МРТВ 77 години медиумски пандемониум

„Зборуе Радио Скопје…“

Во развојот на Македонската радио-телевизија (МРТВ) карактеристични се неколку фази. Најпрвин беше радиото, потоа радиото и телевизијата беа едно. Како што растеше и се развиваше системот, се одвоија, радиото и телевизијата. Потоа, имајќи ги предвид диверзитетот на интересот на гледалиштето и растот на македонската држава се создадоа услови за отворање на Втората програма, како комплементарна и алтернативна нужност, чиј виртуелен одраз како јавен интерес е континуирано предмет на програмите на Македонската радио и телевизија, еве, веќе полни 77 години. Со отворањето и доизградувањето на Третата програма, поизразено се одговори на мултиетничкиот карактер на самостојна Македонија. Во процесите на развој се создадоа професионални кадри што успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневно следење на настаните и информирање од историските збиднувања, големите играни серии, подемот на документарниот жанр, квалитетна образовна програма, со која пораснаа и другаруваат генерации, слушајќи ги и учејќи ги македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, тоа е само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
Со дигитализацијата, реставрацијата на ентериерот и директниот пренос од седниците од највисокиот законодавен и уставотворен дом во нашата држава, од неброените брифинзи, конференции за печат и сл., изминативе десетина години се врши интензивна виртуализација на политиката.
Директниот телевизиски пренос од парламентарните сесии е важна и повеќезначна придобивка на нашата демократска нова реалност. Таа, освен што го воведе парламентот како содржина во нашите дневни соби, промовира во извесна смисла и еден релативно нов (за нас) телевизиски жанр – политичко шоу, како поджанр на политичката естрада, што и покрај статичниот мизанкадар плени со силата на латентниот интелектуално-когнитивен потенцијал и мелодрамски набој.

МРТВ низ годините често беше предмет на дебати, дискусии, недоразбирања, закани од типот „МРТВ да гори, да се укине…“ и уште куп небулози, предлози, сѐ под заеднички именител – Потребен (ви е) ни е нов, модерен и силен јавен сервис.
Неверојатно е колку паушални оцени, мислења, анализи беа во оптек на адресата на Јавниот радиодифузен сервис. Дури имаше и отворени повици од позиција на високи функционери во собраниските комисии за медиуми да се укине јавниот сервис.
Лошата слика за МРТВ, за што често можевме да прочитаме, да чуеме и да видиме во печатот и во некои од електронските медиуми – национални и други концесионери, „медиумски експерти“ (самопрогласени) – во голем дел е резултат на една долгогодишна континуирана неподготвеност, најпрвин на дел од политиките, а потоа и на дел од јавноста, да се соочи со објективните претпоставки и вистинската димензија на овој сложен продукциско-информациски систем, столб на македонскиот медиумски суверенитет.
Она што не минало низ медиумскиот продукциски преглед не постои – тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите. Како сервис што го канализира јавниот интерес и ја афирмира севкупната македонска реалност, МРТВ е најголемиот и единствен вистински продуцент со вредна и високопрофесионална инфраструктура и искуство, во кое со децении се вградувани креативноста, умеењето, љубовта на генерации сонувачи, вредни професионални профили во содејство со респектот и довербата на гледалиштето. Програмите на МРТВ низ годините овозможија афирмација и широка дистрибуција на аудиовизуелни содржини, што беше задача и една од клучните функции, но во поглед на структурата тие одамна ја надминуваат таа претпоставка и прераснуваат во производители на содржина и жанрови во кои ја компримираат реалноста, ја пресоздаваат и ја вградуваат во етерот како суверена зона на виртуелна репродукција на севкупното општествено-политичко, економско, културно и духовно битие. Важно е да се истакне дека и нашиот домашен продукциски производ во поширока перспектива има и посложени задачи и значење.

Продукциските содржини што 77 години во континуитет професионално и квалитетно ги продуцира и емитува МРТВ како пресек на севкупното битие, во првата фаза на експлоатација се телевизиска програма, со стандардна динамика на експлоатација. Премиери, фестивали, промоции, репризи…, а потоа влегуваат и остануваат во депоата како ризница, артефакти, како оние што на секој чекор ги откопуваме во Македонија и на кои одвреме-навреме се навраќаме.
Со време тие ја надраснуваат својата виртуелна улога и стануваат архивска граѓа – сведоштво за нашето постоење и историско паметење, а МРТВ беше и денес е најголемиот и единствен вистински продуцент со вредна и високопрофесионална инфраструктура и искуство во кое со децении се вградувани креативноста и умеењето.
Денес сме сведоци на создавање нов медиумски поредок што го обележуваат нов вид услуги. Неопходно е следење на трендовите, но тоа не подразбира медиумска корепетиција и слепо прифаќање готови модели. Во тој медиумски пандемониум свесно и грижливо треба да се штитат и негуваат посебностите и изворните вредности и да се исползуваат новите технологии на најдобар можен начин за заштита и развој на сопственото медиумско битие.
Сложениот и важен систем МРТВ и од идните поколенија треба да се штити и доизградува технолошки и продукциски, како важен институционален бедем за иднината, која сѐ повеќе станува електронска и виртуелна и во која и економскиот, културниот и пропагандниот натпревар ќе се одвиваат во глобалниот етер и во нив на различни начини ни се овозможуваат најразлични сни.
Нека е честит јубилејот и благородност за придонесот и за сето она што МРТВ низ децениите го правела, го прави и ќе го прави за сите граѓани во татковината и низ светот.