Шоуто ќе продолжи, ама под диригентска палка на неговото величество – НАРОДОТ!

Иако официјално незапочната, изборната кампања тече во континуитет уште од минатите избори, а политичките партии го користат максимално секој момент како повеќе да се оцрнат меѓу себе. Од целата таа претстава обичните луѓе немаат ништо, само нервозата што си ја собираат гледајќи кој сѐ се изреди на политичката сцена и си ги наполни џебовите додека народот тоне во сѐ подлабока сиромаштија.
Така катадневно слушаме кој бил патриот, кој бил предавник, кој лапнал провизија, кој блокирал закони, кој ја изневерил националната кауза, кој тврди дека ќе сме се побугареле, кој испорачува уцени, кој раскажува бајки за економскиот раст на државата и стандардот на граѓаните, буквално сешто ќе се изнаслуша човек ако нема попаметна работа.
Сега повторно на месец и половина пред изборите сите ветуваат европска иднина, мед и млеко, реформи и изградба на Европа дома, и тоа ќе трае, ќе трае, сѐ до затворањето на изборните места на 8 мај. Потоа молк и почеток на изборните калкулации, комбинаторики, кој со кого, кој против кого, мајски, јунски или некој друг договор, се разбира, шоуто мора да продолжи и по изборите. Арно ама, ова е последната шанса народот да им го украде шоуто на политичките партии и конечно да каже кој треба да биде вистинскиот водител на сите општествени процеси и чиј глас треба политичарите да го слушаат.
Затоа, наместо партиите да се препукуваат меѓу себе со најнискиот уличен жаргон, редно е да излезат пред народот со програма, составена од поглавја и ставки за многу прашања што ги тиштат граѓаните, во кои ќе има остварливи решенија, а не само празни флоскули од типот ова ќе направиме, она ќе направиме… Лесно е програмата да ти се заснова само врз премисата „ќе“, но доблесно е партиите пред граѓаните да излезат со реална понуда до која ќе се придржуваат во текот на владеењето, доколку ја освојат власта се разбира. Па и ако не ја освојат, сигурно во нивната програма ќе има проекти што вреди да се поддржат и токму таквите проекти треба да ги спротивстават на оние на власта, за да може да постои квалитетна конкуренција на идеи и проекти што ќе бидат во полза на граѓаните и државата. Впрочем, тоа е улогата на секоја опозиција, не само да критикува, оти тоа е најлесната работа кога не си на власт, туку да работиш несебично на подобрување на состојбите во државата, да имаш конструктивна, а не деструктивна улога.

Затоа е важна партиската понуда пред гласачите, точно да знаат што добиваат во периодот што следува, односно да постои некаква политичка предвидливост за тоа какви потези може да се очекуваат од новата власт. Уште поважно е да има и економска предвидливост, да знаат граѓаните колкав цех ќе треба да платат на крајот. Ако имаше таков пристап кон работите, тогаш немаше да се случи потпишувањето ниту на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, уште помалку на Преспанската спогодба. Да излезеше таа политичка опција што ги спроведе обата процеса со програма на изборите во 2016 година во која ќе кажеше дека ќе го промени уставното име на државата и дека ќе потпише дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека ќе овозможиме заеднички историски комисии што ќе одлучуваат кој од нашите историски личности бил Македонец, а кој не, немаше да освои ниту неколку илјади гласа. Точно дека народот ни е длабоко партиски поделен, но и најтврдокорните партиски послушници (со исклучок на одредени помали групи од интерес), немаше да се согласат да се менува името на државата, па макар тоа да значело ново одложување на членството во НАТО.
Сакам да кажам дека секоја политичка партија кога ќе им вети нешто на сопствените гласачи, мора да се држи до ветеното по секоја цена. Како и да е, политиката е жива материја и се случуваат одредени политички процеси и тековно, но ако тие бараат крупни промени што може да ги загрозат националните интереси, тогаш доблесно е секоја партија на власт да застане и да го праша народот на референдум. Тој ги избрал, тој им дал мандат за програмата, но за она што е надвор од ветеното, има право да го каже и својот став.
Многу полошо и крајно лукративно е ако некои работи однапред се планирале, но не им биле соопштени на граѓаните пред избори и ги немало во изборната програма, за подоцна да се протнат во текот на владеењето и на тој начин да се изигра граѓанската доверба. Уште некој има лице да излегува јавно и да кажува дека тие се визионерите, а другите не гледаат подалеку од носот, оти ако го прашувале народот, државата ќе останела заглавена со децении. Која самобендисаност, демек власта некому од небо му паднала, па тој некој самиот ќе одлучува во име на милион и кусур колку што останавме во државата.

