Во ЕУ до 2030 – „мало сутра“

Иако очекувањата се многу јасни дека европската политичка заедница не треба да го замени проширувањето, туку треба да биде мост што всушност ќе ја поддржува и ќе ја забрзува интеграцијата, не би бил толку оптимист дека мостот нема да биде алтернативен пат кон ЕУ-членство. Се плашам дека Европската политичка заедница е трик за оградување на процесот на проширување, или едноставно карактеристично грандиозен, но нејасен предлог што доаѓа од Франција

Европа отсекогаш била сон. Не во смисла на фатаморгана, туку во проектирана надеж за подобра иднина: сон за мир; сон за економски просперитет; сон ориентиран кон иднината. Тој сон ни треба денес повеќе од кога било досега. За жал, нашиот недосонуван сон се претвори во ноќна мора што трае ли трае. Од бегалската криза до брегзит, до војната во Украина тензиите во Европската Унија денес имаат потенцијал да го растурат блокот – или да го зближат. Франција го понуди својот „сребрен куршум“ за стабилизирање на соседството на ЕУ и тоа не е нужно проширување на прво место. Уште еден нов фрустрирачки „страничен пат“ измислен од ЕУ, кој се обидува да заштеди време за прашањето на проширувањето. Европската политичка заедница се нуди како Европа од втор ред и ризикува да биде смоквин лист за неволјите на ЕУ на патот на проширувањето. Гледам дека ние, поточно власта не може или не сака да го види тоа.
Францускиот претседател Емануел Макрон во јуни оваа година го промовира својот предлог за создавање таканаречена „европска политичка заедница како платформа за политичка координација за европските земји низ континентот“, со цел да се поттикнат политичкиот дијалог и соработката за решавање прашања од заеднички интерес. Или поточно кажано: ЕУ си креира нова алатка со која ќе поттикне поблиски врски со земјите-кандидати. За оние што не разбираат во Владата, а би требало, да појаснам: клучен предизвик за ЕУ ​​во претстојната деценија и понатаму нема да биде реформата на нејзините институции за да се подготви за апсорпција на нови членки, туку како да се одржи проевропската ориентација на нивните соседи без да можат или сакаат да ги прифатат како полноправни членови на клубот во скоро време.

Европската политичка заедница треба да обезбеди долгорочна визија за интеграцијата на нови членки со Европа, вклучувајќи целосен пристап до четирите слободи на ЕУ веднаш штом ќе ги исполнат критериумите. Оваа понуда ќе опфати не само значајна помош за подготовка за членство во ЕУ на долг рок туку и пристап до кохезивните фондови доколку се приклучат на единствениот пазар пред да станат полноправни членки на ЕУ. Исто така, ќе биде неопходно да им се помогне на овие земји поблиску да се интегрираат со енергетската инфраструктура на ЕУ за да ги исполнат нивните меѓународни обврски за климата. А можеби ова не нѐ засега нас како држава. Којзнае, можеби веќе сме станале членка на Унијата, исто како што ги отворивме преговорите за полноправно членство. Со оваа влада сѐ е можно. Барем за нешто може да гарантира: дека за ништо не треба да ѝ се верува зашто лагата ѝ личи.
Иако очекувањата се многу јасни дека европската политичка заедница не треба да го замени проширувањето, туку треба да биде мост што всушност ќе ја поддржува и ќе ја забрзува интеграцијата, не би бил толку оптимист дека мостот нема да биде алтернативен пат кон ЕУ-членство. Се плашам дека европската политичка заедница е трик за оградување на процесот на проширување, или едноставно карактеристично грандиозен, но нејасен предлог што доаѓа од Франција. Многумина повикаа на оживување на концертниот аранжман на големите сили, кои искрено сонуваат за минатиот свет каде што еднаквиот суверенитет на државите беше само правна фикција во кој големите сили одлучуваа за судбината на светот. Европската заедница треба да биде концерт од поинаков вид. Инклузивен – не квартет како што започна по поразот на Наполеон Бонапарта во 1814 година, ниту квинтет (или петкратниот сојуз) кога на Французите им беше дозволено да влезат четири години подоцна. Овој концерт би го свирел камерен оркестар. Тоа значи отсечено тело, не за донесување обврзувачки одлуки, туку за дијалог и барање степен на конвергенција – накратко, за пракса за градење заедница. Во фрагментираната и оспорувана реалност, дефинирана сè повеќе со мноштво на меѓусебно тешко разбирливи мисловни светови, постоењето на таков простор за дебата, за отстранување на разликите околу клучните прашања на денот имаат суштинска вредност што не смее кавалерски да се отфрли. На крајот, дали Европската политичка заедница ќе стане иднината на европските самити, простор во кој се одвива европската политика, ќе зависи од волјата на лидерите.

А ние? Ние ќе се прпелкаме во нашата неспособност и заблуденост по Унијата, како сите одговори на нашите проблеми да лежат таму. Ќе си играме и понатаму држава чии политички лидери се смеат како недоветни и веруваат безусловно на сѐ што ќе им ветат од Унијата, заборавајќи дека секоја држава за сѐ што презема на надворешнополитички план се раководи од националните интереси. Кои ние одамна ги немаме. Ја имаме Унијата како фиксација на политиката. И толку. Ќе заборавев: го имаме претскажувањето на премиерот: Македонија во ЕУ до 2030. Нострадамус од „Али експрес“. Што би рекол несудениот нобеловец од Муртино: „Мало сутра“, а може ни тогаш.