Македонија и бугарските навредливи предлози

Во последните денови од 2021-та, министерот за надворешни работи Бујар Османи ги информирал новинарите дека во декември 2020-та, од неговата тогашна бугарска колешка Захариева добил предлог за прекин на блокадата на нашите преговори со ЕУ. Кажал дека во документот, кој требало да го потпишеме, имало и две неприфатливи точки. Едната била дека – „македонскиот јазик произлегува од бугарскиот“, а другата дека – „македонската нација била создадена врз основа на бугарската, во обидите за ослободување од Отоманската Империја“ (според Канал 5, во вестите на 29.12.2021). Османи не кажал, ама тоа веројатно требало да биде некаков анекс на договорот за (не)пријателство… Според Канал 5, Османи оценил и дека двете држави имаат спор!
Да почнеме од крајот. Зарем е можно на човек на таа функција да не му е јасно дека ние немаме никаков спор со Бугарија? Особено за тоа кои сме и каков јазик зборуваме. Сосема спротивно, врз основа на нивните фантазмагорични историски синдроми, Софија води жестока војна против Македонија и ние сме жртва на класична агресија. Тоа е вистинската квалификација. Секоја друга дава сосема погрешна претстава што точно се случува. Спор би постоел само ако македонската нација и јазик се навистина измислени од Тито и Коминтерната и Софија сега инсистира тоа да се потврди, а ние не се согласуваме. Основна задача на дипломатите е точно да ја дефинираат секоја ситуација. Или да ја приспособат на интересите на сопствената држава. Османи го прави токму спротивното. Оваа негова оцена целосно ја девалвира меѓународната позиција на Македонија, а негова основна задача и должност се да ја гради и зајакнува.

Начинот, пак, на кој Османи го третира безобразниот бугарски предлог е крајно аматерски. Прво, и клучно, според основните, и тоа не само дипломатски туку и политички узанси, ако сакате и непишани закони, таков понижувачки и навредлив документ – не се прима. Во најмала рака, се враќа на самото место, евентуално со фрлање на маса и со соодветен крајно остар коментар. Ако имате вистински политички капацитет и сте свесни за својата одговорност, истиот тој се кине во присуство на тој што се осмелил да ви го предаде, бидејќи е длабока навреда за вашата земја. Ако не постапите така, вие покажувате дека немате никаква врска со дипломатијата. Демонстрирате подготвеност да разговарате за таквите бесмислености, што значи и подготвеност да ги – прифатите. Тие нѐ плукале во лице, а Османи, најверојатно, пријателски и добронамерно се смешкал. Сѐ што кажал Османи на пресот е катастрофално погрешна и срамна постапка во име на Македонија. Ако нам не ни било јасно што се случува, другата страна, којашто имала сѐ прецизно подготвено и е дипломатски многу супериорна, под мустаќ ни се смеела на неукоста и ни се чудела на паметот. Впрочем, ако тој веќе го примил непристојниот предлог, а не смеел, македонското МНР, значи повторно Османи, морало уште утредента да ја извести бугарската страна дека предлозите се навредливи и со индигнација ги одбиваме и, поради нивното крајно неприфатливо непријателско однесување, ги прекинуваме сите понатамошни контакти.
За овие настани требало веднаш да се известат Вашингтон и Брисел, потенцирајќи дека проблемот треба да го решава самата ЕУ, а не Македонија, бидејќи е во прашање класична уцена. Ние баравме прием во Унијата, оттаму ни одговорија дека сме ги исполните потребните критериуми, а блокадата, која во нејзините рамки ја поставува Бугарија, е нивни предизвик, а не наш. Бугарските барања треба да ги решаваат според нивните стандарди и да дефинираат позиција во поглед на нашето барање. Тие да ни постават услови. Требало да се нагласи и дека Македонија веќе нема што да бара во Софија. Достоинствена земја, со професионалци што имаат барем минимални познавања на дипломатските практики и техники, така постапува. Сѐ друго што следувало, само покажало дека ние не сме никаква држава, барем не македонска, и дека немаме никакви ограничувања.

