Условот за добивање статус на европски предводник во одбранбено-безбедносната сфера е остра и бескомпромисна политика на Германија кон Русија и спречување на нејзините идни обиди за проектирање на своите интереси на просторот на ЕУ. Но прагматичните Американци, сепак, ја оставаат за себе и можноста за поинаков пристап…
За фразата за Германија како економска „локомотива“ на Европската Унија знаеме од поодамна, иако оваа локомотива сега сѐ повеќе забавува и ја губи силата под ударот на глобалните геополитички потреси, кои најголема штета ѝ нанесуваат на Европа, а со тоа секако и на Германија. Воведувањето на силните западни противруски санкции и противсанкциите на Русија кон Западот, најмногу проблеми им задава на германската индустрија и нејзиниот енергетски сектор, како и на истиот сектор на цела ЕУ и Обединетото Кралство, кое во сферата на енергетиката со ЕУ е тесно поврзано, иако е малку зависно од руските енергенти (само околу осум отсто).
Притоа треба да се биде реален и да се потсети како настана енергетската криза, која е последица, пред сѐ, на лошите енергетски стратегии во изминатите децении на ниво на цела ЕУ, која се потпираше на брза трансформација од фосилни на обновливи извори на енергија, не согледувајќи ги ризиците – не само геополитичките туку и на практичната неможност за брза и целосна замена на евтини фосилни горива со алтернативните – зелени, како што се користењето на ветроцентралите или соларните панели. Освен што зависат од непредвидливата клима, нивното производство е скапо и неконкурентно во однос на традиционалната енергија, што влијае и на високата цена на така добиената енергија.
Овде е важно да се нагласи дека ЕУ по руската воена интервенција во Украина самостојно одлучила, во рамките на своите пакети на противруски санкции, да не го прекине увозот на рускиот јаглен (од 1 август), а потоа и на нафта од (5 декември), со исклучок на таа што доаѓа по нафтоводот, и на нафтени деривати од 5 февруари следната година. Паралелно со тоа, се одлучи и на постепено намалување на увозот на руски гас, за намалување на зависноста од Русија. Ваквите најави доаѓаа и пред почетокот на руската инвазија, а сега се „забораваат“ во име на геополитиката. Голем број аналитичари и порано предупредуваа дека ЕУ сама си „ја сече гранката на која седи“.
Значи, тоа се главните причини за сегашната енергетска криза и високите цени на гасот во Европа, а руските противодлуки од типот на ограничените испораки на гас за ЕУ и испораките под услов за плаќање во рубли и игрите околу сервисирањето на гасните турбини и слично, всушност, се потврда дека Москва ја користи енергетиката како геополитичко оружје. Тоа е само изнудена противреакција на Москва на споменатите санкции и стратегиските политички одлуки на ЕУ.
Русија сигурно нема да си ја сече сама гранката на која седи, за што сведочи и фактот дека рускиот гас и натаму пристигнува во ЕУ преку Украина, но преку гасоводот Турски тек, пред сѐ за Унгарија. „Газпром“ ги извршува сите претходно преземени обврски кон оние членки на Унијата со кои има претходно потпишано долгорочни договори за испорака.
Затоа, наводно, е пресудна улогата на Русија за сегашната енергетска криза во Европа, што само е добредојдено за покривање на сопствените пропусти на оние што требаше и можеа да постапат поинаку за избегнување на настанатата криза или барем за намалување на нејзините штетни последици.
Сето ова доведе до почеток на процесот на деиндустријализација на Германија, но и селење на капиталот и префрлање на индустриското производство во сигурните прекуатлантски пристаништа. Со други зборови, Германија, поради влезот во длабоката криза, повеќе нема да претставува сериозна конкуренција на американската економија, на тамошна индустрија и финансискиот сектор.
Меѓутоа, на Вашингтон му треба силна Германија, според американските интереси на тлото на Европа, во клучната сфера – одбранбената и безбедносната. Франција за оваа улога е преслаба, бидејќи германското влијание во ЕУ е многу поголемо. Од друга страна, Полска, на која САД силно сметаат на долгорочен период, сѐ уште е далеку од германските капацитети наспроти забрзаниот раст. Во таа смисла, улогата на Германија во идната безбедноста архитектура во ЕУ е во корист на интересите на САД, пишува и влијателниот американски медиум „Д Хил“.
Во текстот се констатира постигнатото цврсто трансатлантско единство, кое е „неочекувано за Американците“, а се истакнува и заедничкиот европски пристап во помошта на Украина, со исклучок на Украина. „На изненадување на многумина Американци, ’рѓосаниот стар трансатлантски сојуз повторно почнува да изгледа како стратегиска предност“, се наведува во анализата на американскиот медиум.
