Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека повеќето земји држат до сопствените вредности, Македонија целосно го распродава сето она што значи суверенитет, дозволувајќи соседни земји да интервенираат во нејзиниот устав, да ги менуваат името на државата, идентитетот на народот што ја создал таа држава, неговиот јазик, историја и култура, буквално да го менуваат битот по кој е препознатлив овој народ. Да биде трагедијата уште поголема, сето тоа се случува пред очите на оние што ја водат државата, кои заслепени од европските светла и трчајќи по европските возови, кои никако да ги стигнат, дури и помагаат во таквото разнебитување на македонството, не гледајќи ја суровата реалност што се случува во Европа, но и пошироко во светот

Манифест во одбрана на националниот идентитет и суверенитет во германскиот весник „Билд“

Во исклучително турбулентните времиња во кои западна светот, секоја земја се обидува максимално да се заштити, да ги заштити сопствените интереси, како и благосостојбата на своите граѓани, а во исто време што подобро да се позиционира во пресрет на непознатото што доаѓа, без да ги доведува под знак прашалник сопствените национални позиции, традиционалниот начин на функционирање на општеството и зачувување на сопствените карактеристики по кои е препознатлива.
Таквите манифестации во последно време сè повеќе доаѓаат до израз и меѓу земјите членки на НАТО, меѓу земјите членки на ЕУ, на БРИКС, на Африканската Унија и на уште многу други асоцијации и сојузи, кои исправени пред новата светска прераспределба на интересни сфери, не сакаат да ги загубат сопствениот суверенитет и правото да бидат свои на своето, без да прифаќаат наметнување на туѓ начин на однесување, уште помалку нечии уцени, притисоци или диктати.
И додека повеќето земји држат до сопствените вредности, Македонија целосно го распродава сето она што значи суверенитет, дозволувајќи соседни земји да интервенираат во нејзиниот устав, да ги менуваат името на државата, идентитетот на народот што ја создал таа држава, неговиот јазик, историја и култура, буквално да го менуваат битот по кој е препознатлив овој народ.
Да биде трагедијата уште поголема, сето тоа се случува пред очите и со амин на оние што ја водат државата, кои заслепени од европските светла и трчајќи по европските возови, кои никако да ги стигнат, свесно или несвесно дури и помагаат во таквото разнебитување на македонството, не гледајќи ја суровата реалност што се случува во Европа, но и пошироко во светот.

Германијо, имаме проблем!

Оние што знаат што значи да се загуби карактерот на државата веднаш го вклучуваат алармот и реагираат, за потоа да не биде предоцна. Неодамна германскиот весник „Билд“ објави манифест од 50 точки, именуван „Германијо, имаме проблем!“, во кој посочува на хаосот во кој моментално се наоѓа светот, особено од почетокот на војната во Израел, но зборува и за хаосот во кој се нашла нивната земја дозволувајќи секој од страна да прави што сака и да наметнува правила на однесување несвојствени за германското општество.
– Нашиот свет е во неред и ние сме во средината на тоа. Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, ние доживуваме нова димензија на омраза во нашата земја – кон нашите вредности, кон демократијата, кон Германија. Во минатите неколку дена стана јасно дека ова долго време се крчка во нашето општество и врие: Во нашата земја има многу луѓе што се борат против нашиот начин на живот. Луѓе што ја слават смртта на невините цивили, кои ги учат своите деца да ги мразат другите затоа што се „неверници“, кои сакаат да им забранат на жените да носат здолништа или панталони, кои го презираат основниот закон и, наместо тоа, ги слушаат радикалните проповедници, кои ја искористуваат толеранцијата затоа што сакаат поинакво општество. Тоа не смееме да го дозволиме! Ако се сопнеме сега, готови сме.
Германија сега мора да каже НЕ! Омраза кон Евреите, човечка нетрпеливост и сè на што е неопходно да се каже „не“. Затоа што, во нашата убава земја, достоинството на СЕКОЈ човек е неприкосновено – се наведува во воведот на манифестот на „Билд“.
Повеќе од јасно е дека земјите со подолга традиција знаат да го проценат моментот кога се загрозено нивниот идентитет и општествен код, па реагираат и упатуваат порака дека Германија повлекува црта до каде може да се оди, така што на оној што не му се допаѓаат точките од манифестот, слободно може да си замине.

