(Или новата слика на антрополошкиот песимизам)
ОБСЕ. Човек. Цивилизација. Ова тројство, драг читателу, што се однесува пред сè на Западот, според аналогија (антисакрална) ја довикува кај нас сликата на Светото Тројство што ја уредува од небо вселената и сè во неа. Во неа ОБСЕ е Отецот, човекот е Синот (Исус), а цивилизацијата е Светиот Дух, кој е вглобен во животот на сè. Аналогијата во контекстот на нашата тема е функционална, оти во неа, следејќи ја библиската приказна, ќе ја вклучиме и Змијата (читај: злото) што ја урива со „забранетиот плод“ рајската хармонија, или среќата на човекот во небесниот рај, кој на Земјата е супституиран во сликата на цивилизацијата. Во случајот западната, која се претставува за рајска, нудејќи му божем на човекот демократија, слобода, технологија и леб. А всушност излегува, ако се погледне нејзината историја, дека сето тоа е гола лага, за што сведочат нејзините жестоки колонијалистички авантуризми за своја материјална бенефиција од Јужна Америка до Африка и азискиот пацифик. Во таа авантуристичка колонијална слика се вклучени и Балканот и неговите, и по нејзина заслуга, расцепкани народи.
Доволно за антрополошко-филозофски вовед во темата што има ограничен простор, во кој по аналогија со небесното Свето Тројство испловува на површина светото тројство на ариевскиот Запад со ОБСЕ (а тоа во контекстот би можеле да бидат и НАТО и ООН на пример), Човекот како божем негова вредност и Цивилизацијата како почва на која расте цвеќето на среќата, или цвеќето на злото, што е поверојатно, како што би рекол Бодлер. И сето тоа за кое зборуваме, драг читателу, цивилизацијата го демонстрираше во огледалото на хипокризијата и моралната беда пред две недели во жална Македонија на самитот на ОБСЕ (европска асоцијација за безбедност, што звучи, ако се знаат работите, иронично). Посебно е важно во контекст на безбедноста што божем ја нуди оваа асоцијација, дека нејзиниот самит се одржуваше во обезименетата земја врз која во 2018 година беше извршен идентитетски геноцид над нејзиниот народ од цивилизацијата што се фали со демократијата и човековите права, кои божем ги штити организацијата што се истопори со над илјада разноразни претставници и политички ветрогони на трпезата на „столченото племе“ (Конески). Саркастичен парадокс.
Сфаќаш што сакам да кажам, драг читателу, дека, за иронијата да биде поголема, со тоа што се случи тој помпезен настан кај нас обезименети се потврдија со царски печат лицемерието и хипокризијата на западната цивилизација на моќните колонијалистички нации, која ние сиромашните и небезбедните, како што се Македонците и Србите на Балканот, треба да ја воспеваме и фалиме нејзината и во нивна режија безбедносна организација. ОБСЕ. А кај нас за тоа воспевање беа задолжени во прв ред Османи и Ковачевски, чие балонско его се надува докрај. Тие паднаа безмалку во еротска екстаза кога долета Блинкен на вечера во Скопје и веднаш ја дувна за Израел, за да види како напредува Нетанјаху. За да ги замоли, демек, неговите смртоносни бомби кога ќе паднат врз згради и болници во Газа да не ги убиваат цивилите. А изгледа дека и тој и Борел, напуштајќи го самитот по вечерата спроти него, побрзаа да го одбегнат страшниот Русин Сергеј Лавров, кој за тој нивен гест на крајот и ги нарече оправдано кукавици што немаат храброст да се погледнат во огледалото на вистината.
