Професорот Денко Малевски заробен во бугарското минато?! (1)

Македонската држава има симболи како секоја држава: знаме, грб и химна. Химната ни е од 1941 година. Авторот – комунист, борец на НОБ, поетот Владо Малевски. Химната гласи „Денес над Македонија“. Во нејзината строфа, која во песната се повторува, гласи: „Одново сега знамето се вее над Крушевската Република! На Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“. Со гордост станувам, стојам мирно, достоинствено кога се пее македонската химна „Денес над Македонија“.

Но кога ја слушам химната без Никола Карев, во душата нешто ме глода, нешто ме јадосува. Химничниот глас за еден тон, за една скала е онемен кога ја пееме. Химната историски е осиромашена без името на Никола Карев. Зошто Владо Малевски го изостави името на војводата и прв претседател на Крушевската Република, Никола Карев? Со тоа поетот Владо Малевски во химната ја обезглавил Крушевската Република, ја избришал личноста што е дел од темелот на слободарскиот дух на македонскиот народ.

На чело со Лазар Колишевски, македонските комунисти властодршци зашто се откажаа и не им беше пожелно името на Никола Карев. Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Димитар Влахов, Јане Сандански… со комитите, Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу, Орце Николов, Мирче Ацев, Цветан Димов, Петре Пирузе-Мајски, со партизаните, се историските знаменосци на асномска Македонија, на Република Македонија. Уважениот професор д-р Денко Малевски, син на авторот на химната Владо Малевски, јавно го прашувам зошто името на Никола Карев не го спомнал текстописецот на химната, Владо Малевски?

Со професор д-р Денко Малевски се познавам од студентските денови, кога студирав на Правниот факултет во Скопје. Тој беше асистент по предметот Современи политички системи, кај професорот д-р Владимир Митков. Во првата влада на независна Република Македонија, тој беше министер за односи со странство. Владата ја водеше академик Никола Кљусев, од 20 март 1991 година. На 12 јули 1992 година ние, Македонците, одржавме протест на плоштадот „Македонија“ во Скопје и во светот, со мотото „ Да, Македонија, да“, во одбрана на името. Тоа беше манифестација против Лисабонската декларација со која ни се брише името Македонија.

Јас бев претседател на протестниот одбор По протестот имав средба со претседателот Киро Глигоров. Се договоривме да обезбеди протоколарна средба со министерот Даглас Херд. Во Република Македонија доаѓа министерот на Кралството Велика Британија, во својство на претседател на Министерскиот совет на ЕУ, во Скопје, на 18 јули. За средбата беше задолжена шефицата на протокол Јана Пепељугоска. И така се случи, на наведениот датум имав средба со уважениот господин Даглас Херд. Во присуство на нашиот министер, проф. д-р Денко Малевски му ја врачив Повелбата на македонскиот народ и видеокасета од протестот.

Автор на повелбата беше проф. д-р Димитар Димитров, тогашен министер за образование. На таа средба беа присутни академикот поет Анте Поповски, писателот Јован Павловски и други интелектуалци и претставници на невладини организации. Средбата се одржа во свечената сала на македонското собрание. Бившиот министер Денко Малевски и актуелен советник на претседателот Стево Пендаровски, на 26 април годинава, во колумна „Некогаш сме биле еден народ“ јавно ја брани тезата дека македонскиот народ бил дел од бугарскиот народ. И со настап на бугарски телевизиски медиум, тврдејќи дека Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков се Бугари. Според него, „значи ние мора да се приспособиме кон историската вистина, дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“.

А потоа ќе каже: „Како што вели Крсте Мисирков, идејата за ’национален сепаратизам’ и создавање сопствена словенска нација“. Зошто во неговата професура, кога бев студент, не го кажа тоа? Зошто кога беше министер, не ѝ ги соопшти на јавноста таквиот став и размислување? Зошто сега македонскиот народ и држава ги обезличува од самобитноста, од историскиот Илинден 1903, Илинден 1944 и Илинден 1991 година? Кога сега се наоѓаме во долготраен процес да бидеме во политичка „вкрстена проверка“ на патот на европеизација на македонската држава, македонскиот народ да биде достоен член на европското семејство и заедница.

(продолжува)