Фото: Пиксабеј

Соединетите Американски Држави донесоа одлука за воведување дополнителни царини од 10 и 12,5 проценти за увоз на стоки од 60 земји, со образложение дека овие држави не успеале да воведат или не применуваат ефикасни забрани за увоз на производи направени со принуден труд, пишува „Ројтерс“.

Според соопштението од американската администрација, трговските партнери кои презеле обврска за ефикасна забрана на ваквите стоки подлежат на царина од 10 отсто, додека оние кои немаат усвоено такви мерки ќе се соочат со царина од 12,5 проценти. Канцеларијата на американскиот трговски претставник потврди дека со новите давачки се опфатени и одредени производи од Европската Унија, а новите правила влегуваат во сила веднаш, со исклучок за стоката што е веќе натоварена и за која царинската документација е завршена пред 28 јули.

Одлуката на Вашингтон предизвика бран негативни реакции и силно изненадување кај клучните американски сојузници. Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, ги отфрли обвинувањата како целосно неосновани. Говорејќи од самитот на АСЕАН во Манила, таа истакна дека европското трудово законодавство предвидува исклучително високи стандарди за условите на работа и потсети дека ЕУ ги исполнила сите обврски од минатогодишниот трансатлантски трговски договор, поради што новите царини ги доживува како непријатно изненадување и шок за Брисел. Остри пораки до пристигнаа и од Канбера и Велингтон.

Австралискиот министер за трговија и туризам, Дон Фарел, изјави дека новите давачки се неоправдани, ги кршат принципите на нивниот Договор за слободна трговија и побара нивно итно укинување. Новозеландскиот премиер Кристофер Луксон исто така изрази длабоко разочарување, нагласувајќи дека истрагата спроведена од американска страна не понудила ниту еден значаен доказ кој би потврдил присуство на принуден труд во нивните синџири на снабдување.