Научната фантастика постојано го потенцира прашањето која е клучната разлика меѓу човекот и машина. Со Туринговиот тест се покажало дека човек не може со извесност да потврди дали во актуелен момент четува со човечко суштество или со бот на вештачка интелигенција.
Ако свеста е доминантната одлика на човечкото суштество, тогаш персоналните ВИ-агенти, роботиката од иднината, холограми што зборуваат со луѓе, живеат со нив, дури им служат и за емотивна размена докажуваат дека свеста не е специфична одлика само за човечкото суштество. Прашањето за свеста во филозофијата е едно од поновите прашања, а го воведува Рене Декарт во 17 век. Според Декарт, токму свеста на човекот е супстанцијална за формирање на неговото постоење. Тој дури го поставува прашањето дали може да се рече дека постои човек што живее во длабока кома?
Приматот на човечката свест што го воведува Декарт, подоцна го етаблираат и феноменолозите. Хусерл смета дека свеста е критериум според кој „проверуваме“ дали нешто е реално или не. Луѓе со заматена свест, под психотропни супстанции или во психоза, често веруваат во „измислени“ и „нереални“ појави.
Човечката свест ја гради неговата реалност. Но научната фантастика го поставува прашањето што е всушност свеста? Дали таа е само биолошка особина, односно дали ако успееме да направиме силиконски репликат на човечкиот мозок ќе добиеме човек? Научната фантастика го поставува и прашањето дали свеста е само способност за мислење, бидејќи доколку е, вештачката интелигенција може поуспешно „да ги решава“ проблемите и мисловните загатки, понекогаш и со подобар капацитети и многу побрзо од човечкиот мозок? Дали свеста е самосвест, односно потврда дека ние постоиме?
Односно парафразирано, доколку во некој чет со бот на ВИ, тој ви даде изјава дека има свест дека постои, колку таа изјава е веродостојна и уште поважно, дали имате сигурен критериум да ја проверите таа изјава? Научната фантастика не прашува само дали машините можат да станат свесни туку дали луѓето навистина знаат што значи да се биде свесен? На крајот, научната фантастика го поставува и суштинското прашање, дали би ја исклучиле машината доколку таа ви тврди дека страда?
Одговорот на ова прашање нема да покаже само дали машината навистина стекнала свест туку и дали човекот е подготвен да го прошири своето разбирање за постоењето надвор од границите на биолошкиот живот и да прифати дека мислењето, самосвеста, чувствувањето и страдањето можеби не се исклучиво човечки привилегии или човекова differentia specifica. Со тоа, интелигибилната гордост што човекот си ја припишува како сопство – за понатаму да ја злоупотреби – го става под прашалник самиот човечки ексклузивитет.
Можеби најголемиот предизвик нема да биде создавањето машина што ќе тврди дека е свесна, туку утврдувањето дали зад нејзините зборови навистина постои внатрешно искуство или само совршена имитација на човечкиот говор. Но ако немаме сигурен начин да ја докажеме ниту свеста на другиот човек, тогаш одбивањето однапред да ја признаеме можноста за машинска свест повеќе зборува за границите на човечкото сознание отколку за границите на технологијата.
Солипсизмот, како крајна консеквенца на тезата дека постоењето на светот се етаблира во човечката свест, станува привлечно прибежиште – особено кога не можеме да утврдиме критериум за туѓото постоење, а уште помалку за постоењето на свест и внатрешно чувство кај машините. Или како што рекол кинески филозоф Џуанг Це, сонував дека сум пеперутка и сега кога се разбудив не знам дали сум човекот што сонуваше дека е пеперутка или сум пеперутката што сонува и понатаму дека е човек?
Магдалена Стојмановиќ-Константинов































