Кој ветер ќе дува од Калето

Се тресе планетата Земја откако Доналд Трамп се востоличи за претседател на Соединетите Американски Држави, по вторпат, по четиригодишна пауза. Прашање е кога тие сеизмички бранови ќе стигнат во Република Македонија (сега Северна), едно мало и ново балканско, наводно, независно државиче населено со стари, главно несреќни народи. Беше некогаш многу далеку Америка, на Дивиот Запад, како што некои ја викаа, сега е толку блиску што кога сака и кому сака може да му дише во вратот.
По американската политичка ерупција овде главна тема е каков ветер ќе дува од Калето. Треба да си фантаст или да се надеваш во божји чуда за да поверуваш дека претседателот на Соединетите Американски Држави или некој негов министер ќе го боли глава за Северна Македонија, зашто прво ќе треба да праша каде е таа „тера инкогнита“, непозната земја, живеат ли таму нормални луѓе или неослободени европски робови.
Таа синоптичко-политичка прогноза за претскажување на иднината најверојатно најмногу ќе зависи од американскиот објект на Скопското Кале, градба што е безмалку географски паралелна со Метеоролошкиот завод на Северна, сместен на Зајчев Рид. Македонските „американолози“, политички аналитичари, бизнисмени, обични луѓе долго ќе дебатираат што всушност може да се очекува од новата владејачка постава во Америка, какви би биле последиците, добри или лоши, за Македонија и слично.
Овој текст нема такви претензии, овде нештата се гледаат од друга агол.
На Калето, не без степен на загриженост, ќе чека и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, нејзината екселенција Анџела Агелер, која носи нешто повеќе од половина од својот мандат. Долгогодишното дипломатско искуство ја учи на смиреност, но промените, какви и да се, често знаат да го подрасипат спокојниот сон. Заедно со оваа дипломатка од кариера, жена што службено на Америка ѝ служела на повеќе континенти, врвен познавач на сликарството, мајка на новинарка и веќе две години помајка на Македонија, тајните и јавни инструкции од нејзините нови власти ќе ги чекаат со нетрпение и македонските политичари и сите граѓани на Македонија, се разбира.
Откако се оформи конечно високото дипломатско американско претставништво, Калето веќе го загуби приматот на историско-археолошки локалитет, а го доби статусот на објект на иднината. Како синоним за американската политика кон Македонија. Кој и да го спомне Калето веќе не мисли на скопскиот рид, туку чисто на Америка. Најточно и официјално: Соединетите Американски Држави. Таа е првата и последна асоцијација. Визионерска, убедлива и конечна.
Американската амбасада сместена на скопската тврдина, освен дипломатската важност, со текот на времето доби и допрва ќе добива сакрални карактеристики. Полека, полека станува храм во кој се одвиваат тајни обреди посветени на македонската политика. Иако Македонија (Северна) по устав е секуларна држава, Амбасадата на САД се трансформира во црква и џамија во која се крстат македонските, а се клањаат албанските лидери и други партиски, медиумски, (не)владини марионети.
Тие ритуали се израз на вистинската американска демократија, која подразбира дека во некои случаи, и во некои за нив интересни држави, поважно е малцинството од мнозинството. Дека политиката е и блискост, но истовремено подразбира и сила и закана и замешателства, мали или големи. Не само што едни се крстат, а други се клањаат, тие како крвни браќа, заеднички се молат. Верниците знаат дека молитвата е општење со Бога. А човекот отсекогаш и од секаде се стремел да оствари комуникација, да разговара и да биде близок со Господ или со Америка откако е откриена.
Не одат на ритуални обреди горе на Калето само политичарите што ги застапуваат граѓаните на Република Северна Македонија. Таму одат и судии, обвинители, професори, разузнавачи, новинари и ситни кодоши, искрени соработници. Примаат совети, инструкции, директиви. Амбасадата понекогаш се симнува и на други локации, не само во Скопје туку и низ други места во Македонија. Нормално е да се види како е на теренот. Теренските сознанија се повредни од оние на ситните проамерикански додворувачи.
