Има недели кога човек ужива да биде колумнист. Замисли, ти доаѓа да му испееш пофалба на дождот. Сеедно што ме потсети на младоста и најубавата девојка во населбата во која бев вљубен, а таа ме покани на кафе за да ми соопшти… па дека е вљубена во друг. Исто и со дождот. Надвор е вклучена рерна, наеднаш слушаш грмотевици, си велиш, конечно твојата населба ќе води љубов со дождот, ама не, тој е вљубен во населбата на другиот крај од градот, но ти си пресреќен што и околу тебе паднале неколку капки.
Или само што завршило најдепресивното Европско првенство во фудбал, ама ти си еуфорично среќен, затоа што на крајот сепак фудбалот ја победи онаа неподнослива за гледање тактичка игра за измачување на сите сетила, среде која те напаѓаат налудничави помисли од типот, дали фудбалската трева е покорисна ако ја пасеш или ако ја сролаш, па издуваш. Но, за среќа, Шпанија од прва до последна минута ги издрибла сите оние „вона би Мурињо“ тактики, покажа дека фудбалот сè уште ќе биде совршена игра зачинета со голови.
Тука е и радосната возбуда поттикната од фактот дека и покрај тоа што македонската земја е окупирана од Нордистан, таа сепак крие и раѓа докази како новоископаната Голема мајка дека тука има цивилизација со континуитет повеќе од осум илјади години, а за тоа сведочат и „Адам од Македонија“, Кокино, како и многу други откритија, но и артефакти што допрва ќе бидат извадени на површина од земјава. О да, злонамерни будалетинки потпишаа нацидоговор со кој на плиткоумен начин ни го одзедоа правото на антиката, ама македонската земја вади контрааргументи дека тука имало цивилизација и пред таа, не толку дамнешна антика. Секако, кога плиткоумна политика крои историја, нормално е да оди против здравата логика, ама официјалната историја сепак е поткрепена со факти дека Хелените и Македонците се различни народи. Велат историјата ја пишуваат победниците, ама, пак, тие често се менуваат, важно македонската земја пишува нешто друго со она што го вади од својата утроба и еден ден, може и ние како победници, нема да пишуваме измислена историја, туку вистина.
И така, ќе си плетеш низ умот нова колумна за дожд, фудбал и Големата мајка Македонија, кога некоја будала ќе се качи на вжештениот политички покрив со снајпер во рацете без да мисли на она, кој по снајпер посега од снајпер и умира и ќе ти се пикне среде редови за да ти расипе расположение.
Ги следам изгубените во простор и време, демократи, додуша и бајаги исплашени, како го воспеваат Бајден, кој го осуди обидот за атентат врз Трамп и повика на обединување на нацијата. А што очекуваа да каже? Дека му е криво што оној кутар изманипулиран несреќник промаши? Или дека сега е време да се ликвидира и оној дел од нацијата што не пее по нотите на либералната хистерија? Па нормално дека ќе го каже тоа што го кажа, Бајден е сенилен, не е малоумен. Патем, откако Трамп се истопори во политиката, видовме едно чудо хистерични демократи или нивни поддржувачи, кои, меѓу редови, а некои и директно, повикуваа на насилство врз него и сега крајно е глупо да се прават наудрени дека тоа не го врескале од говорници.
На Бајден секако не му е лесно. Две третини од демократите го гледаат низ политички снајпер и сакаат да го „ликвидираат“ од трката. И ковид фати човекот. Многумина се сомневаат дека не е така случајно. Океј, ич не ми се пишува за американската „дип шит“ политика, јас колку и да не го сакам Бајден поради злото што му го прави на светот, пред сè на Македонија (и Трамп е дел од нордистанизацијата), не му посакувам ништо лошо, напротив, убеден сум дека како стар и сенилен, злоупотребен е и малтретиран од страна на неговите, искрено му посакувам да не биде веќе дел од политиката, оти потребен му е мир, бидејќи, сакале ние или не, наскоро ќе тргне на едно комплексно патување на кое ќе ги понесе сите свои гревови и ќе застане пред непоткупливиот суд. Наше е само да се молиме за него, оти сите одиме натаму, па и за нас ќе треба некој да се моли.
Друго ми е муабетот. Не сакам да навлегувам во сите теории што се појавија околу обидот за атентат, експертите со право ја насочија вината кон Тајната служба задолжена за обезбедување, богами и со „џинџер-баланс“ (што би рекол наш Зоки), се претера, мислам, нека бидат девојкине агенти, ама дај прво обучете ги, оти ќе изгинат кутрите, значи не ми се претура од шупливо во празно на таа тема, иако нешто стварно ме зачуди. Уште никој не ги обвини Путин и Русија за атентатот? А? Да не сум пропуштил? Не знам, нешто како откритие дека снајперистот ѝ рече на една Ана да се фрли под воз, омилена песна му е „Бабушка“ од Кејт Буш, а едно време беше заљубен во Џад Лоу во улогата на Зајцев. Ич нема да се зачудам ако слушнам/прочитам такво нешто.
А се изнервирав кога видов како Силјановска и Мицковски, за кои гласав, веднаш тргнаа со „гушки“ и „бацки“ со Зеленски, па муабети дека ја поддржуваат Украина во војната и како со НАТО стоеле на вистинската страна, наместо да се угледаат на Орбан и Ердоган, ама сега, кога гледам што им се случи на Фицо и Трамп, кои бараат веднаш да заврши војната, вториов дури тврди дека стварно ќе донесе мир од позиција на претседател, си велам, од кај да знаеш, можеби секој што сака мир со Русија, веќе му нацртале мета на челото.
Сето ова е доказ за безумноста во која се наоѓа планетата, барем оној дел од неа што се топори дека е „меѓународна“ заедница. Накратко ќе објаснам. Никој не му е виновен на НАТО што ја потцени Русија мислејќи дека ќе ја победи како Србија или Либија. Сите знаеме, Меркел ни кажа, зошто ги минираа договорите од Минск. Никому не му е јасно зошто се спречи (преку Борис Џонсон) мировниот договор што го прифатија двете завојувани страни, а Украина ќе останеше само без Крим и надвор од НАТО. Сега, кога Русија зазеде огромен дел од Украина, а има намера да оди подалеку, кога Украинците се преполовени како нација, на маса се три решенија. Или НАТО директно ќе се вмеша и светот ќе оди бестрага, или „меѓународната“ заедница ќе продолжи да ја помага Украина до последниот жив Украинец или ќе се оди веднаш на мировна разврска по која Украина ќе го задржи тоа што ѝ остана. И тука е замката, она што ни покажува дека живееме безумност. Во наративот на „меѓународната“ заедница си на погрешна страна ако сакаш мир, но ако бараш да продолжи војната, свесен за фактот дека ќе бидат истребени сите Украинци што нема да побегнат, тогаш си добар, цивилизиран и со западни вредности. И ти веднаш сакаш да побегнеш, што подалеку, од тие нивни вредности.