До вистинското лето имаме уште неколку дена, ама сепак е на прагот од месецот на големите радости за ученичката фела. Се разбира, не се поткарани ниту родителите, особено оние што имаат каде да ги закотват своите дечиња за време на распустот. Се разбира, тука е и нивната заедничка радост бидејќи започнува сезоната на туристички отстрел. Сонце, бесконечна морска шир, мирислива храна зачинета за покривање на вистинските недостатоци на производите што се нудат на секој агол. И мангарчиња, секако. Во транслејт, евра, долари, франци… ги има колку ти душа сака, ама не и кај сите.
Дури и сега кога слушам засилен џагор и весела врева на тајфи ученици што минуваат покрај мене, славам и се радувам заедно со нив бидејќи со исто чувство беше и мојата генерација во минатото. Овде треба да се истакне дека најлошите ученици беа најгласни и можеби таа самодоверба и лежерност ги исфрлија на површината на општественото раслојување. Бидејќи со летото започнува период на авантури и развиореност на духот, колумнава ќе ја поставам на темелите на омнибус-обработка.
Животов ни се претвори во сѐ ама не и во спокоен. На палетата на застранетост имаме агресивен камбек на лудаци и фашисти инфилтрирани и доминантни во зовриеното секојдневие. Воените профитери заедно со ѓаволот со себе во Тартар водат илјадници млади животи што не вкусиле ниту капка од совршенството на природата – животот. Агресивни се и берзанските шпекуланти и политичките манипулатори. Имаше еден популарен израз на мудрите – „леб без мотика“. Денес тоа се нарекува инвестициска култура или начин како да се дојде до пара без да се пролее капка пот. Затоа не е ни чудно што големите „мештри“ на финансиската кула, за дел од секундата (карикирано), печалат баснословни износи на своите сметки. Патем, ни самите не знаат со што располагаат оти таму има книговодствени месии што демнат нови мајдани за зголемување на контата. Вообичаено, од добивките на газдата трпаат илегално и на своите сметки бидејќи никој не може да ги контролира. Во летните горештини, ова се нарекува тренд на „некои што тоа го сакаат жешко“. Не, тоа не е филмот со Мерлинка, Џек Лемон и Тони Кертис, ама е жива вистина.
Пред некој ден гледам графикон на кој е прикажана еволуцијата на „колтот“ од 1836 до 2026 година. Некако шегобијно, под неа замислувам еволутивна линија на човечкиот мозок. И… императивно се наметнува споредба. Во првиот случај на графиконот, карикирано најмал, прикажан е „колт“ од таа далечна 1836 година. Потоа следуваат форми низ годините на развојот каде што напредуваат и габаритот и ефикасноста на оружјето. Не ми се верува дека е различна состојбата и со популарниот „калашников“. На замислениот графикон од мојот иронично поткован ум, еволутивната линија започнува со форма на човечки орган со завидни пропорции – мозокот. Со текот на еволуцијата, графиконот сигурно ќе покаже дека стагнира и е со намалени димензии. Неверојатно, ама се чини дека тоа е вистината. Замислена и карикирана, секако. Веројатно станува збор за извртена пропорција. Оружјето што одзема човечки животи и неговата технолошко-техничка придружба што се грижи за негова ефикасност се доведени до совршенство. Не знам дали сте го прочитале стрип-серијалот за капетанот на канадската гранична полиција Дик Деринг, човекот во црвен мундир (униформа) и докажан борец за правда. Долго ги хранеше стрипаџиите со ербаплакот. Деринг вешто се справува со многу неранимајковци, кои како да ги изнедрува планината Логан во состав на Карпестите Планини и се закануваат со нивната суровост и нечесност. Велат, општеството и неговите аномалии се причина за оваа појава со која смелиот Деринг сепак успева да се справи. Е, ајде сега, што може тој ако не употреби „колт“?
