Македонија не е држава на „господари“ и „слуги“

Имам впечаток дека кај нас во Македонија, работите главно се одвиваат во стилот (да го парафразирам рекламниот спот) „Македонија – и сѐ е можно“. Деновиве, за жал, бевме сведоци на еден таков, најблаго речено, непријатен чин, кој предизвика разочарување, револт и гнев кај обичните граѓани, особено кај Македонците.
Без око да му трепне и да се запраша себеси какви непријатни чувства ќе предизвика кај многубројниот македонски народ и другите почитувани малцинства што живеат во Македонија, интегративецот и „демократ“ (според името на партијата, ДУИ) Али Ахмети, викендот, кога во кумановското село Сопот го отвораше меморијалниот центар, или музеј на УЧК, буквално изјави дека Албанците се државотворци и господари во Македонија. (?!)
Колку ваквата изјава на лидерот на ДУИ и да боли, (ајде да не толкувам ниту правно, ниту политички, туку за почеток само емотивно, новинарски) сепак, воопшто никого не треба да го изненадува. Зошто?
Ете, да земеме само во последно време, и покрај сите отстапки и концесии што кон ДУИ и нејзиниот лидер Ахмети и неговото најтесно раководство ги прават македонските власти, не само тој туку и неговите најблиски членови во партијата и фамилијата се однесуваат, децидно, како да се господари на Македонија. Тој и сите негови најблиски, кои во името на партијата се декларираат себеси за демократи, до сите свои права и слободи најчесто доаѓаат со насилни и недемократски мерки и барања.
Па така, деновиве, додека министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска, очекува одговори од општините во врска со иницијативата за поставување споменици на загинатите бранители кај Вејце, Карпалак и Љуботенски Бачила, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во кумановското село Сопот, без, како што истакнува градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, да има дозвола за тоа, го отвори меморијалниот центар на УЧК.
Во музејот се изложени фотографии на команданти на УЧК од Косово, како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Македонија, како Исмет Јашари, и фотографии од Али Ахмети. И како што е вообичаено кога станува збор за прославите на Албанците кај нас како декор во музејот е истакнато знамето на „голема Албанија“, во кое се внесени делови од Македонија, Србија и од Грција. (Македонија можеби ќе го релативизира ова, но почекајте да видите како ќе реагира Грција и што подготвува таа).
Имено, пред влезот на комплексот се наоѓа мермерна плоча со картата на „голема Албанија“ пред која се поклонија учесниците во манифестацијата.

– Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам. Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари во оваа земја и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено – изјави Ахмети на свеченоста.
Колку ваквата изјава на Ахмети и да предизвикува разочарување, револт или гнев, не треба воопшто да чуди никого од нас. Останувајќи секогаш доследен на својата недоследност, едно да зборува, а сосема друго да прави, Али Ахмети вакви и слични изјави, под знамето и картата на голема Албанија, има дадено безброј пати. Тоа што останува нејасно е како досега ниту една партија или власт од Македонците не успеа да ги препознае ликот и карактерот на Али Ахмети, кој откако по протестот на ДУИ пред Собранието ја промовираше паролата дека во Македонија по 2001 година Владата ќе ја сочинуваат само победниците на изборите кај Македонците и Албанците на изборите, и оттогаш постојано е во власта.
Кога станува збор за ДУИ и Али Ахмети, за нив не значат ништо ни Уставот ни законите. Злоупотребувајќи ги отстапките на македонските власти, тие во изминатите 22 години од конфликтот во 2001 година, повикувајќи се на одредбите од Охридскиот рамковен договор, истиот тој толку многу го растегнаа и ги проширија своите барања, што во него беа вметнати дури и одредби и правила што ни самите Албанци не помислуваа да ги бараат.
Не знам како се чувствуваат најголемиот број од обичните Албанци, кои ја делат судбината на обичните смртници Македонци, Турци, Срби, Бошњаци, но лидерот на ДУИ и неговите најблиски, партиски и фамилијарни членови се однесуваа(т) како да се господари на(д) Македонија. Особено ако се точни информациите што деновиве се појавија во повеќе медиуми, а никој не ги демантира, за огромната мрежа компании преку кои се испумпуваат милионски средства во евра од државните институции и јавни претпријатија на приватни сметки, водени и контролирани од мала група луѓе блиска на најтесното водство на ДУИ.
Им се допаѓало тоа или не, сепак едно треба да им се признае на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и неговите сопартијци – умешноста за заобиколување на законите и позитивноправните прописи во државава. Тие, повикувајќи се на Охридскиот рамковен договор, растеглив до бесвест, се изборија со години да си седат дома, а да земаат плата и да избираат каде и колку пари ќе си земаат не работејќи, а водејќи се како вработени во државната управа. Ахмети и неговите соработници ги запоседнаа сите важни институции, министерства, агенции. ДУИ и Али Ахмети се изборија да господарат не само со економските ресори во државата туку и со судството и обвинителството. Отидоа дури дотаму слободно во своите кабинети да играат фудбал на мали голчиња.

Кога би ги набројувале сите нивни стекнати и нестекнати права и поволности што ги уживаат би ни требало многу простор. Но во оваа пригода се осврнуваме само на изјавата на Ахмети по отворањето на музејот во Сопот, Кумановско.
Додека местата каде што беа убиени македонските бранители се означувани со обични камени плочи, кои исчезнуваат прекуноќ, и министерката за одбрана Славјанка Петровска, во согласност со Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, чека да се изјаснат градоначалниците Албанци дали се тие надлежни да издадат одобренија за градба или не, Али Ахмети без да чека дозволи за градба изгради голем број споменици со огромни мегаломански димензии секаде каде што помисли и посака, во Зајас, Колари, Тетово, Гостивар, Кичево, Кумановско.
По толку долго време присутност на политичката сцена и 22-годишното учество во сите власти, на сите ни стана јасно дека непочитувањето на законите и прописите му е „вродена мана“ на лидерот на ДУИ, но чудно е како на сето тоа надлежните институции и власти се прават слепи и како не го гледаат.
Али Ахмети може себеси да се смета за господар. Но само на својот живот, затоа што ни тој, ни кој било политичар во Македонија, независно од која националност е, не може себеси да се смета за господар над другите луѓе.
Таквите „господари“, а во случајот и Али Ахмети, треба да знаат дека Македонија е држава на македонскиот народ и на другите малцинства што живеат во Македонија.
Сите тие и такви „господари“ треба да знаат дека Македонија по уставното уредување е парламентарна демократија, во која има поделба на законодавната, извршната и судската власт и дека во државата треба и мора да се почитуваат Уставот и законите и дека никој нема право да биде над нив.
Но и власта мора да сфати дека доколку сакаме Македонија да стане членка на ЕУ, кон која се стремиме, никому не треба да му се прогледува низ прсти и дека секој што ќе ги злоупотреби законите мора да се соочи со лицето на правдата.
Во оваа држава на сите треба да им биде јасно дека тој што има намера да гради какво било спомен-обележје, а буди непријатни чувства кај другите етнички ентитети, пред да почне да се гради мора да ги испочитува сите закони и процедури.
Таквото однесување треба и мора да важи за сите, без исклучок, па дури и за тие што како лидерот на ДУИ себеси се сметаат за господари.