Добре дојдовте во паралелниот универзум на вистината

Постојат три широки групи квалитети што граѓаните очекуваат да ги покажат политичарите: компетентност, интегритет и автентичност. Ние кај нас одамна престанавме да имаме очекувања. Особено не од политичарите. Замислете човек интелектуално, академски, финансиски и емотивно нереализиран. Човек за мајтап, игнориран поради неговата недоветност, интелектуална сервилност и недостиг од личен и секаков друг интегритет. Ништо повеќе од обичен потрчко. Човек со кого не сте можеле да спорите во дебатите, зашто со глупоста не се спори. Замислете таков човек да се добере до одговорна државничка функција. Која е тоа духовна храна за акумулираните животни фрустрации и комплекси. Ред бул за неговата сервилност и недоискажана глупост. Неразумно е да се очекува од ваквата личност да биде различна од политичарот што станала. Што може да очекувате од него како политичар? Да ја зборува вистината? Вистината вообичаено е помалку вкусна од она што луѓето сакаат да го слушнат од него. Да биде автентичен? Поточно, да биде во контакт со животите и погледите на обичните луѓе каде што никогаш не припаѓал. Не верувам. Политиката е неговото ново раѓање. Воскреснување свет на лажни вредности и искривени огледала во кои одеднаш станува паметен и посакуван. Тоа се оние „корисни идиоти“ на политиката за кои зборува Ленин, посакувани и одгледувани како коров што ја загадува почвата на демократијата. „Корисните идиоти“ ја имаат моќта делегирана од власта да ги пренесат своите ставови на земјата. Да бидат амнестирани во глупоста од политиката. Можеби „корисните идиоти“ во политиката се погубни за државата, но, дефинитивно, забавни за народот.
Македонија со ваква политичка гарнитура го добива својот прв поглед во „прекрасниот свет“ на алтернативни факти, кои доаѓаат од највисоко ниво и искрено изгледа малку шокирана. Оваа власт за таа цел вработува специјалисти за односи со јавноста, чии описи на работните места вклучуваат јавно игнорирање на реалноста. Ова е стандардна практика за односи со јавноста каде што вистината не влегува во процесот во ниту еден момент. И така добиваме алтернативни факти наместо лаги, различни сеќавања наместо грешки и брзо еволуирачки мислења наместо противречности. Најмрачните моменти на Македонија ги раздвижија новите утописки аспирации и се сомневам дека оваа дијалектика ќе продолжи да го карактеризира светот на Македонецот уште долго, кој, според сите индикации, освен се разбира на оние во кои заблудено веруваат на власта, сугерира дека историјата е сè само не завршена.

Тоа е знак на новото постнатовско време. Игротека за „корисни идиоти“ во политиката. Совршено (не)природно. Манипулација со вистината во име на градење алтернативна реалност. Македонската демократија во моментов е загрозена од политички демагози што веруваат во сопствените лаги. Не очекувајте дека настаните во реалниот свет влијаат на оние што живеат во алтернативна реалност што самите ја креираа.
Чувството за реалност што лежи во основата на политичките убедувања се создава преку групниот процес што произлегува од пресекот на психата на лидерите и следбениците. Алтернативната реалност е изградена од демагошки тврдења што ги изразуваат или канализираат несвесните потреби. Токму ова е белег на денешната политичка ситуација во Македонија, каде што имаме оркестриран напад на „вистината“. Демагошките техники низ кои нѐ убедуваат дека промената на Уставот е последниот бастион пред ЕУ-реалноста доведува до алтернативни наративи и „факти“, кои се одржуваат со жар на очајник приклучен на апарати за преживување. Емоционалната инвестиција во градењето алтернативна реалност е засилена од примитивните потреби за политичкиот опстанок. Когнитивната дисонанца и пристрасноста во потврдата на нивната алтернативна реалност гарантираат отпор кон секакво друго размислување. Доказите и логиката им отстапуваат место на желбата, лојалноста и моќта како критериуми за вистината. Манипулативниот популизам на власта за европската приказна за Македонија е градење лажна алтернативна реалност, која на крајот во судир со реалноста ќе резултира со сложена социјална траума со која ќе мора да живееме во иднина. Затоа. Добре дојдовте во паралелниот универзум на вистината.

Проф. Звонимир Јанкулоски