Ако нема леб, има путер за танго

Седам и размислувам за неделата што помина. Само седиш, Русјаков, само седиш, ми се јавува гласот на Трендо како ехо облечено во насмевка среде мојата измрцварена свест. Вистина е, само седам и не размислувам за неколку ствари што не сакам да ги напишам. Како фактот дека нема леб. Што ми е гајле! Русите се виновни. Зошто Русите? Затоа што во триесеттите години на минатиот век, во СССР се случи големиот украински глад. Баш звучи логично. Што друго? Заедница на албански општини. Ма јок, тоа е само во главите на бањатите. Значи, небитно. Ме викаат да бидам кум на некаква македонска крвава свадба. Скроз ми звучи „неамерикански“. Башка невестата е ружна. Батали, ќе одам во Салем, таму ќе палат вештерки што се собирале тајно во шума и голи се мачкале со кавијар додека рецитирале стихови од Пушкин. Нивното палење е „неруски“ чин, а тоа е возбудливо.
Уф, се чувствувам како скијач со две леви скии, кој со помош на космичкиот апсурд, наместо на Планица, заглавил во Нордистан и сега „возам“ велеслалом низ збиднувањата од минатата недела. Оти треба колумна да напишам. А колумната сака да има смисла и суштина, цел и поента, почеток, средина и крај. И како јас, со сите овие информации распослани пред мене, да најдам смисла во бесмислата, оти формата на суштината изгледа како некој да кивнал врз платно огромно количество неидентификувани состојки по обилен ручек неизџвакани будалаштини и сега ми тврди дека тоа на платното е ремек-дело на кое и Џексон Полок ќе му позавиди.
До целта и поентата сигурно некако ќе стигнам, ако ништо друго, ќе изрипаат пред мене од некоја грмушка на безумноста, па ќе се сопнам од нив, оти сум се занел размислувајќи како целта ги оправдува средствата, а средства се нема и затоа подобро е да се фокусирам на поентата која другарски ме тупка по рамо и ми шепоти, вака-така, имаш почеток на колумната, сега почни да дробиш низ средината и не се тревожи, кај и да е, ти и читателите, среќни и полудени, ќе стигнете до крајот… до крајот на логиката и здравиот разум, од каде што започнува нордистанската гротеска, која се препелка во сопствената баруштина како Сека Сабљиќ во „Маратонците“ додека безумието преправено во евроатлантска иднина ти шепка милозвучно „Маши ручицама!“.

Значи, нема леб. Ама па сме членка на НАТО и аспиранти за ЕУ. Ако не бевме во НАТО и пред чекалницата на ЕУ, не само што ќе немаше леб туку ќе немаше и путер. Е, ама путер има. Тоа значи дека со евроатлантските вредности што ги имаме во изобилство можеме слободно да го играме последното танго во Париз, та преку Брисел и Вашингтон. Патем, ако нема леб, јадете бомби. Не бомбици, тоа се колачиња, а јас немам намера да ви продавам ројалистички финти. Ако нема леб, јадете бомби… дојави за бомби, оти тоа е здраво како да јадете диета. А ха, само што сте помислиле да излезете од работа и добро да се нафукате скара, бидејќи е пауза за ручек, ви јавуваат дека во училиштето каде што ви се децата има дојава за бомба, па трчате како споулавени натаму и не само што не сте се преждрале, туку напротив, трошите калории, стравот напикан в коски ви ги топи непотребните масти, а исфрлате и пцости преку кои се чистите од нервози и конечно, кога ќе си ги гушнете децата, чувствувате радост и спокојство. Гледате како нордистанските власти се грижат за вашето здравје и прогресивен раст на љубовта кон децата? Тоа ако сакате да гледате позитивно на ова што ни се случува. Ако пак сакате да го најдете виновникот, лесно е. Додека трчате накај училиштето, сетете се дека ви остана недојаден американскиот бифтек, оти, нели, ве станаа од пауза за ручек, па сега оној забеган келнер може да ви подметне руска салата во оставената чинија и ете како Русија стои зад лажните дојави. Само Русија може да се однесува вака „неамерикански“.
Да, да, Русите сакаат да ги остават неписмени нашите нордистанчиња. Ама ние сме паметни и ќе ги зезнеме. Едноставно е. Доколку нордистанчињата останат неписмени поради постојаното отсуство од часови предизвикано од пандемијата руски влијанија, кога ќе пораснат имаат две решенија. Ако се неписмени, но доаѓаат од богата фамилија, секогаш може да завршат во министерска фотелја, ама ако не се описменат, а немаат среќа да се имашни, туку гнијат во сиромаштија, патот им е отворен кон евроинтеграција во која било австриска коцкарница.

Австрија ви е нешто како казино на Европската Унија. Ама пред да влезете во казиното, мора да поминете неколку етапи за да ве цивилизираат. Не може тукутака да им се бапнете. До вчера сте се однесувале „неевропски“ и „неамерикански“ и тоа мора да се промени за полека да почнете да живеете „неруски“. Прво треба да се помине Грција. Тоа е еден вид чистилиште каде што ве носат на туширање во специјални комори, каде што убаво ќе се истриете со сапун за да ја тргнете од себе сета валкана идентитетска македонштина. Влегувате како небањат Македонец, а излегувате како испран од здрав разум нордистнаец. Потоа одите во гардероберот Бугарија. Таму, на чисти европски закачалки, ги бесите непотребните јазик, историја и национална припадност. Нормално е дека мора да поминете низ француската куќа на задоволствата, каде што повторно се враќаме на путерот и тангото. Само ако сте убави, ружни не примаат, што значи интелектуалната бижутерија на граѓанството луѓенца има предност.

За оние поконзервативните што се плашат од путер и танго, тука се разни американски и европски амбасадори, кои со неколку воспитни шлаканици на задното седиште на логиката, ќе ви ја разбудат дразбата за цивилизирана еротика. Дури потоа влегувате во казиното Австрија, каде што добивате џекпот, еден вид ас во ракавот за идните етапи за стекнување европски вредности. Инаку, Џек Пот е западниот поголем брат на Пол Пот, кој, бидејќи е флуид џендер, некогаш се чувствува како Јоханес Хан, а некогаш како Урсула фон дер Лејен. За оние што заборавиле, Јоханес Хан е еден цивилизиран Австриец што ги нарача познатите „неруски балканските методи“ за насилна промена на Уставот, кој пак Устав не смее да се менува кога се во прашање австриските бизнис-интереси.
Уф, дојдовме до крајот. Имам јас уште многу работи од кои сакам да се ослободам фрлајќи ги во колумнава за рециклирање на вишок нордистанска безумност, ама нема простор, ќе мора да останат во мене и да ме вознемируваат. Ма ич не се грижам, само ќе ги прогласам за „неамерикански“ руски хибриден напад против мојата емотивна стабилност и ќе си продолжам среќен да зјапам како шарено тело пред ЕУ-врата.