Интересна е и информацијата дека, наводно, на пресот на Османи биле поканети само „добронамерни“ новинари, а не некакви „македонски националисти“ што изигруваат патриоти и се борат за преживување на македонизмот. Тоа е дополнителна саботажа на интересите на македонскиот народ.
Ова не е и крајот на неразумните екскурзии на Османи во врска со Македонија и Македонците. Истите денови, на ТВ 21, во интервју на „Клик плус“, нему не му паѓа ни на крај памет дека треба да се бара барем минимум реципроцитет околу евентуалното впишување на измислените „Бугари“ во македонскиот Устав, односно дека ист третман МОРА да добие и многубројното македонско малцинство во Бугарија. Напротив. Неговото залагање дека Софија не треба да ги внесува Македонците во својот устав е момент што целосно ја открива неговата стратегија во однос на Бугарија. Тој, демек, се грижи (!?) и за нивните проблеми. Откако целосно ги игнорира Македонците во Бугарија, тој вели – „Бугарите во Македонија треба да се чувствуваат како апсолутни граѓани“ и „немам никаква резерва во однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заедница во Уставот, ако тоа им значи“!? Види, богати! За кого, всушност, навива Османи? Зошто, на пример, тој не излезе со поддршка на Македонците во Албанија, кои Софија отворено и без никаква основа ги присвојува? Или, не дај боже, да се изјасни за минималните права што ги имаат Македонците во оваа земја? Тоа е секако работа и на Османи, бидејќи е македонски МНР.
Впрочем, со оглед дека македонскиот министер Османи лобираше во Мадрид за признавање на Косово, што, според Груби, е нивни приоритет, би требало директно да се праша – зошто никогаш и никаде нема спомнато дека Србија има своја историја на Косово, вековни религиозни споменици таму, кои навлегуваат во срцевината на нивното битисување на Балканот? Дека, барем затоа, мора да се води сметка и за нивните интереси кога се решава статусот на Косово, кое е, пак, нелегално и сосила отцепено од Србија, спротивно на документите од Хелсинки. Како на Албанец, тоа не му паѓа на памет, ама затоа има разбирања за бугарските интереси, иако тие ги загрозуваат фундаментите на македонизмот. Интересно, нели? Сепак, Османи и Груби не се виновни.

Тие си ја тераат својата политика, која има за цел обединување на сите Албанци, и јавно нѐ потсетуваат дека Кичево е нивни воен плен од 2001-та, додека ние молчиме и се правиме отсутни. Во одредените услови, нивното однесување е логично, а ние мораме да се чудиме – кај се македонските политичари?
Да бидеме сосема јасни. Политиките што ги пропагира Османи, воопшто не треба да бидат спорни. Ако се за него, како и за другите политичари од македонскиот албански блок, поважни интересите на Косово и на Албанците во целина, отколку тие на Македонија, што тие и не кријат, логично е нивните симпатии, макар и прикриени, да бидат на страната на Бугарија, чија цел е бришење на македонизмот. Откако ќе ги снема Македонците, барем официјално, што е веќе во напредната процедура, многу полесно дефинитивно ќе се реши и албанското национално прашање. На албанските политичари мора да им се честита. Имаат јасни национални политики, кои ги прецизираа во Тиранската платформа, која е за нив поважна и од Охридскиот рамковен договор, и сите се единствени во нејзината реализација. За разлика, „нашите политичари“ се фалат дека не биле од патриотски сој!
Да спомнеме само уште дека Османи смета, и тоа не го крие, дека германскиот предлог за македонскиот јазик, повторен во португалскиот, кога овие две земји претседаваа со Унијата, е сосема во ред, што е апсолутно неприфатливо. Тоа би било наша нова и непростлива историска грешка. Според овие предлози, решението за македонскиот јазик би требало да се бара преку приклучување на бугарска изјава во преговарачката рамка за Македонија, дека македонскиот јазик не постоел до 1944 година, односно дека дотогаш бил бугарски. Паралелно, Македонија би приложила своја изјава дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година! Премногу е просто за да не се разбира: со тие два документа, Македонија јасно и директно потврдува, се согласува и прифаќа дека до 1944 година немало македонски туку само бугарски јазик, кој е, потоа, кодифициран како македонски. Треба да си слеп, глув и нем, ова да не го разбираш. Оваа софистицирана подвала и глупост не може поинаку да се толкува.

Но на Османи треба да му бидеме и благодарни: заслужен е што дознавме дека македонскиот јазик, сепак, е на маса. Информирајќи нѐ на кој начин се бара решение, според горните предлози, тој прв и единствен нѐ извести за тоа. Сите други, вклучувајќи го и премиерот, енергично тврдеа дека за јазикот (и идентитетот) – не се преговара. Сега, преку поганите предлози на Захариева, кои повторно ни ги пренесе Османи, официјално знаеме дека и идентитетот е тема на преговорите. Самиот факт дека некој прифатил да преговара за истите тие значи дека направил тешко предавство на националните и државните интереси и за тоа мора да се одговара. Никој во земјава нема таков мандат. Тоа е класично игнорирање на фундаментите на македонскиот народ.
Овие факти се само дополнителен доказ дека Македонија нема друг избор туку веднаш да го откаже договорот за (не)пријателство, кој е основа за бугарската агресија врз македонизмот.