Отворено писмо до Урсула фон дер Лејен

Госпоѓо Фон дер Лејен, не знам дали втор или третпат нè посетувате во оваа креирана од Брисел северна дупка. Оти толку многу ни идете од таму за да нè омозгате и цивилизирате што е тешко да водиме евиденција кој кога и за што ни доаѓа, иако секогаш со една иста крајна цел, да нè снема идентитетски. А тоа вие од ариевската цивилизација од 1913 наваму го правите речиси во варварски бранови, еве, веќе повеќе од едно столетие. И не му се гледа крајот на нашето „цивилизациско“ мартирство. Оти вие сте толку многу преку мерка цивилизирани што сте будистички рамнодушни кон несреќата на другите, во стилот на она што го верглате денес „Израел има право да се брани“, а во Газа секој ден убиваат стотици палестински деца. Така и онаа вамп-жена Американка Медлин Олбрајт рече дека 50.000 деца што загинаа од американските бомбардери во Ирак се обична колатерална штета во име на западната „демократија“. Ќе речете, па кај се тука Македонците. Ним ништо не им е. Само обична идентитетска смрт. Толку. Може и без име да се живее, како и Грците сега што живеат со две: Грција и Македонија. И затоа штом сме веќе безимени може да се именуваме за спас од безименоста како Бугари. Така како што мисли месје Емануел Макрон, а и вие, госпоѓо Фон дер Лејен, со целата политбирократија во политборделот Брисел.
Вие сте Германка госпоѓо, и по сето она што го направи Германија во Првата и Втората светска војна би требало да бидете почувствителна кон некои мали и столчени народи какви што се Македонците. Од аспект на некој вид совест. Една мала дигресија за илустрација. Како млад поет од Југославија со југословенска поетска делегација патував низ Советскиот Сојуз од Москва до Ереван и Алма Ата во Казахстан. Во Алма Ата во едно бифе се сретнав и пиев заедно кафе со еден исто како мене млад германски турист. Едно време во разговорот тој падна во исповеден делириум за злосторството што го направиле врз човештвото неговите Германци. И почна да плаче. Толку многу го притискала совеста. А вас, госпоѓо Фон дер Лејен, дали може малку да ве притиска совеста кога доаѓате во Македонија (претходно тоа беше во улога на разорен тенк Меркел) дали ја вклучувате како тој Германец малку совеста. Дали знаете дека доаѓате да ги докусурите во идентитетскиот геноцид Македонците? А знаете ли дека е тоа, како што велат и сите антрополози, најстрашната од сите видови смрт што може да му се случи на еден народ, како сега со обезименувањето на Македонците (јас не го користам поимот преименување што е погрешен).

Најстрашна и за секоја една индивидуа. Вистина, како што вели старата германска легенда за Фауст (како архетип на германскиот и западниот човек) и Мефистофел – ѓаволот што ја овековечи Гете, Фауст му ја продаде душата на Мефистофел, но за знаење (наука) и сензуална наслада за што ја доби убавата и невина Маргарита, а не за војни и угнетување на други помали и посиромашни народи, макар тоа угнетување било идентитетско како нашето сега. Така. А за што му ја продадовте душата на ѓаволот сега вие собрани во Брисел како мостра на западната европска колонијалистичка цивилизација? Најмногу за материјално богатство и колонизирање со банки или бомбардери на туѓи народи, а не за духовна благосостојба на човештвото. Вие, такви, сте расипани ариевски деца на ариевската самобендисана цивилизација. Ама, таква, таа е Нарцис без лице. Оти како што вели Оскар Вајлд, па и Андре Жид, Нарцис не е поглед во својата суета, туку во своето битие. Тоа е метафората на вирот во кој се огледува тој во митот. Митот во кој вашата цивилизација, како и многу други вредни нешта, го деструира, па правилно Фројд од тоа го извлече негативниот психолошки синдром нарцизам за да ја дијагностицира неврозата на нејзиниот без покритие самобендисан човек. Тој што е далеку од натчовекот на Ниче што е веќе митски нарцис.