Некои мислат, други се уверени, трети не може да бидат разубедени дека Калето е новоисториски монумент во Македонија. Пирамида на новото време. Или нешто како светилиштето Делфи во Елада. Допрва преку него ќе испишува историја на Балканот, особено на државата што го носи името Северна, а е на југот. Не е тешко да се заклучи дека неговата сила доаѓа од нашата слабост.
Како и секое големо сакрално здание, Калето, со големо К, е збор што возбудува, растреперува, вознемирува, обеспокојува, предизвикува страв, нечие незадоволство и револт. Тоа е едната страна на неговиот медал. На другата на Калето се гледа како на место кај што изгрева Сонцето во Македонија иако е под владение на знаците на Запад.
Кога во иднина експерти за финесите во македонскиот литературен јазик ќе прават нужни измени во обичниот и кај Толковниот речник, најверојатно ќе треба одредницата означена со зборот „кале“ да ја збогатат со уште едно значење. Во сегашниот речник именката од среден род „кале“ има значење на – тврдина, град, „возвишение што служи како тврдина за одбрана“. На наведеното кусо и штуро објаснување ќе треба да се додаде новото значење. Тоа дополнение би гласело вака: зборот Кале (напишан со голема почетна буква) значи „место, тврдина и возвишение од каде што со Македонија во 21 век владеела американската амбасада сместена на Скопското Кале“.
Може да се додаде и ставот дека Калето е мистична американска тврдина во Скопје, според архитектонскиот надворешен изглед на зградата и поради системите за обезбедување. Да знаат генерациите што некогаш ќе ја пишуваат хрониката на Македонија, држава за која не се знае дали ќе постои во некоја блиска или далечна иднина.
Таквите дополненија имаат историска, политичка, воена и секаква друга подлошка и оправданост. Имено, во која било хроника што ќе ја прелистувате за Скопско Кале ќе прочитате дека високиот рид наречен Градиште, попознат како Кале, со векови бил од стратегиски значење за градот и за околината. Јасно произлегува дека Американците биле умни кога ја сместиле таму својата амбасада, најтајното и најбезбедно здание на територијата на оваа земја, која го носеше името Република Македонија, а неколку години по изградбата на амбасадата го додаде префиксот Северна. Јасна како месечина, јасна како ден е американската логика: ако локацијата била стратегиска со векови, зошто да не биде уште постратегиска сега и во иднина под нивна контрола.
Нивните експерти, меѓу кои морало да има и понекој историчар или археолог, сигурно претходно ја читале историјата на Скопје и на Калето. Прочитале дека од таа висока позиција управувале Византијци, Австријци, Турци и непознати владетели. Треба да се верува дека за нив од големо значење бил фактот што некои македонски археолози тврдат дека е од времето на цар Самуил. Американците сигурно си рекле: кога можел оттука да владее еден голем македонски цар со име Самуил, зошто да не владееме и ние.
Па уште кога прочитале дека со Македонија пет века владееле Турци, станале многу поубедени дека таа е вистинската локација. Читале што напишале за тврдината турскиот патописец Евлија Челебија и австрискиот генерал Пиколомини. Па кога дошле до понови документи дека во минатиот век тука се наоѓале магацини и барутани, а подоцна имало и комунистичка касарна, конечно се решиле да ги искористат сите тие историски благодати и да го запоседнат Калето.
Така било, така и ќе остане, си рекле тие и ја изградиле зградата на амбасадата, брзо, да не се јави некој друг странски конкурент. Виделе дека меѓу домашните партиски, политички и полициски фирми нема таков капацитет. Како и да било, тој податок не влијае врз улогата и функцијата на амбасадата во урбанистичкото уредување на македонската метропола и на македонската еколошка околина. Зградата не е дел од проектот „Скопје 2014“, па да ја земеме на око и да ѝ бараме архитектонски и политички мани. Тој објект е изграден да издржи децении, да не претеруваме со столетија.
pande.k@novamakedonija. com.mk