Интригата на тајната

Од другата страна на медалот, како спротивна категорија на тајноста е јавноста. Иако не постојат јасни граници меѓу она што би требало да се смета за тајно и она што се смета за јавно, сепак со демократскиот развој на општествата јавноста добива сѐ поголема улога и значење, а остварува и поголемо влијание. Таму каде што може и колку што може. Сепак, се верува дека нема тајна на светот што не е откриена или нема да се открие

Не е потребно човек да биде Шерлок Холмс за да дојде до заклучок дека актуелниот договор за изградба на коридорот 8 е некаква државна тајна. Државата, со таењето на договорот со „Бехтел и Енка“, ни соопштува, којзнае по кој пат, дека ние како граѓани, без разлика на возраста и образованието, не сме дораснати да дознаеме што се случува со еден проект што најверојатно ќе достигне сума од речиси две милијарди евра. Власта и овој пат ја третира јавноста како неписмено стадо, кое може да се смести во кое било трло. Да молчи, да трпи и да плаќа. Може и да плаче, ама солзите никако не помагаат.
Теоретичарите на заговори тврдат дека државните тајни во 99 отсто случаи постојат само за да се прикријат нечии неспособности, пропусти и несовесности. Поуверливи се во докажувањето дека секоја таква тајна е обид за грабеж што граѓаните го плаќаат со денари, долари или евра. Тајната, како феномен, отсекогаш била обвиена со некоја мистичност што ја прави занимлива за оние што не се запознаени со неа. Таа копка, возбудува, провоцира, предизвикува, интригира. Притоа, ирелевантно е дали станува збор за тајна на поединец, на компанија или на држава. Нема тајна што не предизвикува интерес.
Бидејки тајната секогаш штити некои и нечии интереси, таа може да биде класифицирана како лична, приватна, деловна, стопанска, политичка, воена, службена, државна и слично. За договорот со „Бехтел и Енка“ нема утврдено каков статус има тајноста. А може да е и приватна и економска и воена и државна, можеби сите заедно, ако се суди по упорноста документот да не се доставува до јавноста. Најчести тајни се детските, кога малите си шепотат од уво на уво, но тајната за коридорот е од типот за возрасни. Меѓу луѓето најинтригантни се љубовните тајни во околината што ги опкружува.
Најпроста дефиниција за тајна е дека е тоа нешто што не е за јавноста, нешто што се крие од другите, она што не смее да му се каже никому, она што останува скриено, што не се раскажува и не се објавува. Но зад таа дефиниција се кријат други значења што треба да се откријат. Под поимот тајна се подразбира збир на факти, односно податоци што се чуваат за себе за да се остварат одредени интереси. Просто кажано, тајната е криење, затскривање. Во држави во кои општествената поделеност е поизразена, а власта понесигурна во себе, тајната е позастапена. Нејзиното користење е покарактеристично главно во тоталитарните режими.
Македонија не е режимска држава, но власта обилно користи тајни со кои владее. Со такви тајни се постигнати Спогодбата за името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. И двата документа, иако подоцна јавно објавени, сѐ уште кријат тајни што допрва ќе се соопштуваат и дознаваат. Уште е тајна за тоа како е договарано, меѓу кого е преговарано, на кој начин е сторено тоа, кои биле вистинските актери во матните настани во Собранието при гласањето за името.
Во симболиката, тајната е привилегија на власта и знак за учество во власта.

Таа е поврзана со идејата за богатство и има свои чувари. Но тајната е и извор на грижа на совеста поради својата внатрешна тежина, како за оној што ја носи, така и за оние што се плашат од товарот што го носат. Сепак, оној што ја поседува тајната се стекнува со неспоредлива сила за доминација, што му дава чувство на супериорност.
Таква, на пример, беше супериорноста на поранешниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев, кога во 2015 година, во улога на лидер на опозицијата, објавуваше тајно прислушувани телефонски разговори на власта. Иако подоцна тие се покажаа како пренадуван балон остана чувството дека лагата ја победува вистината. Чувајќи ја тајната, таа супериорност безобѕирно и безобразно денес ја демонстрираат оние што се фалат дека се креатори на договорите за коридорите 8 и 10 и што носат маици со тој симбол.
Улогата и значењето на тајната, како и условите за нејзиното настанување, може да се следат уште од времето кога луѓето почнале да живеат на организиран начин. Првобитните човекови претстави за она што се случувало во природата биле мистерии. Дождот, снегот, громот, животот, смртта, сѐ било непознаница. За првобитните луѓе сѐ било тајна и сѐ било објаснувано со дејството на натприродните сили и на магијата. Елем, тајната е поим што ги следи човекот и државата од најраните периоди на нивниот постанок. И поединци и државите настојувале највредните податоци и информации да ги прикријат, односно да ги направат тешко достапни за поширок круг потенцијални корисници.

Во митологијата, најголемата тајна ја чувал Зевс, а ја открил Прометеј. Имено, Прометеј им ја открил на луѓето тајната за користење на огнот, откако го украл од својот господар. За алхемичарите тајната на тајните бил умешноста на создавање на каменот на мудроста. Мудреците, како египетските свештеници, ја чуваат својата тајна поради нејзината совршеност. Едно од објаснувањата што ги даваат е дека тајната не ја шират бидејќи кога би се случило тоа, сите луѓе би сакале да работат само на тоа и би ги напуштиле преостанатите вештини и занаети што се потребни за живот. Тоа би го погодило и нарушило целото општество.
Од другата страна на медалот, како спротивна категорија на тајноста е јавноста. Иако не постојат јасни граници меѓу она што би требало да се смета за тајно и она што се смета за јавно, сепак со демократскиот развој на општествата јавноста добива сѐ поголема улога и значење, а остварува и поголемо влијание. Таму каде што може и колку што може. Сепак, се верува дека нема тајна на светот што не е откриена или нема да се открие. За тој факт говорат многу примери од најстаро до денешно време, кога се откриваат дури и најстрого чуваните воени тајни и тајните за вселената.