„ЕУ-фронт“ против ЕУ-преамбула (3)

Многумина од противниците на хрватскиот модел истакнуваа дека тој е во спротивност на Охридскиот рамковен договор. Но… Преамбулата договорена со тој договор не е преамбулата утврдена со амандманите IV од 2001 година. Да, преамбулата во Охридскиот рамковен договор е различна од преамбулата во Уставот

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дека е подготвена да прифати промена на преамбулата на Уставот на Македонија, според т.н. хрватски модел, направи драматичен пресврт во кој се дигна „ЕУ-фронт“ на власта против ЕУ-преамбула. Судирот околу перцепциите на преамбулата на Уставот е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на етничките Македонци, дали етничките Албанци се рамноправни во Македонија, дали и колку Македонија е унитарна држава. И тој судир не е сегашен, туку е историски, од пред независноста на Македонија. Во првиот дел пишував за АСНОМ и уставите од 1946 и 1963 година. Во сите три Македонија е дефинирана како национална држава на македонскиот народ и се гарантираат еднаквоста и рамноправноста на националните малцинства, без да се дефинира кои се тие малцинства. Во трите документи од АСНОМ кон Уставот од 1963 година бледнее реториката на националната борба на македонскиот народ, а се засилува социјалистичката реторика. Во вториот дел пишував за Уставот од 1974 година и Уставот на независна Република Македонија од 1991 година. Самата преамбула на Уставот од 1974 го дефинира деликатниот баланс на македонската држава за „историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност“ и „на народностите за рамноправност“, кој ќе продолжи да се бара во Уставот на независна Македонија. Во 1991 година преамбулата повторно бара баланс меѓу национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата. Тоа се гледа во повикувањето на „историски факт“ за националниот карактер на државата. Исто така е прифатен југословенскиот поим народност, кој сега е заменет со нов еуфемизам „националност“. Ова понатаму само го компликува разбирањето на нација и националност, кое значи различно во европски и македонски контекст. Дополнително, преамбулата покрај Албанците и Турците ги воведува за првпат Власите и Ромите и другите, без нивно именување. Веројатно тоа е рефлексија на барањата на другите, но и на стравувањата на етничките Македонци од стремежите за „бинационалност“ или „федерализација“ на етничките Албанци или понуда на либерална мултикултура наместо бинационалност.

По Уставот од 1991 година, нема нови устави, но најдраматичната расправа за преамбулата на Уставот беше предизвикана од Охридскиот рамковен договор. Многумина од противниците на хрватскиот модел истакнуваа дека тој е во спротивност на Охридскиот рамковен договор. Но… Преамбулата договорена со тој договор не е преамбулата утврдена со амандманите IV од 2001 година, а истата таа пак е измената со амандманот XXXIV од 2019 година. Да, преамбулата во Охридскиот рамковен договор е различна од преамбулата во Уставот. Во Охридскиот рамковен договор договорената преамбула е „граѓаните на Република Македонија“, без набројување на македонскиот народ и малцинствата. За тие со кратко памтење, ваквата формулација предизвика жестоки реакции. Од тоа дека промена на преамбулата без да се донесе нов устав е за првпат во историјата на конституционализмот. Секако главното оспорување, во јавноста и во стручната јавност, како на пример во јавна трибина на Правниот факултет на 26 септември 2001 г., е поради исклучувањето на македонскиот народ. Расправата продолжува во Собранието, поради што на трипати е менуван текстот на амандманот IV, иако претходно утврден со ОРД. На крајот донесениот текст е „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници што се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Амандманот IV е донесен во Собранието на Македонија со согласност на сите партии потписнички на договорот.
Но и покрај согласноста од сите партии, во јавноста продолжи оспорувањето или фалењето во зависност од партиските потреби. Некои го толкуваа како пораз на етничките Албанци, дека преамбула ги дели етносите од прв и втор ред, односно прави градација на етничките заедници во Македонија, со тоа што етничките Македонци се на највисоко ниво, и тоа како народ, а другите заедници се дефинираат како дел од народ. Односно дека дефиницијата на немнозинските заедници е само друга дефиниција на малцинства. На другиот екстрем се тврдењата дека во новата преамбула не само Македонците туку и Албанците и другите етнички заедници се „конститутивни елементи на државата“, дека Албанците во Македонија имаат право на самоопределување, со оглед на нивното спомнување како „народ“ во преамбулата. Тоа е тоа лицитирање од тоа дека „дел од народ“ е само еуфемизам за малцинства до тоа дека „народ“ значи право на самоопределување.

Ова последното е само реторика што поттикнува недоверба, а секако е спротивност со Уставот, која ја дефинира Македонија како унитарна држава. Додека преамбулата се повикува на историјата, самиот устав ја дефинира Македонија како суверена држава во која „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“ (членот 2), каде што нема народи и националности, и како унитарна држава „суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“ (членот 1) и „територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива“ (членот 3).
Преамбулата, односно амандманот IV e менуван уште еднаш со амандманот XXXIV од 2019 година, каде што се брише „како и граѓаните што живеат во нејзините граници“ и сега гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Претпоставувам дека бришењето е да се поправи перцепцијата на етничките Албанци дека се од втор ред. Тоа веројатно засега ја затвора дебатата за „национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата“, што се однесува на етничките Албанци. Но ја отвора новата дебата за „Бугарите во Уставот“.

(продолжува)

Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични