Драги мои, следниот пат кога некој ќе ви каже „Ајде, само позитивно“ – дозволете си себеси да го преведете тоа на јазикот на вашата индивидуалност. Имате право на тоа, ова е ваш и само ваш живот! Ако сте гневни, нерасположени, разочарани – покажете го тоа, опишете го јасно и гласно, не потискајте го во себе, зашто со тек на време ќе порасне во чудовиште кое ќе „се храни“ од вашата несреќа
Најчестата фраза која се користи во последно време е „Бидете позитивни“. Ја верглаат сите, па за жал и дел од моите колеги. Небаре позитивноста е некакво копче кое го притискате и потоа сè ќе биде супер. Таа фраза е најпреценетото нешто во денешно време, се злоупотребува до невидени размери и многу често прави огромна штета врз психолошкото битисување на една личност.
Во основа, сè што мораме да правиме со сила е нешто неприродно и вештачки наметнато во нашето секојдневие. Натерани сме да глумиме среќа и позитивност во секоја прилика за да докажеме дека сме здрави, успешни, задоволни, среќни… Маската која ја ставаме врз себе ни тежи, зашто тоа НЕ СМЕ НИЕ, туку лажната перцепција која треба другите да ја имаат за нас. А тој константен притисок е најголемиот виновник за голем број психосоматски проблеми, кои постепено водат до сериозни психолошки блокади и органски заболувања. Постојаниот притисок дека МОРА да бидеме секогаш позитивни создава кај нас синдром на „весели роботи”, надворешно убави, а внатрешно празни и незадоволни од себе и околината.
Дали некој досега ви кажал дека е во ред да се биде тажен, осамен, расплакан или бесен? Дека е нормално понекогаш денот да не ви е погоден, па имате потреба да се скарате, развикате или едноставно – да се скриете во некое катче и да бидете СВОИ? Нашите емоции не се предодредени само за среќа и позитивни мисли, човечката природа е комплексна машина која во себе содржи мешавина од најразлични сентименти. Во оној момент кога ќе сфатиме дека треба да се однесуваме во склад со своето моментално ЈАС, ќе ја избегнеме стапицата на „лажна совршеност“, понудувајќи си ја себеси шансата која нема да ни ја понуди никој друг – да бидеме верни на својата природа, црти на личност и однесување во склад со она сто не прави онакви какви што сме.
Драги мои, следниот пат кога некој ќе ви каже „Ајде, само позитивно“ – дозволете си себеси да го преведете тоа на јазикот на вашата индивидуалност. Имате право на тоа, ова е ваш и само ваш живот! Ако сте гневни, нерасположени, разочарани – покажете го тоа, опишете го јасно и гласно, не потискајте го во себе, зашто со тек на време ќе порасне во чудовиште кое ќе се храни од вашата несреќа.
И одеднаш… Ќе видите дека нема потреба да глумите среќа. Таа ќе дојде, ќе потрае и пак ќе си оди, но овојпат вистински ќе уживате во неа, очекувајќи ја со радост, повторно и повторно…
Авторката е психолог