Може малку покомплицирано за вашиот дух и душа Фон дер Лејен. Но… Простете ако грешам. Такви се моите согледби и анализи, базирани не само на теорија туку и на лично искуство. Нешто слично како и на Толстој, кој отпатува еднаш до Париз колку за да го види тоа западно цивилизациско чудо. Достоевски многу постудиозно го анализираше него, паѓајќи час во делириумски восхит, но многу повеќе во тага и очај. Како и јас госпоѓо. Им се поклонувам на европските духовни вредности од Шекспир до Иго, Гете, Шилер, Хајне и понатаму, но тие сега се во апсолутна сенка на европската политбирократија и либералкапиталистичка корпоративна тајфа што им ја цица насекаде од Африка до Македонија крвта и потта на сиромашните, послабите и обесправените.
Добро. Заграбивме доста голем простор. Туку да се концентрираме на вашата македонска посета госпоѓо Фон дер Лејен. Нешто многу убаво ни шепнавте на уво: „Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик“. Фино. Тоа одговара на вашата кристална проѕирност и елеганција на фигурата. Ама ние ја прочитавме вашата шифрирана изјава. Со тоа „посебен“, вие, немој да речете дека не е така, мислите на нашиот северен идентитет со кој нè погребавте во идентитетска гробница во Преспа 2018. Оти „посебен идентитет“ е тој што не е генерички за една индивидуа и еден колектив. На пример, посебен идентитет, малку звучи можеби болно, за Германците е нивниот фашизам како идентитет. Итн. А нашиот генерички идентитет, не „посебниот“ што ни го дадовте, можете госпоѓо да го следите од првите страници на првата глава Битие на Стариот завет сè до последната страница на Новиот завет кога во Македонија доаѓа апостол Павле за да ја пренесе и кон вас, кон Европа новозаветната порака на сеопшта љубов, која вашата колонизаторска цивилизација, за жал, никогаш не ја ни спозна ни запозна, иако изградивте велелепни катедрали. Но во нив, натрупани по фасадите со демонски чудовишта, никогаш не влезе Бог. За жал.
Тоа. Туку да ве прашам зошто пред да дојдете во Скопје не тркнавте до Софија да го скенирате фашизмот на бугарската влада и парламент кон нас Македонците антифашисти. Фашизмот на вашите пријатели уште од IΧ век до денес. И тука станува збор за нешто што го нарекува Јунг колективно несвесно. За некоја несвесна психопатологија. Не знам дали и кај вас бриселска госпоѓо. Жал ми е, но потребна е само малку елементарна интелигенција за да се прочита бугарската геноцидна намера кон Македонците, како пред тоа и грчката. Ама вие тука, како и целиот политбирократски естаблишмент во Брисел, сте слепи за тоа, иако знаете што прават тие и што правите вие. Се разбира, како што знаеја што прават римските војници на Пилат, чии наследници на цивилизацијата сте вие, кога му ги забиваа клинците на Исус на крстот на Голгота. А сега нив вие, госпоѓо Фон дер Лејен, им ги забивате на Македонците како колективен Христос. Но ние не викаме како Синот Божји „Боже прости им не знаат што прават“, оти многу добро знаете што правите уште од 1913 со нас.

