Нашата колосална трка

Спортските успеси и рекорди нека ни бидат стимул за преобразба на сите полиња. Затоа што додека напредуваме и се себенадминуваме и го живееме Скопскиот маратон со полни гради, славиме само една миговна среќа, сме успеале да ги оставиме проблемите на стендбај. Затоа што состојбите, перспективата, реалноста во Македонија ни се обратнопропорционални од сите овие успеси. Неопходно е спортскиот, коректен, солидарен, емпатиски, натпреварувачки дух да завладее во целокупното општество, во секој сегмент од суштествувањето, за вистински да напредуваме

Уште еден, 18. по ред, суперреализиран Скопски маратон ги обои улиците на градот во ведрина, еуфорија, жива радост, топлина. Река од луѓе и хиперпозитивна енергија буеше низ Скопје.

Често знам да кажам, Скопскиот маратон е вистински празник на градот, здравица на целиот напор, вложен труд, пот, часови тренинг.

Скопскиот маратон е денот кога секој ја трча својата трка. Во која на крајот сите сме победници. Затоа што секој ја истрчал својата цел.

Другарка ми рече дека трча да извади најдобар резултат во фирмата, и успеа. Некој трча само да го истрча, да успее да не застане. Некој за поставување личен рекорд. Други за подиум, за тимски резултати, за себедокажување, за забава, за дружба, за да се доживее ефектот на среќа, на задоволство, еуфорија… Секој ја трча својата трка, исто како на линијата на животот. И ништо не е невозможно.

Имаше зајадливи твитови, од типот „секоја недела трка, мислиш Кенијци сме“, ама вистинска радост е што направивме пресврт во навиките. А нели прво ние ги создаваме нашите навики, а потоа тие нас. Пронајдовме религија во трчањето. Станавме една таква масовна секта што обожава да зборува за патики, создавање темпо, баланс, храна, соборување лични рекорди… Количеството на адреналин што се излачува на денот на трката секоја година се зголемува. И сите трчаме да ја задржиме животната виталност. Копнежот да се избориме со себе, да се надминеме, прави да се чувствуваме дека сме навистина живи.

И да, за многумина плумаратонот и маратонот се подвиг. А медалите потсетуваат на сопствените битки и достигнувања.
На Олимпијадата во 1896 година во Атина, на првиот организиран маратон учествувале само 17 атлетичари. Оттогаш маратонците истрчаа навистина долг пат, и буквално и фигуративно. Победникот тогаш истрчал со време од 2:58:50, кое денес би било добро време за аматер, но е речиси цел час побавно од најбрзите денешни тркачи. Прогрес што е фасцинантен. Учеството на маратоните денес е зголемено навистина многу, и бројот секоја година се множи. Тргнувајќи од Скопскиот маратон, кој е сѐ помасовен, најголем митинг на позитивна енергија, со која се надминуваат сите човечки бариери, тука се забораваат сите разлики, години, граници, статуси, политики, етникуми…

Скопскиот маратон е нашата колосална трка. Стремеж кон подобро себе. Поим за лично челичење. Елемент што нѐ мотивира, поврзува, зближува, исфрла од комфорната зона, внесува нова страст и фокус во нашиот животен распоред.
Сега Кениецот Елиуд Кипчоге, на 37 години (факт што не е за занемарување), го редефинира човечкото брзо и овој пат за 30 секунди беше побрз од себе. Постави нов светски рекорд од 2:01:09 часа, со просечен пејс 2.52, уште еднаш ни потврди дека човечката раса нема граници. И човечките можности и способности се еластични и ние сме тие што ги поместуваме. И ќе продолжиме да ги поместуваме, затоа што не е потребно поставување ограничувања на неограничен потенцијал.

Ама ние имаме и наши примери. Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се вистински благослов. Нивната сила покажа дека македонската раса е побрза и поиздржлива од кога било. Национални рекорди се соборуваат како никогаш досега. Веќе неколку трки по ред ги редефинираат границите на брзината и издржливоста. Дарио кога лета (а сведоци сме дека прелетува низ Трета македонска, низ Гологанов) моќно, елегантно, лесно, со смиреност во изразот како да излегол на медитативна прошетка, нѐ поттикнува да се преиспитаме, да се предизвикаме, да го извадиме максимумот од нас. А, секако, оние помоќните се со повисоки цели, да му се доближат до времето, да го имаат во видик.

Адријана, најбрзата жена кај нас не знам по кој пат се престигна себеси, а овој пат успеа да постави нов национален рекорд на полумаратон, од 1:16:06 секунди. Самоуверено и со силно заземјување ги крши сите родови копја.

И за сите овие достигнувања, надминувања, себедокажувања има еден причинител – Скопскиот маратон.

Трките се многу подлабоки, посуштински отколку што се чинат во нашата глава. Сѐ зависи колку сакаш да нурнеш во нивната далга. Исто како и животот. Сѐ е до сопствената перспективата.

Овие имиња ја поместуваат човечката граница без сомнеж. И укажуваат дека човечката раса е создадена да напредува, да се надминува… дека сме создадени да одиме напред, да прескокнуваме пречки во секој сегмент од човештвото, од битисувањето.

Овие спортски успеси и рекорди нека ни бидат стимул за преобразба на сите полиња. Затоа што додека напредуваме и се себенадминуваме и го живееме Скопскиот маратон со полни гради, го славиме животот на плоштадот, ги собираме конфетите радост, славиме само една миговна среќа, сме успеале да ги оставиме проблемите на стендбај. Затоа што состојбите, перспективата, реалноста во Македонија ни се обратнопропорционални од сите овие успеси. Назадуваме во секој поглед, од демократијата, битката против корупцијата, владеењето на правото, економијата, здравството, образованието, екологијата…
Можеби и затоа Скопскиот маратон ни е една адреналинска терапија што не се пропушта.

Неопходно е спортскиот, коректен, солидарен, емпатиски, натпреварувачки дух да завладее во целокупното општество, во секој сегмент од суштествувањето, за вистински да напредуваме. И таа општествена преобразба да не биде маратон, туку спринт. Во спротивно, ќе почнеме да се губиме. Неморалноста нѐ влече како жив песок. Еден погрешен потег потопува цела толпа. Себеуништувањето нѐ води кон себеистребување. Фокусот ни е навистина битен. Да го поставиме во правиот нишан, да целиме високо.