Но најконзервативната промена се случила во Германија, како што пишува „Д Хил“, каде што канцеларот Олаф Шолц најави „зеитенвенде“, односно пресвртница, во квазипацифичкиот занес на германската постстуденовоена дипломатија. „Наместо вообичаена хуманитарна помош, на Киев му беше ветено испраќање оружје за самоодбрана и зголемување на германската воена потрошувачка за 100 милијарди долари годишно.“ Ова е многу важна работа и ако Шолц продолжи така, тоа е сигнал за крајот на германската политика на стратегиска воздржаност и потпирање на американската воена моќ во одржувањето на мирот во Европа по Втората светска војна. Оваа политика би била разбирлива во светлото на германското покајување поради започнување на најразорната војна во историјата и организирање на холокаустот. Но по 77 години мир, како што пишува американскиот медиум „Д Хил“, повеќе нема смисла најсилната економија во Европската Унија и најмногубројната нација да играат мала улога во обезбедувањето на европската сигурност.
Меѓутоа, се поставува и прашањето дали Германија е подготвена за водство. Имено, од распадот на СССР, Германија се профилирала како економски и мек џин на моќта, залагајќи се за човековите права, мултилатералната изградба на консензусот и меѓународното право, додека таа се оддалечи од морално тешкиот товар за користење воена сила за одвраќање на агресорот и одржување на редот.
Според пишувањето на американскиот медиум, нивната владејачка елита во добар дел ги одржува блиските односи со Русија, како составен дел на европскиот мир и стабилност. „Економските лични интереси ги засилија овие ставови, затоа што Германија сѐ повеќе се потпира на руската нафта и гас како гориво за својата моќна производствена база“. Притоа, Ангела Мрекел непромислено изрече смртна казна за нуклеарната енергија во Германија по катастрофата во јапонската нуклеарна централа Фукушима. Како заклучок на наведената анализа се истакнува дека сега многу Германци жалосно го преиспитуваат својот попустлив став кон Русија, како и службената поддршка на гасоводот Северен тек. Американскиот медиум, исто така, потсетува дека Шолц ги отежна испораките на оружје за Украина, пред сѐ на современото, тврдејќи дека тоа може да доведе до ескалација и директен воен судир меѓу Германија и Русија, но тоа сега е променето и во оваа смисла германската влада стана покооперативна. Но притоа се потсетува на „релативно скромниот опсег на германската воена помош, која не помина незабележано во Европа или Вашингтон“.
За ова сведочи и фактот дека Берлин ѝ испрати на Украина околу 1,2 милијарда долари воена помош, што е многу под придонесот на Велика Британија и Полска, или тоа е „трошка“ во однос на американските испораки од 27 милијарди долари.
Додека ја бранеше одлуката на Берлин да не ги испорачува своите главни борбени тенкови во Украина, Волфганг Шмид, главниот советник на Шулц, ја спореди Германија со „тинејџер“ што има многу хормони, кој не е сосема сигурен во себе и не знае каде му е местото, и повика на трпение додека израсне и ја преземе водечката улога, се заклучува во текстот на „Д Хил“.
Значи, според оваа американска анализа, може да се заклучи дека конечно дојде до германско-рускиот бракоразвод и Берлин својата среќа нема да ја бара во контекст на каков било обид за водење автономна стратегиска политика, туку во потпирањето на американските интереси и нивните обиди за усогласување со германските во најголема можна мера. Притоа, цената на таквата политика или, попрецизно, условот за добивање на статусот на европски предводник во одбранбено-безбедносната сфера, е исклучително остра и бескомпромисна политика на Германија кон Русија и спречување на нејзините евентуални идни обиди за проектирање на своите интереси на просторот на ЕУ. Овде е важно да се додаде дека прагматичните Американци за себе си остават право да соработуваат со Русија во оние сфери што се од американски национален интерес. Освен изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, оваа констатација е наведена и на крајот од поглавјето за Русија во неодамна објавената нова Национална стратегија на САД, во која Кина и Русија се означени како главни американски ривали. Граѓаните го гледаат сето тоа, а политичките елити или го игнорираат нивното знаење или, едноставно, секое друго размислување веднаш се става во сферата на „Путиновата пропаганда“, што не е ништо друго освен загарантиран пат за сигурно враќање во едноумието.
Зоран Метер
(Авторот е аналитичар во „Геополитика њуз“)