Мора да ги пресечеме европските Гордиеви јазли

Има една мудра приказна од антиката, која и денес ја користиме: приказната за Гордиевиот јазол – јазол што е толку цврсто преплетен, што е невозможно да се одврзе.
Според легендата, Александар Велики славно го решил предизвикот со пресекување на јазолот со својот меч. Ова е поука дека нерешливите проблеми понекогаш најдобро може да се решат со предизвикување на нивните истакнати ограничувања – и со решително дејствување.
Со оглед на тоа дека во моментов работи на својот пат кон стратегиска автономија и прави напори да се етаблира како водечки глобален играч во процесот на трансформација кон една повитална иднина, Европа на многу начини се соочува со неколку такви Гордиеви јазли, за кои нашиве актуелни кризни времиња може да се покажат како катализатор.
Кога станува збор за стратегиската независност на Европа, економската сила претставува основа за моќ во сите области. А Европа – под која ги подразбирам институциите на Европската Унија, регионалните и националните влади, како и нејзините компании и население – излезе со низа долгорочни економски стратегии во полиња што се навистина важни, како што се одржливост, технологија и социјална инклузивност. На пример, Европскиот зелен договор, кој претставува најсеопфатна светска програма за декарбонизирана економија.
Но Унијата честопати е бавна во имплементацијата на своите големи стратегии. Досега ние заостанувавме зад Кина и САД во неколку критични области – од дигиталните платформи, преку новите компании, па сè до споделувањето податоци и вештачката интелигенција. А сега сме соочени и со геополитички превирања, предизвикани од руската инвазија на Украина, која многу повеќе ја оптоварува европската отколку другите глобални економии.
Не е дека немаме примери за видот на акција што сега ѝ е потребен на Европа. За време на пандемијата на ковид-19, континентот покажа дека умее да ја менува брзината – од постепен и промислен пристап, до пристап што е дефиниран со голема агилност и драстична реализаторска брзина. Поттикнувањето на развојот и масовното воведување вакцини претставува совршен пример за одлична соработка меѓу институциите на ЕУ, националните влади и индустријата. Во овој случај Европа – со тимска работа – го пресече Гордиевиот јазол.
Овој колективен успех треба да нè охрабри и инспирира да ја искористиме актуелнава геополитичка криза како иницијална каписла за нови брзи егзекуции и во други критични области.

Доколку Европа пред една деценија се фокусираше на промоција на поголема енергетска ефикасност и експанзија на обновливите извори на енергија, нејзината стратегиска автономија во однос на енергетските прашања, денес во голема мера ќе беше веќе реалност. Мојата татковина Данска покажува дека тоа е возможно.
Мора да се признае дека енергетската политика е комплицирана мрежа од национални и регионални одговорности на ниво на ЕУ. Сепак, во моментиве кога судбината на Европа е на коцка, мораме да го забрзаме преминот кон обновливи извори на енергија.
Предлогот на Европската комисија за достигнување 45 отсто обновливи извори во целокупната енергетска мешавина до 2030 година е оној вистинскиот. Исто така, Унијата си постави цел намалена потрошувачка на енергија до 2030 година, и тоа најмалку за 39 отсто кај примарната и 36 отсто кај финалната потрошувачка на енергија. Но сега сите актери – на ниво на ЕУ и на национално и регионално ниво – мора да го спроведат ова сложно и со голема брзина. А тоа значи спроведување на заеднички забрзан план од страна на сите земји, чија цел е оптимизација на целиот европски енергетски систем како еден отворен пазар.
Индустриските чипови се сложена електроника, која претставува столб на современата мобилност, производството, здравствената заштита, енергетските мрежи и другиот сличен хардвер. Ако постои недостиг од нив, компаниите не можат да испорачуваат софистицирани производи, како автомобили, возови, медицински уреди или други машини, што ќе предизвика брановиден ефект врз целата економија.
Европа веќе поседува стратегии за обезбедување долгорочно снабдување со суперминијатурни чипови за потрошувачки апликации. Но ние треба да ги дополнуваме овие стратегии со амбициозни цели за решителна краткорочна експанзија на европското индустриско производство на чипови, нешто што би требало да вклучува скратување на временската рамка за отворање вакви капацитети на 18-24 месеци.
Петтата генерација мобилни мрежи им овозможува на индустриските уреди од сите видови – од турбини на ветер, преку производствени роботи, па сè до трафостаници – да испраќаат, примаат и да анализираат податоци со огромна брзина и во вистинско време. Тоа е физички предуслов за одење кон следното ниво на дигиталната индустрија и дигиталната економија. Меѓутоа, 5Г-мрежите во Европа се ограничени, нерамномерни, а на многу места и непостојни.

