрбијанци или старосрби.

Седумдесет и девет години подоцна, на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја-членка, пристапи кон воената северноатлантска алијанса позната под акронимот НАТО. Со тоа се реализира еден од трите стратегиски приоритети на надворешната политика на земјата, околу кој беше изграден најширок политички консензус, проследен со силна поддршка од граѓаните во земјата. НАТО е организацијата, сојуз на држави што бил создаден во 1949 година како бедем против Советскиот Сојуз. Денешните цели на Алијансата се „да се гарантираат слободата и безбедноста на своите членки преку политички и воени средства“. Членот 5 од Договорот наведува дека „оружен напад врз една или повеќе земји-членки се смета за напад врз сите нив“.
Република Северна Македонија го дополни бројот 29 и го заокружи на 30 земји-членки. Засега. Со приклучувањето кон овој најмоќен воен сојуз во историјата, државата на 27 март 2020 година ја бетонира стратегијата „Поарно пакт одошто војна“ и „Подобро роб одошто гроб“, што не е само допадлива поетична рима туку плод на сурова реалност што владее во светот со кој доминира Америка. На поранешните чокалиски јужносрбијанци, кратко време и чисти Македонци, им се отворија вратите на НАТО откако се согласија, срамежливо и молчешкум, да бидат именувани како северномакедонци.

Што се случува по приемот во НАТО.
Власта на цел глас се фалеше (уште се фали) дека добила столче, седнала во НАТО-столче. Антинатовците таа позиција ја толкуваат како седнување во неговиот скут, иако знаат дека не може да биде поинаку. Штом веќе еднаш си седнал, нема станување. По седење, нема каење, нели?
Со приемот на северната држава, Алијансата се прошири со нова територија на својата јужна граница и доби искрен и верен сојузник, кој, колку и да е мал, ќе управува со светските процеси. Во таа смисла, Република Северна Македонија, која се бори за мир во светот, не е виновна за војната во Украина, како што не може да прими вина за руската инвазија. Но без вина може да излезе виновна во некои други историски околности. Сигурно не денес, но којзнае што ќе се случува утре.
Што се случува во државата по тој историски чин? Од влезот во НАТО, па наваму, сѐ тргна надолу, безмалку речено.
Над главата на Република Северна Македонија ѝ беше ставен пиштол со бугарското вето за почнување на преговорите со Европската Унија. Ниту еден сојузник од НАТО не се потруди да ја помрдне цевката од челото. Лицемерните утешни поддршки што доаѓаа од високи политички и воени американски и европски кругови може да се опишат со зборовите на Петре Андреевски, „мижи да те лажам“. Што значи: НАТО е тука на југ, ЕУ е уште многу далеку на студениот север. Според актуелната власт, НАТО е врапче во рака, ЕУ гулаб на гранка, што само не сме го фатиле.
Зоран Заев, претседател на Владата и лидер на револуцијата, беше поразен на избори и поднесе оставка. Тоа е типичен политички пример како еден успех, како што, според неговото мислење, му беа договорите со Бугарија и Грција, може човека да го однесе во бездна. Го остави СДСМ да се дави меѓу соништата и грубата реалност. Таа партија се одржува на политичката сцена благодарение на нејзината сестра – ВМРО-ДПМНЕ, која сака да собира капини, ама без да се боцне. Како велеше Шеќеринска: Не може да знаеш какво е јајцето додека не го скршиш.

Повисок степен на доверба стекнаа и командантите на УЧК (ОНА) повторно, сега и официјално, станаа команданти на НАТО, со или без чинови, еполети и ешарпи. Кој навреме бунт ќе крене, тој две среќи граби.
Измешани се политиката и економијата. Буџетскиот дефицит во 2023 најверојатно ќе биде од 660 до 725 милиони евра, а ќе се регулира со нови задолжувања. Според анализите на Министерството за финансии, наредната година растот на бруто-домашниот производ ќе биде од 2,9 до 3,1 отсто, а инфлацијата 11,6 отсто. Борчлии не се само децата на мојата генерација туку и нивните деца, нашите внуци. На коцкарите им е познато дека не може да не пропадне оној што постојано се задолжува кај лихвари. Членка сме на НАТО, а помош и кредити бараме од Србија и Абу Даби, нечленки на тој сојуз.
Државната каса сѐ повеќе добива својство на радијатор – се одржува на млако загревање, колку да не угасне. Близу 500 илјади граѓани, една четвртина според пописот, живеат на прагот на сиромаштија. За жал, тоа не се гледа од зградата на Илинденска, ниту пак од Белата палата во Центар.
Откако Северна Македонија е во НАТО, нема нешто што не поскапе. Земјата, огнот, водата и воздухот, основните елементи на животот на планетата, одат во висина. Цените на човечките пронајдоци, како нафта, бензин, струја, гас (плин), парно, телевизија, телефонија, превоз, квадратура, скокаат како дете кога се радува. Оп-оп, нова цена, додека сонце не огреало, додека месечина зад три брега не зајде.
А кон кое небо се движат цените на месото, млекото, сирењето, кашкавалите, месните производи? Лебот, брашното, оризот, шеќерот, сите се со горчливи цени. Екипата на Ценометар.мк на терен ги забележа досега најголемите поскапувања во одредени маркети. Слично е и со зелените пазари. Краставици, мали, големи, кромид, јајца, пипер, зелка, боранија, бамја, компир. Мал пазар – големи трошоци.
Цените се народни грижи. Државата и власта нема да му ја мислат за такви неважни работи дали се скапи доматите, црвени или црни. Тие имаат повозвишени цели. Придонесот во меѓународните операции, придонесот кон глобалниот мир и безбедност претставува уште една потврда за подготвеноста за споделување на предизвиците како полноправна земја-членка на НАТО. Во прашање е иднината на НАТО, не е во прашање иднината на Македонија (сега Северна). А НАТО за Северна молчи, освен кога треба да се пука.
А и изборот е јасен – подобро роб одошто гроб.

[email protected]