Така. И што можеме да кажеме во сета оваа хипокритска политпапазјанија од антрополошко-филозофски аспект? Тоа дека, имено, таа директно го сугерира антрополошкиот песимизам од кој не може да излезе надвор на осветлена егзистенцијална висорамнина дезориентираниот човек на западната цивилизација. Цивилизацијата на митска Африка и мистична Азија е друга приказна, иако и таму Западот ги пуштил и не ги трга своите „демократски“ прсти. Сето ова зборува дека човекот не го надживеал својот примордијален канибалистички нагон за уништување на другиот, или на другото племе, потиснувајќи го од неговата територија за сопствен егзистенцијален комодитет. Така било во праисторискиот палеолит, така е и денес, само со многу пософистицирано оружје и технологија за убивање на противникот. Така и исчезнаа од лицето на Земјата неколкуте сјајни цивилизации од западните конквистадори во Јужна Америка: Маите, Инките и Ацтеките. Разликата меѓу тогаш и сега е само во софистицираниот облик на Западот со неговите разноразни институции за човекови права и демократија, кои се на хартија совршени, но во практика за малите и сиромашни народи се депресивни и деструктивни бидејќи функционираат обратно од напишаното. На нас Македонците ни е многу добро познато тоа веќе повеќе од едно столетие, почнувајќи од Букурешт 1913, па преку англискиот геноцид со нивните напалм-бомби на Македонците во Егејска Македонија, сè до терористичката војна на Албанците во 2001 спонзорирана од НАТО и Западот и до нашето идентитетско усмртување од „демократската“ цивилизација во 2018 година.
Да. Но во тој деструктивен танатосен нагон моќните нации на Западот не се насочени, како што е тоа нивен специјалитет, само на помалите и послабите, туку и на себе, едни против други, а сè со истиот мотив кој бил карактеристичен и за палеолитот за уништување на другата група, но сега не за голо преживување, туку за над секоја човечка мерка лакома и раскошна егзистенција на сметка на потиснатиот и убиениот. Така и се случија едноподруго и двете светски војни што си ги предизвика себеси и на светот лакомиот Запад, а третата веќе ја почна со од него фингираната и штедро поддржувана војна во Украина, сега и со брутално катастрофичната војна на Израел со Палестина, исто така безрезервно поддржана од Вашингтон и Брисел. Значи му нема крај на антрополошкиот песимизам во кој е сотеран човекот денес.
А тоа е, сме рекле многупати, драг читателу, резултат на обезбожената без Бог цивилизација. Таа наместо Богочовекот, кој го даде за пример на љубовта и слободата Исус, го изнедри човекобогот од типот на Хитлер, Черчил, Макрон и сличните. Го изнедри, наместо Христос, антихристот, за што пророчки зборува Достоевски во „Големиот инквизитор“.
Но да се вратиме на ОБСЕ во Скопје, драг читателу, во срцевината на настанот, иако за сè што зборувавме досега стои во неговиот епицентар, од кој не може да се скрие, зрачи на сите четири страни антрополошкиот песимизам што го попарил човекот како сланата во доцна есен цвеќето. И што беше централен настан на овој помпезен настан кај нас. Секако не екстремно минорните фигури на Ковачевски и Османи, по малку и сатирични, кои побрзаа да ја осудат Русија за војната во Украина, заобиколувајќи го учеството на НАТО во неа, и триумфално да изјават дека самитот на ОБСЕ во Скопје во идентитетски ликвидираната од Брисел и Вашингтон Македонија е пораз на руската дипломатија и победа на европската организација за безбедност. А колку сурово и цинично звучи, драг читателу, таа лага беше говорот на централната фигура на самитот Сергеј Лавров. Тој ја постави in medias res дијагнозата на болеста на оваа организација, а тоа е егоизмот на нејзините моќни западни членки со осведочено колонијално искуство и нивната профитабилна психологија за доминација над некои помали народи, нивно користење за сопствени геополитички и други цели. Во таа смисла, пред сè, тој посочи на самоволното бомбардирање на Србија од страна на НАТО 1999 и самоволното создавање нова држава на нејзината автентична територија. Тоа беше доволно за да го извлече заклучокот дека ОБСЕ е во морално и секакво друго распаѓање, дека како такво тоа не му е потребно на човештвото на западната хемисфера на планетата. Лавров рече дека Западот отворено ровари низ земјите на поранешна Југославија, поттикнувајќи и раздор меѓу нив. Неговата дијагноза на болеста на ОБСЕ иако веќе западна креатура невистина беше жестока, илустрирана со жестоки факти и болна за ариевската психа на Западот.