Слична мака мачат и мексиканските револуционери Панчо Вила и Емилијано Запата. Освен „колт“, таму играат и „винчестерки“. Запата е домороден Ацтек, кој крева воен бунт против мексиканскиот диктатор Порфирио Дијаз барајќи овој да направи аграрни реформи во Мексико. Успева во намерата да го собори Дијаз, но на негово место доаѓа нов диктатор, Викторијан Уерте. Тој има уште помалку разбирање за маките на мексиканските пеони (селани). И како во приказната, кога човек се обидува на својот џамадан со дланка да отепа неколку вошки, а оттаму потскокнуваат над сто, еден диктатор бидува заменет со нов, пострашен. На власт доаѓа Венустијано Каранза, а Запата се здружува со Панчо Вила, со кого заедно го освојуваат дури и Мексико Сити. Ама бидејќи револуционерите ги добиваат битките во војна, а губат на зелен стол, така и овој пат Вила и Запата не успеваат или не сакаат да станат… нови диктатори. И додека праведниот домороден Ацтек, Запата, ѝ се радува на револуцијата во Русија за која очекува да ги исполни и неговите замисли, Панчо Вила е поумен, па се поставува во опозиција. Арно ама, далеку е 1947 година и ништо од „калашников“.
Зошто овие на изглед тривијални приказни? Одговорот е едноставен; на 11 јуни, во месецот на радоста, љубителите на фудбалот имаа чест да го поздрават големиот фудбалски спектакл што ќе се одвива токму во овие три големи држави. САД, Канада и Мексико се домаќини на фудбалската фешта. Таму треба да биде сѐ во најдобар ред, а оружјето сосема да стивне низ целиот свет. Бразил веќе лапна трофеи во САД и Мексико, па сега му преостанува „Жил Риме“ во Канада. Прекуден дечињата и младите да се зафатат со читање лектири, да се освежат со некој стрип, да изгледаат некој добар филм, а во вечерните часови, заедно со постарите, право пред екранот. Изутрината да се поделат во екипи и да ги имитираат сјајните потези на вистинските мајстори на фудбалот. Оти јасно е дека фудбалот е најважна споредна ама и сѐ повеќе најважна работа на светот. Пред четири години во Катар имавме фудбалска магија. Имаше и голема војна во Украина. По четири години, имаме два тешки воени судири на кои не им се гледа крајот. Украина продолжи да крвави заедно со Руската Федерација, САД и Израел удрија на Иран. Иран возврати, па настрадаа и околните држави на Ориентот во кои има американски бази. Израел речиси ја исчисти Газа од палестинските воени формации и го окупира Либан, од каде што тие дејствуваат. Иран го затвори Ормускиот Теснец, Америка удри свој шлагворт блокирајќи го однадвор Персискиот Залив…
Сега е проблем каде ќе ноќева иранската фудбалска репрезентација, која одбила престој во САД. Арно ама, таму треба да ги игра своите натпревари. Персијците се определија за Мексико и патувања преку границата. Пјер Луиџи Колина донесе одлука за некои нови правила, кои наводно треба да ја забрзаат и така пребрзата игра на фудбалските гладијатори. И сега, дали тие да размислуваат за новите правила или како да се надигруваат? Фудбалот и моќниците што го водат со своите мангари како да заборавија дека тој е пред сѐ игра, а не и техничко-технолошки правец протежиран од страна на техноменаџери што не знаат ни како да ја поведат топката преку игралиштето. Славниот Роберто Баџо им препорача на родителите своите надарени дечиња да не ги носат кај менаџери што не ги учат да дриблаат и да се надигруваат со противникот. Но како и сѐ во овој денешен разулавен свет, и фудбалот се спушти на ниски гранки иако стадионите се полни со навивачи. Кутрите, веројатно доаѓаат тука за да врескаат против неправдите на нивните менаџери од работните места… Нека биде величествен фудбал, нека биде мир во светот.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