Најголема пречка за конкурентна покриеност со 5Г е недостигот од масовни инвестиции. Денес во Европа оперираат околу 150 различни телекомуникациски оператори, а на поголемиот дел од нив им недостига пазарен удел и опсег – следствено, и финансиски средства – за да инвестираат во развој на инфраструктурата, неопходен за идните мрежни поврзувања.
За да ја достигнеме покриеноста со 5Г што ја имаат Кина и САД ќе мора да го консолидираме нашиот телекомуникациски сектор, што за возврат ќе бара преиспитување на европскиот закон за конкуренција. Доколку задоцниме со 5Г, ќе задоцниме и со дигитализација на нашата индустрија и општество, губејќи ја нашата конкурентска предност.
Последно, но не помалку важно – податоците се во срцето на секоја иновација. На пример, за управување со градските области со ниска потрошувачка на јаглен и енергија, потребни ни се податоци околу временските услови, потрошувачките модели во разни периоди од денот и годината, достапното снабдување со обновлива енергија и слично. Токму споделувањето податоци е она што ја овозможи нашата битка против ковид-19.
Меѓутоа, често различните активи на податоци се наоѓаат во рацете на голем број разни институции, компании и оператори и само со составување на целата сложувалка може да ја видиме пошироката слика и да стекнеме подлабок увид во состојбите. Токму затоа мора силно да го поттикнеме споделувањето податоци.
Сепак, законската принуда не е вистинскиот пристап за промоција на креативност и иновации. Наместо тоа, ЕУ и националните влади би требало да ги предводат и поддржуваат „коалициите на подготвените“ во клучните економски сектори – следејќи ги примерите на Европскиот центар за здравствени податоци или на Катена-Икс во автомобилската индустрија – а тоа би можело да се постигне со поттикнување на таквите коалиции со јавни инвестиции, обезбедување на водењето и правна сигурност, како и со елиминација на административните препреки.
Живееме во исклучителни времиња со драматично зголемени геополитички ризици, но и значајни технолошки можности. Европа ја дефинира вистинската стратегија за иднината – и тоа на многу начини. Ваквата стратегија ќе ѝ овозможи на Унијата да ја води транзицијата кон една повитална иднина. Меѓутоа, Европа заостанува, а за да може да одиме напред, фокусот и егзекуцијата се од круцијална важност.
Глобалните компании како „Сименс“ ни покажаа дека во времиња на брзи иновации, брзината ја победува големината.

Сходно на ова, го трансформиравме големиот конгломерат во три фокусирани, агилни компании – секоја од нив со способност да ја предводи трансформацијата во сопствените области – здружувајќи се со мали новоформирани компании, со цел за иновирање и обемна изградба преку отворена дигитална платформа.
Нашата моментална структура наликува на онаа на Европа – збир од самостојни земји, кои соработуваат за да ја дефинираат иднината. Традиционално, оваа структура резултира со комплексно креирање политики и нивно бавно спроведување. Ова треба да се надмине преку користење доверба и активирање на мрежите меѓу нашите држави, со цел за многу брза соработка и забрзување на иднината на критичните инфраструктури.
Исто како и Александар Велики, ние треба да ги пресечеме нашите Гордиеви јазли со решително дејствување, претворајќи ја кризата во можност и забрзувајќи го конечно патот на Европа кон една одбранлива иднина.

Џим Снабе

(Авторот е претседател на „Сименс АГ“ и копретседател на претстојниот состанок на врвните германски и француски бизнисмени, кој ќе се одржи во градот Евиан)