#NotATarget

Покрај многу домашни теми, подобро речено скандали, трета недела по ред се осврнувам на последната ескалација на деценискиот израелско-палестински конфликт или војна/и, затоа што оваа војна можеби ќе биде најбруталната, најкрвавата и најдолгата, но и со капацитет да има најголемо влијание на светот.
Веќе по само еден месец, со над десет илјади загинати и еден милион раселени лица, оваа војна станува најбрутална и најкрвава војна во скорашната историја на светот, а според најавите веројатно ќе биде најдолгата епизода во долгиот израелско-палестински конфликт. Со оваа изјава не ја потценувам стравотијата на војните и етничкото чистење во поранешна Југославија, ниту пак скорашното етничко чистење во Нагорно Карабах, туку стравувам дека сегашниов ужас во Палестина и Израел ќе ги надмине претходните. Зошто?
Ова е војна што никој не ја сакал, со исклучок на Хамас, и Бенџамин Нетанјаху, премиер на Израел, секој од своја причина. Хамас за да се врати на масата за одлучување, по најавите за помирување меѓу Израел и Саудиска Арабија, и Бенџамин Нетанјаху како уште еден чекор кон решението со „една држава“ наместо „две држави“, но во основа да го сврти вниманието од протестите против неговата влада. Според сведоштва и анализи на воени коментатори, целта на Хамас била да нападне две воени бази, во што успеал и притоа заробил повеќе израелски војници, меѓу кои и високи офицери. Но, кога паднал безбедносниот ѕид меѓу Газа и Израел (бетонски ѕид, боцкава жица и автоматска огнена стрелба на сензори на движење), групи и вооружени цивили го искористиле падот на ѕидот за лични одмазди, што довело до ужасот на 7 октомври. Стара поговорка вели дека кога си играш со оган, може да се изгориш. Еднаш откочената спирала на насилство, почнува да ги вовлекува сите страни во конфликтот. Јавајќи на бранот на радикализам, Бенџамин Нетанјаху двапати ќе реферира на Библијата на делови што не само што повикуваат на војна туку повикуваат на геноцид на Палестинците. Ердоган за свои домашни причини го предупредува Западот на судир на „полумесечината и крстоносците“, во истиот момент кога дава зелено светло за членството на Шведска во НАТО. Се трупа војска во регионот, САД испраќаат најголема флота досега, се мобилизираат Либан, Египет, Сирија… Русија е домаќин на средба на Хамас и Иран. Колку сите глобални и регионални сили не сакаат голема конфронтација, обидите за ситни добивки само ја потпалуваат ситуацијата.

Ситуацијата ја потпалува и фактот дека ова е прва војна што е толку телевизирана. Секој Палестинец со мобилен телефон, и покрај прекинот на комуникациите и интернетот, нуди сведоштва на ужасите во Газа. Групите поддржувачи на #PrayForIsrael и #FreePalestine набрзо се престроија во #StandForIsrael и #StandForPalestine. Вистини, полувистини, лаги, сѐ е во функција на добивање поддршка од светското јавно мислење. Покрај новата улога на социјалните медиуми, глобалната мобилизација е како никогаш претходно и поради децениското траење на конфликтот, потребата од нова агенда за западната левица и други прашања. Но, секако, и бидејќи ова е прв телевизиран геноцид. Да, геноцид, не само поради секојдневните ужаси и акциите на Израел туку и поради објавените планови за конечно решение на Газа: протерување на сите жители во Египет, со „хуман“ пакет за домување и компензација на Египет.
Во првите две недели светското јавно мислење е општо на страната на Израел, но оттогаш, со страдањето на цивилите во Газа, поддршката се менува на страната на Палестина. Како илустрација, на Тикток прегледите на објави со #StandForPalestine се четири пати повеќе од тие со #StandForIsrael. На Тикток само за последната недела за октомври има 87 илјади објави со 285 милиони прегледи за #StandForPalestine и 9 илјади објави со 64 милиони прегледи за #StandForIsrael.
По десетици вработени на ООН убиени во Газа, ООН ја реактуализира кампањата од пред неколку години #NotATarget, кампања дека цивилите, докторите и хуманитарните работници не се цел на воени акции. Во ООН со големо мнозинство беше усвоена резолуција за хуманитарна помош за Газа, со 122 гласа за и 14 против.
Назад на домашна тема. Македонија гласаше воздржано, на зачуденост на македонската јавност. Интригантно е дека одлуката, која наводно е донесена во МНР, во јавноста ја бранеше Димитар Ковачевски, а не министерот Бујар Османи. Одбраната беше дека е поради неосудувањето на Хамас. За контрааргумент, Франција гласала за резолуцијата. Сепак, ваквото гласање не е за изненадување. Од независноста наваму Македонија е блиска до Израел (иако имаме само еден дипломат во тамошната амбасада) и Македонија е единствена на Балканот и во регионот на Југоисточна Европа што ја нема признаено Палестина. Но за оваа корумпирана влада можеби е позначајно дека нивни главни пиар-советници се од Израел, и за што неодамна се објавија големи и сомнителни зделки.

Следниве денови и недели ќе покажат дали хаосот на насилство ќе ескалира или глобалните и регионалните сили ќе успеат да ја запрат ескалацијата. Патот оди преку ослободување на заложниците што ги држи Хамас, примирје, демисија на Нетанјаху и враќање на политиката на „две држави“. Доколку продолжи ескалацијата, ќе дојде до голема регионална војна, во која ќе бидат вовлечени САД, со голема човечка, политичка и економска загуба.

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични Блог www.megjutoa.mk @sklek