Фото: Маја Јаневска-Илиева

Умешноста на Грција, потоа и на Бугарија, беше таква што успеаја билатералните спорови да ги трансформираат во европски критериуми и од билатерално да ги префрлат на европско ниво, мултилатерално ниво, па одеднаш уште и сувереното право на една држава сама да си го одредува сопственото име, како и правото на еден народ на самоидентификација, на сопствен јазик и сопствена историја, се претвори во преговарачки критериум за членство во ЕУ!?

Двостраните спорови со Грција, па потоа со Бугарија, на „волшебен начин“ прераснаа во мултилатерални прашања помеѓу Македонија и ЕУ

Откако стана извесно дека уставните измени нема да се случат во овој собраниски состав, а во фонот на неодамнешната одлука на Европскиот совет за отворањето на пристапните преговори со Украина и со Молдавија, се покажа дека кога станува збор за интересите на Европската Унија, тогаш билатералните спорови што овие две земји ги имаат речиси со сите свои соседи не се никаква пречка за евроинтеграциите на една земја.
Очигледно ваквите правила на игра не важеа за Македонија, па билатералниот спор што земјава најпрво го имаше со Грција за своето уставно име, а потоа и со Бугарија за идентитетските прашања, не само што беше непремостлива пречка, туку стана единствен критериум од кој зависи дали Македонија ќе оди напред или ќе остане блокирана. Сето тоа со амин токму на Брисел.
Имено, умешноста на Грција, потоа и на Бугарија, беше таква што успеаја билатералните спорови да ги трансформираат во европски критериуми и од билатерално да ги префрлат на пошироко европско ниво, па одеднаш сувереното право на една држава сама да си го одредува сопственото име, како и правото на еден народ на самоидентификација, на сопствен јазик и сопствена историја, се претвори во преговарачки критериум за членство во ЕУ.
И додека на сите тоа им е кристално јасно, некои политичари во земјава и натаму се убедени дека Македонија има билатерален спор со Бугарија, а Унијата е само медијатор што може да помогне во надминувањето на тој проблем.
– Кога Македонија преговара со својот сосед, од другата страна не ја има само Бугарија туку и нејзината политичка моќ што произлегува од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка на Унијата. Кога веќе ЕУ не успеа да ја балансира таа асиметричност со тоа што билатералните прашања на некој начин ќе ги елиминира од процесот, тогаш сметаме дека ЕУ мора да седне на маса и да помогне за да се најде одржлив и продуктивен процес – порача неодамна потпретседателката на Партијата на европски социјалисти, Радмила Шекеринска, во обраќањето на панелот „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици“.
Во исто време, шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел, потенцирајќи го прашањето за заштита на малцинствата како европски критериум за преговори и за членство, истакна дека Бугарија нема билатерален проблем со Македонија.

– Бугарија има интерес навистина да продолжи да биде поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан. Да не забораваме дека темата суштествува во европскиот дневен ред благодарение на бугарското претседателство во 2018 година. Тоа значи дека ние треба да си ја вратиме позицијата на лидер во регионот, а за да бидеме лидер ние треба да го изразуваме јасно заедничкиот европски интерес и тоа е она што се обидувам да го направам во овие шест месеци. Бугарија нема билатерален проблем со Република С. Македонија. Бугарија во име на заедничкиот европски интерес му кажува на Скопје што значи да сакаш да бидеш членка на ЕУ – порача Габриел.
Од изјавите што ги дава потпретседателката на европските социјалисти Шекеринска, едноставно, не може да се заклучи дали Македонија и Бугарија имаат или немаат билатерален спор!? Со оглед на фактот дека македонската влада ја прифати европската преговарачка рамка во која се содржани сите бугарски барања, произлегува дека Македонија сепак нема билатерален спор со Бугарија, туку отворените прашања ќе биде присилена да ги решава со Брисел, а Софија е тука само да мониторира и да диктира кое следно билатерално прашање ќе стане нов европски услов. Клучната дилема е како да се најде излез од ваквиот ќор-сокак во кој се најде државата и како билатералните прашања да се вратат онаму каде што им е местото, во меѓусебните разговори меѓу две земји, настрана од евроинтегративниот процес.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека имаме билатерален спор со Бугарија, но дека официјална Софија се обидува да го стави тоа во европски рамки и на тој начин Македонија да мора проблемот да го решава со ЕУ.
– Секако дека имаме исклучиво билатерален проблем. Бугарија се обидува да го преоблече во европски бои затоа што многу грдо дејствува за европската и за меѓународната јавност вето со кое се спорат нечиј идентитет и нечија државност, но тоа е суровата реалност. Сепак, да имаше политичка волја во јадрените земји од ЕУ за продолжување на европската интеграција на Западен Балкан, секако дека ќе се најдеше излез од ситуацијата – смета Боцевски.
Познавачите на состојбите во делот на евроинтеграциите се категорични дека спорот меѓу Македонија и Бугарија е билатерален, но дека во моментот кога земјава го прифати таканаречениот „француски предлог“, во кој се содржани сите бугарски барања, одеднаш билатералниот спор со Софија стана спор со ЕУ.
– Бугарија е членка на ЕУ и ја користи својата позиција да ги оствари сите свои цели. Не случајно бугарската министерска за надворешни работи Габриел кажа дека уставните измени не се единствениот услов, оти и не се. Таа јасно кажа дека Бугарија нема билатерален проблем со Македонија, со што ни стави до знаење дека тие си ја завршиле работата со францускиот предлог и со прифаќањето од наша страна на таквата преговарачка рамка. Затоа за нив нема билатерален спор, бидејќи нивните барања ги преформулираа како европски барања кон нас и ЕУ ја прифати таквата игра – велат соговорниците.
Според нив, клучно е сега Македонија да најде излез од ситуацијата во која се најде токму поради брзањето да се прифати францускиот предлог, за што предупредуваа многу поранешни европски функционери, меѓу кои и поранешниот евроамбасадор Фуере.

– Сите тие ни кажаа дека не е паметно да се прифаќа францускиот предлог бидејќи не содржи европски, туку невозможни услови, кои се неприфатливи за ниту една земја. Кога нашата влада прифати дури и такви неприфатливи услови, надевајќи се дека подоцна ќе ги решава еден по еден во од, сега на вратот го имаме Брисел. Како и да е, уставни измени нема да има во овој период, па затоа е важно некоја следна влада, која и да биде, да покаже вистински реформски резултати, да почне со воспоставување на владеењето на правото, да започне борба со корупцијата, да ги среди и департизира институциите, да ја оптимизира јавната администрација, со еден збор да почне да ја средува државата внатре. Ако барем малку го подобриме внатрешното портфолио на краток рок, тогаш ќе може повторно да застанеме пред ЕУ и да побараме да бидеме оценувани според копенхашките критериуми. Да не заборавиме и дека во Унијата веќе се одвива процес на внатрешни реформи, така што последното гласање на Советот 27 минус еден, може да стане практика и во иднина. Соочена со нов тип гласање, можеби и Бугарија повторно ќе сака за отворените прашања да разговараме на билатерално ниво, како што и треба да биде – посочуваат добрите познавачи на евроинтегративните процеси.