Европската Унија врти нагло во десно, а Македонија?

Што ќе значат претстојните европски избори за македонската европска интеграција? Нормално е тоа што сето наше внимание е фокусирано на претстојните претседателски и парламентарни избори, особено кога влогот е олку голем за сите политички сили, како воспоставените така и новите, но не смее никогаш да го губиме од вид поширокиот европски контекст. Јунските избори за Европскиот парламент ќе ја прередат политичката карта на Европа и веќе нема никакви дилеми дека Европа ќе заврти остро во десно. Единственото прашање е околу магнитудата на оваа промена, како и можностите за непријатни изненадувања во клучните држави членки, каде што може да се замисли победа на национал-популистите на европските избори и влез во турбулентни политички води.
Во неделата сведочевме на вистински политички шок во Европа. Во Португалија, земјата што не ни имала некоја посебна десница, национал-популистите од Доста зедоа безмалку една петтина од сите гласови. Во најсовремената политичка историја на Европа, Португалија зачекорува со „каранфилската револуција“ кога воената интервенција ги соборува остатоците од режимот на Салазар, па за момент целото светско внимание е насочено кон Лисабон поради опасноста од радикален левичарски пресврт во земјата. За среќа, Португалија јасно зачекорува на патеката на демократизацијата и на европската интеграција. Во Брисел и ден-денес се прераскажуваат анегдоти како Португалија многу полесно поминала низ преговорите отколку нејзините прегорди ибериски соседи, па дури и дека морале малку подолго да почекаат за влез во ЕЕЗ и покрај завршените поглавја. Португалија беше во клубот на земји на ЕУ што беа најжестоко погодени од финансиската криза по 2008 година, но за разлика од другите кај нив немаше премногу драма и потоа забележаа импресивни стапки на закрепнување и раст. Сето ова не оставаше траги на португалската политичка сцена. Едно време дури се зборуваше и за „ибериската посебност“, од причини што ни во Шпанија ни во Португалија долго време немаше силни национал-популисти. Сепак, подемот на шпанскиот Вокс и неделниот изборен шок со португалската Доста ни укажа дека Иберијците и не се толку различни од остатокот од Европа. Првичните анализи за причините што ги вивнаа португалските национал-популисти во небо се веќе прочитани и слушнати, па се движат од последиците на финансиската криза, преку зголемениот број мигранти, до заситеноста на граѓаните со традиционалните политички партии и приближувањето на нивните платформи. Но засега уште не сум прочитал нешто свежо, интересно и сознајно, како анализа, па ќе почекаме експертите од политичката наука да седнат и да си ја завршат домашната работа.

Сепак, португалските избори се вистински „буревесник“ за иднината на европската политичка сцена. Зарем има подобра илустрација што ја чека ЕУ на претстојните избори за Европскиот парламент?
Пред десетина дена во Букурешт, Европската народна партија имаше свој конгрес. Оваа политичка структура сега е јасно поставена во самиот центар на европската политика, останува стожер на политичката сцена на Унијата и ќе го даде претседателот на идната Европска комисија, како и клучните европски функционери. Навистина изгледа чудно тоа што ЕНП од стожер на европската десница за многу кратко време се претвори во центристичка сила на европската политика. Досега најубедливото објаснување на овој тренд вели дека на европско ниво постепено се стопија разликите помеѓу народњаците, социјалдемократите, либералите, па и зелените. Европските граѓани веќе не препознаваат алтернатива помеѓу овие сили туку ги гледаат како еден изборен картел. Притоа, народњаците имаат најлесна задача затоа што се прагматични и практични, идеолошки широки и секогаш подготвени за обнова на нивната платформа. Покрај тоа, тие си ја зачуваа средната класа во своето избирачко тело, конзервативните слоеви на општеството и традиционалистите. За разлика од нив, социјалдемократите, либералите и зелените се отцепија од нивните избирачки тела (работништвото, самостојните претприемачи, екологистите и мировното движење), па веќе нема кој да ги избира на изборите.
Меѓутоа, веќе во подготовките за самиот конгрес, ЕНП испрати јасни сигнали дека е подготвена за коалиција не само со традиционалните сојузници на европско ниво, либералите и социјалдемократите, туку и за дел од растечките национал-популисти, кои, сепак, би можело да се подведат во демократскиот дел од политичкиот спектар.

Всушност, ова е паметен политички избор затоа што Европа, како идеја, отсекогаш беше доволно широка за да ги опфати сите главни политички бои, а кризата на европската интеграција, како во проширувањето така и во продлабочувањето, се случи кога ЕУ започна да добива тесен идеолошки оклоп и кога се јавија на сцената политички „правосвештеници“ што започнаа да толкуваат што може, а што не може да значи европската идеја. Отворањето на ЕНП за коалицирање со демократското крило на национал-популистите, особено партиите што се веќе владејачки низ Европа, може да го прошири опфатот на европската идеја, да ги вовлече новите десничари во практикувањето на власта и во одговорноста со управувањето, но и конечно да овозможи европските институции да ги сослушаат барањата, грижите и стравовите на несреќното, возбудено и разбеснето европско граѓанство.
Граѓаните на Европа, како во Португалија така и претходно во Холандија, но и на другите избори, јасно го изразија своето незадоволство со актуелните политички решенија. За жал, европската интеграција лесно може да стане жртва на ова свртување во десно. Интеграцијата, било во форма на продлабочување, а особено за проширување, веќе не поминува кај избирачите. За Западен Балкан нештата особено ги влоши кандидатскиот статус за трите земји од некогашното Источно партнерство, односно Украина, Молдавија и Грузија. Сега сме споени судбински со овие држави и политички станува невозможно да се отплеткаме повторно во два блока. Засега не ги чувствуваме последиците од оваа промена на политиката на проширувањето на ЕУ, но наскоро ќе дознаеме дека секоја нова одлука во оваа сфера има поинаква математика и поинакво сценарио.
Ќе се бара голема креативност од идната македонска дипломатија за да се обмисли напредување кон целосната европската интеграција, во услови на накострешено и непријателски расположени европско граѓанство. Веројатно, европската интеграција ќе мора да се расчлени на составните делови, од кои најзначаен е влезот во заедничкиот пазар. Идната Европска комисија, предводена од Европската народна партија, може да биде голем сојузник за тие процеси.
Европа врти нагло во десно. За жал, засега нема ниту еден политичар на континентално ниво да предупреди како легендарниот Ѕинго од познатата анегдота „…пази кад окреќеш аутобус јер попадасмо позади“. Ние на Западен Балкан постојано „паѓаме позади“ кога ЕУ го врти автобусот. Барем овој пат да внимаваме затоа што европските граѓани на сите избори нè предупредуваат дека „европскиот автобус врти нагло десно“, па ние може посилно да ги стегнеме заштитните рачки.

Ивица Боцевски