Професорот Љупчо Ајдински ја препозна потребата од поголема поддршка и ресурси за лицата со попреченост и нивните семејства и оваа фондација во суштина е обид да се направи разлика во нивните животи, а ние ја продолжуваме неговата мисија. Секој придонес на преостанатите, колку и да е мал, може да направи голема разлика во животот на лицата со попреченост, вели проф. д-р Горан Ајдински, претседател на фондацијата

Разговор со проф. д-р Горан Ајдински

Стипендии на најистакнатите ученици и студенти со попреченост, како и награди за лица и институции што вредно работеле за да се подобри нивната вклученост во секојдневните активности, да се унапреди квалитетот на животот и на лицата со попреченост и на нивните семејства, и оваа година ќе додели фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“. Наградите до 2012 година ги доделуваше нејзиниот основач, лично проф. д-р Љупчо Ајдински, а фондацијата се регистрираше по предлог на неговата сопруга Марија Ајдинска. Д-р Горан Ајдински, сегашен претседател, редовен професор на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, вели дека по смртта на професорот Љупчо Ајдински и неговата сопруга, фондацијата ја продолжи својата хумана мисија, што беше и најголема желба на основачот.
– Нашиот основач, проф. д-р Љупчо Ајдински, беше инспириран да ја основа оваа фондација поради своето долгогодишно лично искуство со лицата со попреченост, како и предизвиците што ги идентификуваше низ годините. Професорот ја препозна потребата од поголема поддршка и ресурси за лицата со попреченост и нивните семејства и оваа фондација во суштина е обид да се направи разлика во нивните животи.

Каква поддршка обезбедува фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“?
– Фондацијата нуди поддршка за справување со сложените потреби и предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, промовирање на нивната благосостојба и унапредување на правата и нивна инклузија во сите општествени сфери. Досегашните активности примарно се насочени кон обезбедување финансиска поддршка на лицата со попреченост, на институциите и стручните лица што од различни аспекти ја третираат попреченоста. Особено сме мотивираме финансиски да го поттикнеме образованието на лицата со попреченост, со цел да се стекнат со вештини што ќе ги направат конкурентни на пазарот на трудот и да постигнат финансиска независност. Фондацијата се залага за застапување и поддршка во насока на остварување на правата на лицата со попреченост, промовираме свесност и разбирање за прашањата поврзани со попреченоста, како и обезбедување индивидуална поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат денес лицата со попреченост и како вашата фондација придонесува за справување со нив?
– Некои од најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост вклучуваат дискриминација, недостиг од пристап до образование, можности за работа и социјална изолација. Нашиот придонес во справувањето со овие предизвици е преку застапување за правата на лицата со попреченост, стимулирање општествена инклузија, јакнење на свеста на пошироката заедница преку промоција и разбирање на попреченоста, како и создавање чувство на поврзаност помеѓу заедницата и лицата со попреченост.

Како може да се вклучат луѓето во активностите и да ја поддржат фондацијата?
– Луѓето може да се вклучат и да ја поддржат нашата фондација преку донации и волонтирање, преку своето време и вештини, стручни совети и консултации, присуство на нашите настани, како и ширење на свеста за нашата мисија и нашите програмски определби. Секој придонес, колку и да е мал, може да направи голема разлика во животот на лицата со попреченост. Продолжуваме со нашата мисија и хуманост. Р.Н.М.