„Смарт“ град: за кого и од кого?

„Зборот пес не лае“ (Жерар Женет)

Еве сум пак, драги мои. Со нов серијал, под наслов „Празни зборови“. Ќе ме интересираат оние зборови што некогаш имале значење, а денес веќе немаат ни значење ни пандан во стварноста, како што е зборот „срам“. Како и оние нови, странски зборови што ни ги уфрлаат „од запад“, а немаат ниту смисла, ниту значење, ниту пак нештата што ги означуваат постојат во нашата стварност.
Стара и тажна вистина е дека зборовите, кога се злоупотребуваат, служат за правење кариера „со лакти“ во општеството. Ги користиме, освен за љубовна поезија, и за лага или стекнување корист. И така, во екот на кампањава за градоначалници (изразит пример за правење кариера НАЈЧЕСТО со празни зборови), прочитав израз „паметен град“. И власта и опозицијата го употребија. Тоа е нов хит-збор (буквално преведен од англиски) во устите на политичарите, како што беа „бенчмаркови“ (нашки кажано – стандарди, вредности) или „испорачува резултати“ (нашки кажано – дава резултати). Немам намера ама баш ништо да политизирам околу таа идеја. За пофалба е што некои градоначалници сакаат да прават паметен град, нешто што е европски и светски стандард во живеењето. Тоа е град со таква комуникациска инфраструктура во која доминира информатичката технологија, што ви овозможува да добиете сѐ без малтретирање и мака. Користите различни електронски уреди, добивате услуги дури и со гласовни команди или сензори, имате секогаш информации. Како што постои смартфон (паметен телефон), така треба да постои и „смарт сити“, односно паметен град. Неспорно.

Но: за кого ќе го правиме тој паметен град? Познато е дека и најпаметниот уред во рацете на непаметниот доживува пренамена. Мајмунот со мобилниот телефон се чеша по грбот, педофилот со информатичката технологија бара жртви, криминалецот обива банкарски сметки. За смарт уред е потребен најпрвин смарт (или барем „токму“) човек. За „смарт сити“ е потребен прво смарт (или барем „токму“) граѓанин. Колку пати само сум пцуел кога некој пред мене со мрсни прсти од бурек притискал на сензорен екран на банкомат, па поради неговата „несмартност“, на банкоматот залепиле ливче: „Банкоматот е ВОН употреба“.
Затоа, а не од финансиски или технички причини, мислам дека проектот „паметен град“ за нас е неостварлив. Факт е: на толку многу дипломи, магистратури и докторати по жител, ние сме, сепак, земја со многу ниско образовно и воспитно ниво. Доволен доказ е пандемијата. Еден таков „смарт“ граѓанин, со својата свршеница, се разбудил со симптоми на ковид, направил брз тест и, иако знаел дека е заразен, примил инфузија за да отиде на својата свадба, каде што без маска (за да не се посомнева некој), се гушкал со гостите. Резултат од таа „смарт“ постапка: полна болница. Друг „смарт“ граѓанин ноќе фрла бисти на познати македонски писатели во езеро. Таквиот е или нереализиран поет, или реализиран политичар што се бори против оние што пред 50 години напишале песна со наслов „Македонија“; тој не сфаќа дека мртвите не се информирани за промената на уставното име на државичкава. Трет „смарт“ граѓанин, зрел човек, на извиднички камп, под маската на „новата нормалност“ и „сензитивното“ сексуално образование, покрај други сексуални перверзии, избира најубави гради кај малолетнички и им честита со реченицата „Догодина да се видиме повесели и поголи“. Три примера што даваат идеја за „смарт“ лудница, а не за „смарт град“.

Затоа, јас многу повеќе би сакал да живеам со паметни граѓани во „непаметен град“, одошто со непаметни граѓани во паметен. Уште ако тој паметен град го прават не баш паметни и не баш одговорни луѓе (како оној ковид-младоженец), тогаш повеќе сакам да имам жив (макар и нељубезен) службеник на шалтер, одошто да го слушам љубезниот снимен глас на телефонската секретарка како повторува, како електронски папагал: „Во моментов нашите услуги се недостапни поради преоптовареност. Ве молиме обидете се подоцна повторно.“
А што ќе биде со интелектуалната елита во таков смарт град? Град без интелектуална елита е ѓеврек без тесто: чиста дупка. Скопје веќе одамна нема собиралиште на интелектуалната елита (беше „Јоле“ некогаш едно такво место, кога таа елита беше боемска). Не знам ни дали има уште градска интелектуална елита (на иста маса да седат и да водат расправа градот – артист, психијатар, новинар, ликовен уметник, правник и бизнисмен), зашто сега интелигенцијата сѐ повеќе се групира по партиски централи наместо по кафеани. Таму не водат расправа. Слушаат команди и склучуваат авторски договори за интелектуални услуги: убиј го во весник овој, посрамоти го со афера оној. Сега, со „смарт градот“, и да постои уште градска интелигенција, ќе нема потреба од неа: секој од нас, со сензор ќе каже како треба да се развива градот. Ќе гласаме за А, Б, В или Г и толку. На компјутерот, за да работи по програма, не му треба ни филозоф ни моралист.
За крај: неодамна, по социјалните мрежи кружеше еден многу тажен клип на кој, парадоксално, сите лепеа „смајли“. Некој Американец, на својата „смарт“ внука, од генерацијата „сензорни деца“, ѝ дава фиксен телефон од неговото детство, со кабел и слушалка, со кружен бројчаник. Го нашол во визбата. Девојчето гледа во телефонот како да е предмет паднат од друга планета. Ја препознава слушалката и на неа бара дисплеј (нашки кажано: екран), но шокирано е што таму нема броеви. Потоа препознава броеви на кружниот бројчаник, го вовира прстот во едно, па во друго, па во трето дупче: упорно притиска на нив како да се сензори и збунето е; не ѝ текнува дека кругот служи за вртење. Клучната реченица е НЕ Ѝ ТЕКНУВА. Израсната е на смарт уреди, кои не бараат размислување и не бараат да помниш (на пример, телефонски броеви на драги луѓе). Даваат сѐ на допир, како лесни љубовници. Семиологот Михаил Епштајн велеше дека допирот нѐ очовечува, ама не мислеше на допирање сензори, туку на допирање на стварноста.

Толку. Кој е „смарт“ ќе сфати дека во добар дел „смарт“ уредите се направени ЦЕЛОСНО достапни токму поради неинтелигентните луѓе, за да поверуваат дека се интелигентни. Затоа дури и еминентни глупаци можат да пишуваат „стручни“ статуси по социјални мрежи, сонувајќи дека еден ден ќе станат министри, премиери, еврокомесари (зашто и тие веќе водат држави преку Фејсбук). Интелигентните и кога користат смарт уреди размислуваат. Но иако за мене „паметен град“ е „празен збор“ (кој како и зборот „еднорог“ нема пандан во нашата стварност), ќе гласам за него: во име на моите деца, за да им биде животот полесен. Знам дека со тоа ги правам понеспособни, ама не можам да ги двојам од мнозинството (сами нека се издвојат ако сакаат, така е најдобро). Иако, не знам за кој паметен град да гласам: има владин и опозициски. Само да не се и двата одамна „ВОН употреба“ како оној банкомат. Да не биде и тој смарт град само дрндање празни зборови. Затоа, еве едно „полно“ прашање за творците на „смарт градот“: Зошто „власт“ се римува со „страст“ или „цедење маст“, а „чест“ со „свест“?