И на Македонија ѝ е потребен (германскиот) манифест

Од друга страна, повлекувањето црта кај Македонија оди тешко. Дури и кога некој ќе ја повлече, секогаш се наоѓа некој што ќе ја избрише. Така беше со консензуално изгласаната Резолуција во македонското собрание со која требаше да бидат заштитени националните интереси во однос на преговорите со Бугарија, која падна во вода уште истиот момент кога беше прифатен францускиот (читај бугарскиот) предлог, во кој беа вметнати сите бугарски барања содржани во декларацијата на бугарското народно собрание од 2019 година.
Затоа, кога станува јасно дека и Македонија оди стрмоглаво кон пропаст, крајно време е да донесе сличен манифест како германскиот или, уште подобро, во целост да го прифати истиот документ, за конечно да му стави крај на безобѕирното уништување на македонската држава и на македонскиот народ.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека е потребно да се отвори јавна дебата за многу прашања, за да може земјава потоа да излезе со јасен одговор на актуелните и идните предизвици.
– На Македонија ѝ е потребна промена, но демократска промена на изборите. Потоа ќе биде неопходно да се отвори јавна дебата по многу прашања затоа што конечно ќе се излезе од националниот кошмар во кој нè внесоа владите на Заев од 2017 година до денес.
Гледаме како Германија бара нов германски и европски одговор на новите внатрешни и глобални предизвици. Нужно е и Македонија да исцрта своја визија за светот на утрешнината, како и да даде и свој влог во европската дебата за одговорите на ЕУ за идниот свет – вели Боцевски.
Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, поделеноста во македонското општество е толку голема што веќе е илузорно да се зборува за некакво обединување и манифести.
– Ние како општество не можеме да се договориме кои се нашите црвени линии кога станува збор за државата, а не за други работи. Оваа власт толку ја подели Македонија, што ќе бидат потребни децении да се коригираат тие погрешни политики ако сакаме да се вратиме на нормален пат. Но случувањата со правниот систем покажуваат дека ние сме распадната територија и не сме држава – заклучува Пекевски.


