Чиј е Пандев, Горан Пандев?

(Или – како да ја вратиме довербата во Договорот со Бугарија)

Како што им е познато на читателите, моите колумни што ги објавувам во петок во весникот носат наднаслов „Настани, симболи, алузии“. Овој пат, најверојатно како исклучок, го земам во употреба и терминот „илузии“, што може да послужи како алатка за докажување дека не е исклучено илузиите понекогаш, при разни околности, да станат реалност. Во тој контекст сакам да се обидам на еден поинаков начин, сосема неповикан, да се вклучам во напорите на државата како од македонска страна да ја вратиме довербата во Договорот со Бугарија. Не ја исклучувам можноста дека некој од читателите може да го сфати текстот и како пародија, но познато е дека во секоја пародија има грам сомнеж и неколку грама вистина.
Со децении се водеше политичко-историска полемика, која во последните години прерасна во меѓудржавен спор чиј е Гоце Делчев. Еве, конечно се докажа дека Македонците станале паметни, почнале да градат мостови наместо патишта и пруги и рекоа дека Гоце Делчев не е само македонски јунак туку е револуционер и за Бугарите и за Македонците. Во согласност со тоа, и Илинденското востание било и бугарско и македонско, а и градот Крушево бил и бугарски и македонски, а не македонски и влашки, како што го лажеле народот комунистите во Југославија. Потоа на ред ќе дојдат и другите градови што имале заедничка историја и ќе имаат една единствена, а се знае која е во предност. Лесно е да се потпише таква декларација како анекс на Договорот за еднососедство, сѐ може да се реши со едно пенкало.

Само пред две седмици Македонија славеше еден друг јунак, кој како Делчев се борел за Македонија. Не е револуционер, туку фудбалер. Горан Пандев го славеше цела фудбалска и спортска Северна (не северна трибина) Македонија за постигнатиот гол во натпреварот против Грузија. Со тој маестрален гол Пандев ја внесе Македонија во Европа, чин за кој чезнеат, за кој сон немаат и за кој нема што не даваат македонските политички лидери. Ако во времето на Гоце Делчев главниот револуционерен слоган бил „Слобода или смрт“, сега на чело е испишана ресетирана софтверско онлајн животна парола „Европа или смрт“. Таков широк револуционерен и слободен избор им е сега на масата на македонските поданици, избор што им го нудат големите пријатели од соседството и од Европската Унија.
Во чест и слава на Горан Пандев, се изнарекоа грстови убави зборови, се напишаа вдахновени текстови, чесно и заслужено. Во весникот „Нова Македонија“ прекрасен текст во негова чест објави и Венко Андоновски, најдобриот колумнист меѓу писателите, најдобар писател меѓу колумнистите, иако можеби Венко мисли дека е најдобар писател и меѓу писателите, што си е негова работа. Без да се навреди суетата на Горан, нужно е да се каже дека имаат заслуга и целата репрезентација, тренерот, целиот стручен штаб, раководството на Фудбалската федерација на РСМ и ред други чинители.
Читателите сигурно се прашуваат од каде па сега на овој Панде му текна да пишува за Пандев. Ај што пишува туку и ставил наслов „А Пандев, чиј е Горан Пандев?“ Значи, како што Гоце бил јунак на своето време, Пандев доби третман на јунак на неговото и на нашето. Гоце не стигна да ја види Македонија слободна, ама Пандев ја одведе во Европа, макар и фудбалски. Но прашањето е чиј јунак е? Македонски или бугарски? Од каде произлегува тоа прашање, кое по некое време може да има други, историски одговори. Имено, функционерите во фудбалот, ревносните читатели, спортските проследувачи, обожавателите на Пандев многу добро се сеќаваат дека пред неколку години се крена голема врева кога неговиот клуб во Италија објави дека во евиденцијата го води како фудбалер од Бугарија.