Така. Но во својот дијагностички говор, во неговата операција без анестезија на живиот труп на ОБСЕ во агонија, драг читателу, рускиот министер за надворешни работи не ја заборави ни Македонија, која не ја именуваше како западните и нашите политички сатрапи со Северна. Кажа кратко и јасно дека и врз неа и нејзиниот народ е извршен невиден западен притисок за нејзино обезименување и идентитетско ликвидирање, почнувајќи со она срамно БЈРМ и завршувајќи со смртоносното Северна. Го кажа тоа што требаше да го каже Ковачевски.
Да. Тоа. Македонскиот идентитетски геноцид со обезименувањето и укинувањето на интимната и историската меморија, што го извршија со речиси варварски притисок Вашингтон и Брисел, тоа беше вистинската тема за самитот на ОБСЕ во Македонија. Тоа. Но ние чекавме неа да ја постават Ковачевски и Бујар, чии мозоци не функционираат надвор од далечинскиот управувач на ариевските центри на Западот, вклучувајќи и на нашето американско Кале. Сергеј Лавров само ја загатна таа тема, но доволно да ѝ удри нокаут-шлаканица на нашата квислиншка влада, која него заедно и со хорската новинарска папагалска група, на која ѝ беа дадени однапред нотите, го дефинираа за контроверзен. Контроверзен оти беше автентичен, аналитичен и дијагностичен по однос на болеста на „скапоцената“ европска организација на безбедност, која на Србија ѝ обезбеди во 1999 година бомбардирање и создавање нова држава во неа, а на Македонија и Македонците идентитетска смрт. Значи, еве колку и Србите и Македонците биле заштитени од таа западна миротворна организација. Колку што се заштитени и Палестина и Палестинците денес, од кои западната цивилизација создава нова Хирошима. Дури од она што го гледаме и поужасна од неа. Тоа е факт и не може таа волчешка цивилизација да се облекува во јагнешка кожа со таквите мегаорганизации, божем за мир и хуманизам, како што се ОБСЕ, ООН и сличните само за да го замаскира своето злосторство. Кај многу западни антрополози со самостоен ум и етика ќе ги најдете нотирани сите нејзини многубројни колонизаторски авантури и геноцидни злосторства, како вршела стерилизација на цели групи популација и како со нејзиниот хуманитарен „хуманизам“ за да ги уништат Индијанците и некои други популации што ѝ стоеле на патот им давала за да не смрзнат ќебиња заразени со тифус и сл. Ќебиња што усмртуваат по првата ноќ откако домородците ќе преспиеле со нив. Па, во Белгија, во која сега се наоѓа седиштето на ЕУ, пред седумдесет-осумдесет години „културните“ Белгијци изложуваа во кафез во Брисел црнче како туристичка атракција на белгиската и европската аристократска елита и сл. Па црнците од Африка белите од Запад ги ловеа како пеперуги со мрежи и ги носеа како робови на своите плантажи. Итн. Имајќи го предвид сето тоа, некој антрополог и рече со право дека западот на моќните колонијалистички нации е злосторничко здружение.
Толку. На самитот на ОБСЕ во Скопје како навиени сите зборуваа за руската агресија во Украина, а никој не зборуваше за агресијата на НАТО на Русија. А и државниот тероризам во Израел, колку што знам, никој не го спомна. За сите е терорист само Хамас. Па, Ноам Чомски, на пример, напиша книга и за американскиот државен тероризам. Итн. Денес нема ни љубов ни слобода во човештвото, она на што учеше Христос, но и Буда. Оти без љубов нема слобода, и обратно, без слобода нема љубов. А и двете тие супстанции на душата одамна ѝ недостасуваат на западната цивилизација, драг читателу. А нејзе ѝ недостасува и душа, бездушна е, оти неа таа одамна му ја продаде на Мефистофел (ѓаволот). Гете на таа тема го напиша своето генијално дело „Фауст“. Крај. Ултрацрвено. Темен и депресивен е облакот на антрополошкиот песимизам што го налегнал човекот, драг читателу. За жал, сега за сега тој сè уште има западно потекло. Ние Македонците од искуство добро го знаеме тоа. До следната наша средба сè најубаво.