Бугарското варварство кон Македонците

Јас со електронската технологија, драг читателу, сум сè уште некаде во неолитот. Сè уште сум му верен на тргнатиот настрана мој стар пријател Гутенберг, а од креативните алатки покрај мозокот употребувам уште молив и бел лист, доволно колку за да бидеш Создател. Сеедно. Не дека се тешам за мојот технолошки недостаток со она на Ајнштајн дека зазбивтаната технологија ќе произведе (тој вели во иднина) генерација идиоти, нешто што се наѕира, па и се случува денес, но тоа е и таква е мојата филозофија на сфаќање на нештата.
Туку, пак зацапавме во дигресија уште на самиот почеток, драг читателу, ама не се отклонуваме од темата на нашата денешна колумна: бугарското варварство кон Македонците. И покрај глупавата упорност на нашата одродена квислиншка власт да ги внесе Бугарите во Уставот. Јас сум категорички против таа деструктивна глупост, која нè тера да ја доусовршуваме и допотполнуваме гробницата што ни ја ископаа западните и балканските гробари во Преспа 2018, иако со гробарските лопати ракуваа Заев и Димитров. Сега со Бугарите само е планирано од западните „меѓународни“ планери, „мајстори на смртта“ како што би рекол Пол Целан, и понатаму да се зголемува македонската идентитетска смрт. Во тоа посебно активна улога има новиот француски Маркиз де Сад, Емануел Макрон. Емануел е всушност едно од имињата на Господ. Старозаветно. Но во случајот на францускиот претседател сега тоа е име на антибог. Или на црниот бог, кој е насекаде по фасадите на готските француски катедрали. Сеедно. Многупати без пардон сум пишувал не само за бугарската туку и за цивилизациската аномалија во врска со нивната патологија кон Македонија и Македонците. Тоа е, имено, и причината да сум ставен на челно место на листата на бугарофоби во бугарската Википедија. И немам намера сега да се бранам од неа, драг читателу, особено ако има спротивни докази. Оти како можам да бидам тоа ако имам преведено дваесетина бугарски поети на македонски, меѓу нив и некои што воопшто не го признаваат македонскиот генерички извор на идентитетот. Но тоа е друга работа, оти надвор од интелектуалците, кои и кај нас ги матат работите со идентитетот, е простосрдечниот народ, кој интуитивно со вроден инстинкт и чисто неизвалкано битие знае што е тоа.
А сега да влеземе, драг читателу, во срцевината на нашата тема, in medias res: бугарското варварство кон Македонците. Зошто варварство? Затоа што секое едно племе, народ или нација, па и секоја една цивилизација стои пред граничната линија на избор варварство или култура, двете комплементарни енергии во нив, едната конструкција (синтеза), другата деструкција (разочарување). Денес кон Македонија и Македонците е присутно варварството, а не духовното (културата) на Бугарите, но и на некои главни центри на западната цивилизација, која и покрај својот разорен колонијализам и двете свои, предизвикани од самата неа, светски војни не сака да се погледне во огледало за да си го види своето варварско лице. Добро, и Борхес се плашел од огледала, ама не затоа што е варварин, па не сака да се види како таков, туку затоа што веројатно имал страв евентуално да го види во нив својот двојник, присутен кај секој од нас. Тука се работи, всушност, за личноста број еден и личноста број два кај секоја една индивидуа како што тврди Јунг. Од нас зависи и како индивидуа и како колектив која личност, онаа на културата или на варварството, ќе седне на престолот на нашето битие. И сега веќе, како што гледаш, драг читателу, сме кај дијагнозата на бугарското колективно битие, кое, според сè што манифестира кон Македонците, е полно со некоја прастара атавистичка канибалистичка страст за нивно уништување. Се разбира, ако тие не признаат дека се Бугари и не им го предадат ним целокупниот свој неизмерливо богат културно-цивилизациски имот. И токму затоа тие, ако не се согласуваме во тоа, и со помош на своите моќни пријатели, особено сега, нè гонат како ѕвер, како што го гонеа загарите на американска ЦИА низ боливиските шуми Че Гевара за да ја уништат проклетата револуција и наместо дневното да го окачат ноќното сонце на небото над светот. Демонското сонце, кое им става рампа и на Рациновите Бели мугри.