Не е тајна дека долго време има бугарски пасош без кој не ќе можеше да патува секаде со клубот каде што за Македонците се бараа шенген-визи.
И сега што? Дали Горан Пандев е македонски или бугарски фудбалер? Или е и македонски и бугарски. Може ли утре или по некој поминат период, под разни политички и историски околности, да биде третиран само како бугарски? Ќе трае ли таа енигма со децении, како што траела за Делчев, додека некој не се опамети, не се освести и не си ги дознае своите корени, корените на своите родители, дедовци и прадедовци што се вели? Во согласност со тие дилеми, може да се претпостави дека ќе се постави и прашањето а чија е и чија ќе биде Струмица ако дојде такво време. А Струмица била македонска за време на Александар Македонски, византиска за време на Самуил, 500 години била турска, не е далечно времето кога била грчка, бугарска, српска, југословенска. Кој ќе се снајде, кој ќе излезе прав во таа мешавина, кој најбрзо ќе се опамети? Или чиј ќе биде мој Ресен, кој дал корифеи во заедничката бугарска и македонската политика, но каде што и ден-денес народот едната црква ја вика влашка, другата бугарска. А не е така само во Ресен. На чија страна ќе превагне историската вистина ако почнат да се копаат тие места што асоцираат на смрт и гробови.

Славата и радоста со Пандев ја делат, споделуваат, испреплетуваат и другите фудбалери на фудбалската репрезентација на Македонија. Па, повеќе од половината, ако не и сите, имаат бугарски или пасоши на други земји, двојни државјанства. Оправдано зеле, зашто без тој услов никако не ќе можеле да го искажат својот талент во странство и да заработат пари од тоа што успешно го работат. Дали тоа значи дека не се македонски репрезентативци? Дали Бугарите за македонските репрезентативци утре ќе викаат дека се бугарски, дали Албанците за одличните македонски репрезентативци ќе ги пишуваат како албански?
Ако наведената состојба со фудбалерите се прогледа низ националните позиции на политичарите, логично би било да се постави прашањето чија е Владата на Република Северна Македонија. Дали е заедничка македонско-бугарска, македонско-албанска или само македонска, но само како нејзина идентификација на државата и државноста? Познато е дека половина влада, се мисли на министри, заменици, помошници, е со двојни државјанства. Слична е состојбата и во Собранието, барем една третина се со бугарски или некој друг пасош. Некои велат дека и во раководствата на партиите има голема национална мешавина, гледано според пасошите.

Низ поставените прашања може да се види апсурдот на она што се случува во односите меѓу Македонија и Бугарија, нелогичностите што се отворија како рана на телото на државата и како минатото се користи за постепено идентитетско редефинирање на една држава и нејзиниот домицилен народ. Нерешавањето на овие прашања и немањето одговори чиј е Горан Пандев и чија е Владата би оставиле далекосежни последици по односите меѓу двете земји и врз можноста тоа да биде решено во иднина. Затоа се работи со конкретни идеи, со конкретни предлози како да се надминат овие разлики за да се усогласи рамката како предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција во декември. Недовербата што се појавува масовно по овој случај е резултат или историски рецидив од минатото, а на нејзино отстранување не се работело ниту во последните 30 години на современа политичка реалност. Сите политичари за овој период биле глупи, тупи, неинтелигентни, непаметни, неискусни, не се разбирале во политика, не читале вистински историски книги и биле мамени од комунистите.

Конечно е дојдено време кога полната месечина влијаеше водачите да бидат опаметени. Сфатија и прогласија дека прашањата за посебноста на македонскиот народ, за историските процеси и пројави за неговата борба, за автентичноста на македонскиот јазик и писмо, за тоа чии се Струмица и Ресен биле ставани под тепих. Во таа смисла не биле направени доволно напори за да се изгради доверба, односно тие да бидат не само македонски туку и бугарски, пропуст што ќе биде коригиран, ревидиран и поставен на цврсти пријателски темели. Недовербата кон тие нови сознанија не владее само меѓу политичарите туку и меѓу академиците, историчарите и многубројниот прост и неук народ, а сето тоа се рефлектира со создавање недоверба и во јавноста што таквата недоверба се пренесува и врз постигнатиот договор. Засега нема конкретен предлог како сите тие што шират недоверба или омраза на демократски начин да се истребат, да се казнат, дури и да се затворат ако тоа се бара од незадоволната страна во спорот, но Владата има инструменти да го спроведе тоа во дело.

[email protected]