На Балканот не се пие чај…

Надежта во љубовта и верувањето дека животот е некаде на друго место ги урива географските, етничките, идеолошките и културните бариери на европска територија од дамнина. При преселбите, луѓето се приспособуваат на одредени нови услови, ги прифаќаат правилата како нужност што го преобликува, како надворешното така и внатрешното битие, но длабоко во себе ги чувствуваат и негуваат корените, кои во одреден момент прераснуваат во вистински мостови меѓу народите

Вака беше насловен интересен филмски проект пред дваесетина години, но секогаш актуелен, податлив, интересен, еве, и како пригоден наслов за тековните и редица настани, неодгатнати теми, дилеми и случувања на проблематичниот ридест Балкан, каде што наместо чај со векови се пие крв… според дежурните циници. Вестите, информациите и случувањата со бегалските и хуманитарни кризи одново ја подотвораат и актуализираат темата за глобалните текови, но и за нашите миграции, иселувања, бегства поради непотизам, партизација, „невозвратена љубов“ и други најразлични мотиви и причини, секогаш широка тема и насока и за „истражувачкото новинарство“.

Миграцискиот инстинкт – во кој е проектирана човечката потреба за движење е константа на севкупната историја на човештвото. Надежта во љубовта и верувањето дека животот е некаде на друго место ги урива географските, етничките, идеолошките и културните бариери на европска територија од дамнина. При преселбите, луѓето се приспособуваат на одредени нови услови, ги прифаќаат правилата како нужност што го преобликува, како надворешното така и внатрешното битие, но длабоко во себе ги чувствуваат и негуваат корените, кои во одреден момент прераснуваат во вистински мостови меѓу народите.

Да ги задржиме младите во Македонија е егзистенцијален императив со димензија на хамлетовска дилема – да се опстане или не – како народ, држава, јазик, како наш долг кон општочовечката цивилизација. Евидентно е (штом, нели, засилено се иселуваат) дека како општество, влада, бизнис-заедница, поединци – не чиниме доволно.

Основни потреби на човекот се стан, храна и облека… од домаќинство за четврто одделение, а за тоа се потребни работа, вработување… Бизнис-заедницата, па и Владата, за да ги зголеми странските инвестиции – покрај енормните субвенции, имаат интерес да имаат слабо платени работници и невработеност – за да ги зголемат конкурентноста и профитот. Системот каде што правдата е само за некои, корупцијата, загадувањето на градовите, статистичкиот бум на умрени од ковид-епидемијата, рак и срцев удар, просечната плата и споредбите со состојбите и можностите во странство (дури и во соседството) – ги бркаат граѓаните од дома – во странство. Треба да се бориме за Македонија секаде, вели авторот – но таа е само овде…

Судбини, човечки драми и сочиненија секогаш ја поттикнуваат љубопитноста и ја враќаат скокотливата тема за криминалната приватизација, бегствата и преселбите со кои на „волшебен начин“ исчезнаа купишта пари, капитал на генерации трудбеници создаван со децении во социјализмот.

Македонија е земја во која, според официјалните извештаи на Светската банка, 300.000 граѓани се заминати надвор од државата, од кои 200.000 се млади, работоспособни, Македонци, Албанци, Роми…

И во не толку далечното минато, нашите луѓе се иселувале. Некои од мака, сиромаштија, некои поради идеолошко и политичко несогласување, некои од невозвратена љубов, можеби, некои од љубопитност, авантура. За тој дел од нашето живеење се испеани многубројни рефрени, напишани се книги, снимени се филмови.
Од соседна Бугарија, според анализите, бројката на отселени е над два милиона граѓани, главно обучен и високообразован кадар, како и од Србија, Хрватска, Романија. Тоа е трајно уништување на потенцијалот на државите, подвлекуваат некои загрижени „инертни“ кругови. Добро, а како ги замислуваат загрижените „дежурни родољуби и патриоти“ влегувањето и животот во Европската Унија, со некомпатибилниот балкански менталитет и навики – одговараат проевропските, мислители, олеснувачи. Демек сакаме во Европа, ама да си бидеме дома, покрај огнот. Како што доаѓаат странски компании, луѓе, менаџери, стручњаци, војници, така и нашите човечки ресурси ќе се движат, ќе заминуваат, ќе доаѓаат, ќе одат, ќе се дошколуваат, ќе се враќаат, ќе остануваат.

Македонија, според официјални параметри и статистики, е една од најсиромашните земји во Европа. Но Македонија е и земја од која, според процените на официјални пресметки на релевантни надворешни извори, од почетокот на транзицијата се изнесени 4,5 милијарди евра. Млада, мала, од никого заштитена самостојна независна држава, која со скромни ресурси и економски перформанси се одвојува од некогашна СФРЈ и влегува во неизвесна и турбулентна фаза на транзиција, воени конфликти, атентати и згора на тоа од земјата на мистериозен начин се одлеани безмалку два годишни буџети. Кој, како, каде – сега барем за овие работи во ерата на вмреженост може да се открие, следи, види траекторијата.

Дали сите млади, средовечни и стари што ја напуштија осиромашената земја отидоа во белиот свет по парче леб? Страв од сегашноста, страв за иднината, страв за работното место, страв од притисоци… или накратко – страв од многу стравови? Или, заминаа за да ги покријат трагите на парите што „ги спечалија“ во матната транзиција и се придвижија по врвиците кон белосветски дестинации и скривалишта и од безбедна дистанца притаени да гледаат сеир и да ни го берат гајлето? А ние овде ќе си ги вадиме очите, ќе се мразиме, ќе си „пуштаме крв“, ќе се делиме по сите основи. Тоа се важни прашања што заслужуваат каков-таков одговор.

Среќа што таму, во дијаспората, како што милуваме да ја нарекуваме, постојат луѓе што поинаку гледаат на трнливиот пат и севкупната развојна линија во која се наоѓа и чекори Македонија. Грешки правеле и претходните генерации и сегашниве, а на идните генерации е да учат на тие грешки и сѐ помалку да дозволат туѓите влијанија да ни ги кројат сопствената судбина и историја. Треба да веруваме во себе и во напорите што ги прават овие генерации и сами да се избориме за своето добро.

Иднината зависи од самите нас и е во наши раце. Само со мудра и долгорочна политичка и економска платформа може да успееме, порачуваат од дијаспората. Нашите преселници секоја година испраќаат во татковината меѓу една и две милијарди евра. Во поново време некои се враќаат во татковината, некои ги вложуваат своите спечалени пари во бизнис, некои градат цркви, манастири, чешми.

Се разбира дека тие остануваат Македонци каде и да се. Вредно е да се напомене дека, сепак, нешто позитивно се случува во Македонија, а тоа е и најважно. И за крај уште еднаш да подвлечеме, Македонија е секаде онаму каде што се бориме, се трудиме и мислиме на неа. А на Балканот и оваа сезона се пие чај во големи количества, а како што стојат работите, ќе се пие уште долго.