Има безброј илустрации за бугарското варварство кон Македонците, драг читателу, не само нивните фашистички ѕверства за време на Втората светска војна во Македонија. Не само садистичкото убиство на младинците во Ваташа. Тоа е микропланот на нивниот нагон за варварство кон Македонците. Во макропланот, пак, се работи за тотална деструкција на македонскиот идентитет и негово безусловно преведување во бугарски. И тоа е највисоката точка на варварство. Тоа го илустрира и скорешниот случај на бугарската варварска дипломатија, која успеа да ја убеди сенаторката од Мичиген (САД) да се откаже од проектот реализиран со македонската дијаспора да се прогласи септември за месец на македонско-американското културно наследство. Да. Значи Бугарите на сите точки на оваа планета решиле да нè убијат, драг читателу. И што е тоа, освен варварство, кое како супстанција ѝ е својствено на примитивната архаична душа. Во случајот бугарската на кан Аспарух, која гледајќи ги и слушајќи ги протагонистите на оваа психологија, каков што е Румен Радев и сличните, и по толку столетија од мочуриштата на архаичната протобугарска цивилизација е присутна во Софија и денес.
Тука веќе се работи за една колективна патологија во која тешко ќе се снајдат и Иполит Тен, и Фројд, и Јунг, и другите што ги интересирал овој проблем. Се работи за еден заболен колективен организам со бацилот на еден со столетија генетички инженеринг што го спроведува бугарската агресивна политика кон Македонците, заразувајќи го притоа докрај со неа и здравото ткиво на простосрдечниот бугарски народ, што е голем грев и дефект. Особено денес со една невидена канибалистичка страст тој инженеринг, кој не дава резултат но е упорен, е поддржан и од нашата квислиншка власт.
До тука е доволно. А сега ќе се обидеме, драг читателу, психолошки кусо да ја анализираме, откако ја поставивме дијагнозата, таа патологија на Бугарите. Тука ќе се послужиме со Јунговиот поим проекција што значи буквално исфрлање (pro-iocere = исфрли). Тоа е скриен патолошки симптом на проекција на своите мани на друг, на негативната содржина на душата кога се ослободуваме од неа на таков начин. Се разбира, пак, постои и светла проекција, која може да биде откровенска и во цивилизациска смисла. Пример за тоа се Асировавилонците, кои својата душа ја проектирале во ѕвезденото небо, па така настанала астрологијата, а потоа од неа и астрономијата. Итн. Има и други такви прекрасни примери на светли и откровенски проекции, но бугарската проекција кон Македонците, драг читателу, е темна и подла. Како таква таа му припаѓа на регионот што Јунг го нарекува колективно несвесно. Тоа е некој психолошки талог што се таложел од генерација на генерација во колективната психа на едно племе или народ како светла или како темна содржина.

А бугарската проекција кон Македонците е од темниот психолошки талог, кој Бугарите несвесно ја вадат и ја проектираат на нив сликата на варвари, одметнати од нив, кои го крадат нивниот културно-цивилизациски имот, почнувајќи од Кирил и Методиј наваму сè до денес. За нив тие се лошите Бугари измислица на Тито. Сè тоа, пак, говори за една тешка колективна патологија на еден заболен колективен организам. Погледни ги бугарската влада и парламент од Радев до последниот, па ќе се увериш во тоа, драг читателу. Бугарите, всушност, да бидеме попрецизни, својот екстремно варварски нагон за грабеж на македонската историска и културна меморија ни го поектираат, припишуваат нам, за да се ослободат катарзично така од, како што би рекол Јунг, темната сенка на нивната душа. Да. Но таа болна и темна проекција на Бугарите кон Македонците трае со столетија, а денес особено е засилена до невидена патолошка невроза како хистерија од која и со помош на Макрон, Брисел и Вашингтон никако не можат да излезат од неа и да одморат душа. Тие се во психопатолошката болница на цивилизацијата како тежок и речиси сега-засега неизлечив пациент. А всушност има лек, и на него посочува и аналитичката психологија на Јунг. А тоа е репроекцијата, односно враќање назад кај себе на проектираната темна содржина кај другиот и нејзина сублимација, преобразба од темна во светла. Во искушение сум да речам дека тоа е нешто поклопувачки слично со институцијата на проштевањето на која инсистира Христос во Новиот завет. Да. Тоа е лекот. Но по сè изгледа дека, имајќи го предвид сегашниот профил на хиена што го имаат кон „жртвата“ Македонија и Македонци, Бугарите не се подготвени, просветлени и храбри за еден таков цивилизациски подвиг. Во една анкета од деведесеттите години на минатиот век за тоа кој е најзначаен Бугарин во целокупната бугарска историја тие речиси безмалку стоотстотно го дадоа гласот за кан Аспарух, кој нив како татаротуркменско племе ги доведе од Казан кај Волга на Балканот, како што се гледа и за наша голема „среќа“. Значи во таа анкета ги нема на челното место Кирил и Методиј, Климент и Гоце за кои толку крвнички се грабаат тие. Нивниот учен Сефтерски вели дека тие до десеттиот век на дворот на Симеон зборувале протобугарски, татаротуркменски. Отпосле го зеле за свој јазикот на македонските Словени, кои патем ги вовеле нив од пагани во новата христијанска цивилизација. Тоа е вистината за која, за жал на Радев и другите слични на него, ја кажуваат и некои умни и праведни бугарски лингвисти, историчари, етнолози и антрополози. Меѓу нив е и познатиот интелектуалец, филолог, министер за просвета во свое време, амбасадор, академик и професор на Софискиот универзитет, Иван Шишманов.

Тој во весникот „Камбана“ од 13.4.1918 пишува: „Секој книжевен јазик пред да стане тоа е наречје. Во основата на старобугарскиот јазик лежи едно македонско наречје (веројатно од околината на Солун)“. Ете сега ти е јасно, драг читателу, зошто толку им се лутев на нашите лингвисти од Институтот за македонски јазик што го бранеа грчевито нашиот јазик од Бугарите без да им кажат дека нивниот јазик е дијалект на македонскиот, кој, патем, е генерички извор и на сите словенски јазици како што тврди и Енциклопедија Британика од 1932, а не обратно.
Тоа. Крај. Нема сатори (просветление), нема спокој, будистичка нирвана кај нашиот источен сосед, кого сега можам да го споредам како сосед кон нас како што е тоа денес Израел кон Палестина. Таква ни била судбината со нив, ама гледам и ним не им е лесно со нас. Тие ни се браќа, ама како Каин, кој го убива Авел.