Манифест во 50 точки

1. Членот 1 од Основниот закон важи за секој што живее во Германија: „Човековото достоинство е неприкосновено“ (недопирливо)!
2. За нас нема неверници! Секој може да верува во што сака – може да биде и Дедо Мраз.
3. Кој смета дека нашиот устав и нашиот правен поредок се збирка на необврзувачки совети, треба што поскоро да ја напушти Германија.
4. Секој што сака постојано да живее овде мора да научи германски. Само ако зборуваме на ист јазик, можеме да се разбереме.
5. Секој може мирно да протестира за своите верувања во Германија. Слободното изразување на мислењето не вклучува напад на луѓе или тепачка, палење автомобили, славење на убијците.
6. Не се маскираме или прикриваме, туку се гледаме в лице (освен ако не е карневал или корона).
7. Нашето слободно општество ги слави почитта и љубовта кон ближниот.
8. Безбедноста на Израел како германска причина за државата е во заднина на најтемното поглавје од нашата историја! Тоа значи: Нема дебата за залагање за безбедноста на еврејскиот народ. Критиката на политиката на Израел, се разбира, е дозволена.
9. Ве молиме бидете љубезни: Велиме ве молиме и ви благодариме.
10. Кога се поздравуваме или се разделуваме, со задоволство ја подаваме раката.
11. Полицијата ја сметаме за „пријател и помошник“, а не за репресивен апарат или за непријател или противник.
12. Многу Германци јадат свинско месо. Но во нашата земја има и 10 милиони вегетаријанци или вегани. Слободата поминува и низ стомакот.
13. Овде вреди да се спомене дека државата има монопол на насилството. Освен надлежните државни органи, никој нема право да употребува сила врз луѓе и нешта.
14. Прифаќаме дека нашиот слободно избран парламент ги утврдува правилата за нашиот заеднички соживот, кои можат да се проверат од независни судови.
15. Мажите можеби сакаат мажи, а жените можеби ги сакаат жените. Тој што има проблем со тоа е проблемот. Сакајте и дозволете да бидете сакани!
16. А во случај некој да не се чувствува како жена или маж, ниту таа ниту тој нема да бидат прогонувани или казнети. Овде на граѓаните им е дозволено да размислуваат „надвор од кутијата“ и да живеат така.
17. Под социјални власти не подразбираме работодавец туку институција што им помага на луѓето што не можат да работат и имаат финансиски проблеми. Но не за луѓето што не сакаат да работат.
18. Ние го почитуваме судството, бидејќи тоа суди, без разлика за која личност станува збор.
19. Жените во базен носат бикини или костими за капење. И кој сака да плива во Источно Море, и тоа е во ред!
20. Жените и мажите се еднакви во секој поглед.
21. Еднаквост постои и во исплатата на платите (на тоа треба уште да работиме)!
22. Ние дебатираме контроверзно и страсно, но не ги навредуваме оние што мислат поинаку.
23. Ние сме толерантни со толерантните.
24. Немаме толеранција за нетрпеливост!
25. Петарди користиме само за новогодишната ноќ, односно кога е дозволено.
26. Ние не ги палиме знамињата на земјите за кои не се залагаме. Тоа е кривично дело.
27. Ние ја почитуваме секоја религија, но јасно ја одделуваме религијата од државата.
28. Неверниците нема да бидат екскомуницирани, а камоли тепани или каменувани! Во случај на развод, важи заедничкото право на грижа за децата. Не е важно кој го предизвикал разводот.
29. Жената во брак не мора да биде девица!
30. Кој бара заштита кај нас поради политички прогон или војна, ја добива. Често му дозволуваат да остане, иако нема право на тоа. Не очекуваме благодарност за тоа, иако би било соодветно. Но она што го бараме е безусловно почитување на нашите закони и почитување на нашите вредности и нашиот начин на живот.
31. Ние не венчаме деца! Како ни мажи со повеќе од една жена.
32. Жените сами одлучуваат – исто како и мажите – за тоа како ќе се облекуваат, со кого ќе се дружат, кого ќе сакаат, дали повеќе сакаат да одат во диско или во црква, кого ќе изберат и каква работа ќе работат.
33. Германија е земја на луѓе што сакаат да прават скара. По пикникот во парк, ѓубрето го собираме по себе.
34. Ножот ни е во кујната, а не во џебот од панталоните.
35. Плаќаме даноци, затоа што знаеме дека тие се темелот на државата.
36. Ако жената му каже „не“ на мажот, тогаш важи тоа, без „ако“ и „или“. Сѐ друго спаѓа под кривичното дело сексуално вознемирување или силување.
37. Очекуваме секој што може и се осмелува, да најде работа и да се грижи за својата издршка за живот, дури и ако социјалната помош или додаток се повисоки од платата.
38. Во Германија училиштето е задолжително. Ние веруваме во важноста на образованието и учењето.
39. Во автобусите и во возовите оставаме слободни места за старите лица и за лицата со посебни потреби.
40. На здравје, Германија! Во оваа земја пивото и виното се дел од културата. Тоа треба да се почитува, а тие што не сакаат да пијат не мораат.
41. Колку е долго или кратко здолништето одлучува жената што го носи.
42. Секој што не може да поднесе карикатура на политичари, познати личности, богови или пророци не е на вистинското место во Германија.
43. Медиумите ги испитуваат политичарите, но ние фундаментално веруваме дека оние што се избрани носат вистински одлуки за доброто на народот.
44. Честа не значи право на посилниот.
45. На социјалните мрежи, почитта и благодарноста се исто толку прифатливи како во супермаркет или во канцеларија.
46. Се трудиме да ја заштитиме нашата околина. Затоа што одржливоста е иднината.
47. Германија има срце кога станува збор за децата. Тие не се борат, туку се поддржани.
48. Дофрлање или свиркање кон жените значи вознемирување.
49. Овде момчињата и девојчињата се смеат заедно на училишни излети, спорт – и часови по пливање.
50. Го сакаме животот, а не смртта.