Тие практики конечно мора да завршат, оти во спротивно ни отиде јабана државата. Нека не се надева некоја идна влада дека народот ќе ѝ го дозволи комодитетот како на сите досегашни, да експериментираат со државата, да ги осиромашуваат граѓаните, а тие да си го товарат товарот оти „закон не ги фаќа“. А и да ги фати, си ги ублажија казните, така што мува не ги лази и спијат на тоа уво дека и да си заминат од функција, си обезбедиле добри бизниси и дебели сметки.
Време е и контролните механизми да почнат да функционираат. Претседателот на државата наместо да шета само по разни свечености, да глуми англиска кралица, треба да го заслужи мандатот што му го довериле граѓаните. Ако види дека некоја власт застранува од програмата што ја ветила пред избори, нека истапи јавно, нека им ги враќа законите, нека бара обраќања во Собранието, нека свикува прес-конференции за да ги критикува лошите политики, да биде предводник на народот во борбата со лошите владеења. Има моќ, само прашање е колку сака да ја искористи. Повеќето гледаат само да бидат на линија со оние што ги номинирале на функцијата, се подвизуваат на нивните политики, глумат некаква загриженост, без да мрднат со малиот прст да ги променат состојбите така што ќе го мотивираат општеството на постојана будност и внимание.
И народните избраници можат да истапат и да прашаат каде оди државата, кој ветил работи што сега се пред нив на дневен ред за гласање, наместо само да бидат обична гласачка машина на која Владата им е шеф, наместо да биде обратно.
Вчера Уставниот суд одбележа 60 години од своето постоење, што според првите луѓе на оваа институција е само „потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава“.

Не знам колкумина ќе се согласат со ваквата констатација, имајќи предвид дека Уставниот суд од независноста наваму повеќе е инструмент на секоја власт, отколку вистински чувар на правната држава. Спротивно на меѓународното право е да се амнестираат случаи за воени злосторства против цивили, спротивно на правната држава е да постои двојазичност на целата нејзина територија, спротивно на правната држава е да се прават уставни измени врз основа на нелегален процес, спротивно на правната држава е да се чуваат предметите во фиока и да не се постапува навремено бидејќи тоа може да им наштети на одредени политички субјекти на власт. Истиот тој Уставен суд требаше да биде ревносен контролор на политиките што секоја власт ги спроведувала во оваа држава и ако утврди дека тие се во спротивност со Уставот и со националните интереси, веднаш да пресече и да не отстапува од тоа. Тоа е вистинскиот чувар на правната држава, а не она што сега ни го претставуваат.
Крајно време се сите партии да сфатат дека на народот му е смачено да биде со години лажен, да му се даваат празни ветувања и нека бидат сигурни сите дека нема да им ја дозволи удобноста на владеењето ако продолжат да ја разградуваат државата и да ги осиромашуваат граѓаните. Не четири години, ќе заминат во историјата за четири месеци ако продолжат да си играат играчки со државата и со граѓаните. Тешко ја стекнавме, но нема лесно да ја изгубиме и затоа добро нека ги промислат сите ветувања што ги даваат, оти повеќе нема време за нереализирани ветувања.