И има нешто шокантно за бриселска Европа, која ја носи маската ЕУ, провидно, само за да ги затскрие со неа своите колонијалистички авантури од кои сè уште не се откажува ни денес. Македонија беше најделикатниот тест за вашата климава бриселска институција на „демократијата“ и човековите права, госпоѓо Фон дер Лејен. Тука целосно крахиравте. А и уште продолжувате да се уривате. И со вашата посета сега (втора или трета?) кај нас за да нè убедите дека ни е убав „посебниот идентитет“ што ни го скроивте северно со Грците, а сега ни го доскројувате со Бугарите, за дури потоа да ни го пружите демек, како на посакувани идентитетски мртовци, вашето широкоградо „добредојде“ во Брисел. Фала ви за таквата широкоградост, но дозволете исто толку широкоградо неа да ја одбиеме, и не нашата квислиншка влада, туку ние здравиот македонски народ. Запаметете го тоа. И уште нешто што е шокантно што не го положивте вие бриселските ариевски политбирократи во македонскиот тест за вас, за вашата хипокризија и отсуство на елементарен хуманизам и интелигенција. Тука се слизна и оној за нас сега нов француски Маркиз де Сад, Емануел Макрон, заедно со сите вас од Брисел на колонијалистичка Европа. А таа шокантност е во тоа што вие госпоѓо меѓу фашистичка Бугарија и антифашистичка Македонија го избравте фашизмот, а не антифашизмот. И тоа е сериозен знак, сериозен симптом за веќе тешко заболеното ткиво на Европа што ја водите во ќор-сокак. Не знам дали сте го читале „Мајн кампф“ (Мојата борба) на Адолф, кој патем ја обожаваше македонската цивилизација (за што постојат сведоштва), но јас сепак би ви препорачал да читате некои германски автори со светол ум и душа. Томас Ман, на пример, гениј и хуманист, кој веднаш по Втората светска војна рече дека „Хитлер е победен, но не и фашизмот“ во Европа, што се потврдува, имено, сега со примерот на Македонија и Македонците идентитетски притискани и ништени. А потоа од романтичарите тука е неизбежниот Гете, длабок европски ум, кој и со неговата пророчка визија за блискиот настап на епохата на светската литература го демонстрира германскиот духовен, но не воен на Адолф, космополитизам. Потоа тука е и Хелдерлин со неговиот космизам, а по него читајте ги поезијата и другите дела и на сјајните германски духови на слободата и слободарските идеи Шилер и Хајне, па дури по нив, веќе силно хуманистички загреани, ќе преминете и на германските идеалистички филозофи. Толку. Доволна ви е сега засега оваа лектира. Потоа повеќе.

Така. И додека нè ставате со „посебен идентитет“ во посебен идентитетски мртовечки ковчег, госпоѓо Фон дер Лејен, го гледам вашиот германски кристален и рамнодушен ариевски профил, но сепак непроѕирен, како да има под него некој тежок сив оловен слој, кој не допушта поглед во душата, ако веќе и таа, како онаа на вашиот Фауст (но за повисоки цели), не е веќе во прегратките на Мефистофел. Но екстремно светлите бои (може сте ја читале на Гете алхемиската книга на боите) на вашата исто така екстремно елегантна облека и става како да го демантираат тоа. Или само и тие се тука за да упатат на погрешна трага или да ја скријат сенката на душата. Сенката на германската психа за која пишуваше и Јунг, аналитички, швајцарски Германец. Добро. Психолозите априористички велат дека светлите бои се карактеристични за светлото и радосно, во основа широкоградо и хумано, да не речам, госпоѓо, ангелско битие. Но априоризмот на психолозите тука паѓа во вода, бидејќи превиделе дека секој симбол и симболизам се амбивалентни. Така, на пример, водата е истовремено и градителка, но и уривачка, што значи носи живот, но и смрт. Така е и со симболизмот на светлите бои и светлината. Оти и во Светото писмо најпосле станува збор за вистинска, божествена (онаа за Светото Тројство), но и за лажна светлина, онаа на одметнатиот од Бог и божественото. Сатаната.
Тоа и така госпоѓо Урсула фон дер Лејен, бриселски херувим што ни ја носи веќе неколкупати (бидејќи сме тупави и не ја разбираме) убавата вест за „посебниот идентитет“ и следствено на тоа и на посебната убава идентитетска смрт. А ние тука Македонците, штом сме веќе кај светлината, која уште од Беласица 1014 кога нè ослепија ни е толку многу насушно потребна, се вардиме и од неа да не случајно е лажовна. Па, така стојат работите сега и со вас госпоѓо. Бидете здрава и жива, но ние сепак на вашата понуда и данајски дар, „посебен идентитет“, сепак без гнев и во нирвана, спокојни како Буда, ќе се насмевнеме, онака како што ви се насмевна (и тоа беше одговор на барањето да не ја помага Русија) Шји Џјинпинг во вашата сепак ариевска, арогантна посета на Пекинг. До видување. Ве чекаме пак да ни дојдете уште попроѕирна, покристална и во уште посветли бои и уште поубав „посебен идентитет“. Оти се заситивме и веќе и драматично повраќаме од северниот. Сè најубаво.