Лестер се трансформира од кандидат за испаѓање во шампион на Англија, што доведе до споредби помеѓу познатата сезона 2015/2016 и онаа што сега е импресивно изработена во „Вила парк“

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Астон вила го подготвува она што се претвора во неочекуван кандидат за титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, а тимот на тренерот Унаи Емери се обидува да го направи она што би било најголемо изненадување во најсилната англиска лига во претходните осум години, пишува британскиот дневен весник „Телеграф“. Лестер се трансформира од кандидат за испаѓање во шампион на Англија, што доведе до споредби помеѓу познатата сезона 2015/2016 и онаа што сега е импресивно изработена во „Вила парк“.
Двата клуба тргнаа по многу различни патеки во нивните соодветни кандидатури за титулата, но бројките зад двете нивни приказни се неверојатно слични, поттикнувајќи ги надежите дека Астон вила може да го одржи својот обид во текот на втората половина од сезоната, особено откако веќе победи два од своите три главни ривали, актуелниот лидер Арсенал и актуелниот шампион Манчестер сити, пишува „Телеграф“.

ТАБЕЛА

Победата со 3-2 на дуелот со Евертон на 19 декември му овозможи на Лестер да го помине Божиќ гледајќи надолу од врвот на табелата. Дури и во таа фаза, многу од критичарите рекоа дека тоа е неодржливо и дека Лестер ќе излезе од трката со симнувањето на празничните украси. Астон вила ќе биде лидер во Премиер-лигата ако го победи Шефилд в петок и ако ремизираат меѓу себе Ливерпул и Арсенал следната вечер. Астон вила моментно има ист број бодови по 17 одиграни натпревари како и Лестер во истиот период од сезоната. Десет од претходните 14 лидери на Божиќ ја освоија титулата во Премиер-лигата, пишува „Телеграф“.

НЕЗАПИРЛИВ НАПАЃАЧ

Џејми Варди беше сензација во сезоната 2015/2016, голгетерски предатор што ја олицетворуваше бајката што се развиваше под тренерското раководство на Клаудио Раниери. Потпишувањето за еден милион фунти од нелигашот Флитвуд веќе го собори рекордот на Руд ван Нистелрој во Премиер-лигата постигнувајќи гол на 11 последователни натпревари, а Ријад Марез беше блиску зад него со 13 гола. Оли Воткинс, пак, има девет гола на 17 првенствени натпревари и е ревитализиран под водство на тренерот Емери. Тој сега се смета за втор избор на англиски напаѓач во репрезентацијата, зад Хари Кејн. Воткинс постигнува секакви голови, а предводи со енергијата и со брзината.

ТРЕНЕРИ ШТО САКААТ ДА ДОКАЖАТ

Пред извонредното освојување на титулата, Раниери секогаш беше поврзуван со неговото отпуштање од Челси, тој беше многу искусен и неговото итро справување со зголемените очекувања беше клучно, а изненадувачки беше назначен од Лестер, откако тукушто беше отпуштен од Грција по поразот дома од Фарските Острови, пишува „Телеграф“. Педигрето на Емери е големо откако освои четири трофеи во Лига Европа со Севилја (три) и со Вилјареал, но, сепак, му наштети заминувањето од Арсенал, но несомнено е дека при неговото враќање во англискиот фудбал тоа го мотивира, за да докаже дека луѓето грешат, пишува „Телеграф“.

ПОБЕДИ ВО НИЗА

Победите на Астон вила на мечот со освојувачот на тројната круна, Манчестер сити и на дуелот Арсенал во период од четири дена ја разгореа трката за титулата неодамна и обезбедија огромна најава за намерите. Емери ќе продолжи да биде претпазлив, а заканата од повреди и суспензии за клучните играчи плус продолжувањето на нивната сезона во Конференциската лига во март ќе биде тежок тест за тоа дали можат да одат далеку. Дури во февруари, кандидатурата за титулата на Лестер почна да се сфаќа сериозно, по победите по ред на натпреварите со Ливерпул и со Манчестер сити. Победата на гости кај Сити, особено, се чувствуваше значајна во тоа време и така се покажа, пишува „Телеграф“. Н.М.