Прифаќањето на физичката дистанца зависи од капацитетот на работната меморија

Во ова време невреме, кога светот се справува со досега непознат и подмолен непријател, една од најбитните мерки за заштита претставува физичкото дистанцирање. Ова се повторува секојдневно од страна на здравствените власти и мислам дека во тоа само делумно се успева, барем во нашата средина на балкански менталитет, каде што оваа мерка на заштита доста тешко се прифаќа.
Во таа насока, денеска ќе објаснам некои нови сознанија поврзани со физичкото дистанцирање, објавени минатата недела во научното списание што го објавува Националната академија на науки на САД.
Дали можете успешно да се дистанцирате физички зависи од фактот колку информации може да има вашата работна меморија. Поточно, студијата нуди потенцијални стратегии за намалување на неусогласеноста на физичкото дистанцирање во време на јавна здравствена криза.

Се потврдува дека оние луѓе што имаат поголем капацитет на меморирање подобро го прифаќаат советот за физичко дистанцирање во оваа здравствена криза поврзана со ковид-19 и се повеќе совесни при процената за кост/бенефиција ефектот.
Работната меморија претставува психолошки процес што носи информации во свеста за краток период, типично во време од неколку секунди. Количеството информации што работната меморија може да ги држи во краток период се предиктивни за многу ментални способности, какви што се интелигенцијата, разбирањето или учењето. Со други зборови, менталните функции се поврзани една со друга.
Колку е поголем капацитетот на работната меморија толку ќе следува подобро поведение поврзано со физичкото дистанцирање. Се разбира, овој меѓуоднос се обработува откако ќе се изземат релевантните психолошки и социоекономски фактори, како што се постоење на депресија, карактеристиките на личноста, степенот на едукација, интелигенцијата и економскиот приход на испитаниците.
Во САД, каде што физичкото дистанцирање е изборно (значи не е строго законски пропишано), постои широкораспространета некомпатибилност со неговото прифаќање. Ова особено било видливо во раните фази на пандемијата на ковид-19. Според научниците на оваа студија, една од причините се однесува токму на влијанието на социоекономското чинење врз физичкото дистанцирање. Но кои се когнитивните способности на една личност да донесе одлука за прифаќање на физичкото дистанцирање, било нејасно прашање.

Наодите на оваа истражувачка група откриваат нов когнитивен корен на прифаќањето на физичкото дистанцирање поврзан со напорниот процес на одлучување за процена на трошоците наспроти придобивките од овие однесувања во работната меморија – наместо, да речеме, тоа да биде обична навика. Процесот на одлучување може да биде помалку тежок за оние личности што имаат широк капацитет на работната меморија, па затоа тие полесно прифаќаат поведение поврзано со физичка дистанца. Студијата е спроведена на 850 американски испитаници во периодот од првата недела на март 2020, онаа недела кога се прогласи пандемија од страна на претседателот на државата и кога се посочија неопходните здравствени мерки за заштита.
Сите учесници во студијата пополнувале демографски анкетен лист во кој се нагласени индивидуалните разлики при прифаќањето физичка дистанца, депресивно расположение или анксиозни чувства. Личните варијабли, интелигенцијата и разбирањето на учесниците за чинењето и бенефициите од оваа мерка биле исто така мерени.

Разликите во капацитетот на работната меморија, како и личните карактеристики, може да предвидат какво ќе биде прифаќањето на физичкото дистанцирање. Според тоа, за да предвидиме какво ќе биде прифаќањето на оваа мерка, како и носењето маска, треба да се земат во обѕир личните когнитивни способности. Во насока на подобро прифаќање на мерките за заштита, научниците советуваат да не се користат претрупани и повторувачки информации преку медиумите, туку да се ползуваат пораки преку кратки, концизни и јасни информации наменети на генералната популација.
Наодите на оваа студија сугерираат дека учењето на оваа понова норма на однесување – „физичка дистанца“, налага активирање на процес на одлука што е поврзан со капацитетот на работната меморија.
Границата под која се движи вообичаеното поведение пред она со физичко дистанцирање не е соодветно одредена во САД (но и кај нас). Токму затоа воведувањето носење маска и физичко дистанцирање налага одлука што е ментално потешка. Тоа е причината што многу индивидуи не можат да ја почитуваат оваа мерка. Можеби тоа е причината што некои луѓе не веруваат во постоењето на пандемија, нов вид вирус итн.

Се смета дека капацитетот на работната меморија ќе се намалува со воведувањето нови социјални норми, какви што се носењето маска и физичкото дистанцирање, кои со текот на времето сепак ќе бидат социјално прифатени. Со тоа, ние ќе бидеме поослободени од тежината на тенденцијата да избегнеме мачни одлуки, каква што претставува неприфаќањето на физичката дистанца. Со тоа, носењето маски и физичкото дистанцирање со текот на времето ќе станат прифатено поведение, наша навика, зашто ќе се намали поврзаноста со работната меморија. Истражувачите исто така собрале податоци за тоа како работната меморија е поврзана со расната дискриминација за време на пандемијата.
За да им биде појасно на читателите за што точно станува збор во ова ново истражување, ќе објаснам неколку факти за тоа што е меморија (помнење).
Меморија претставува способност на мозокот да енкодира, складира и повторно да ги вади на површина податоците што се потребни. Оваа способност за задржување информации со текот на времето овозможува донесување одлуки. Ако случки од минатото не се паметат, тогаш би било невозможно да постои јазик, меѓусебни односи или личен идентитет. Кога настанува губиток на меморијата, зборуваме за амнезија (заборавност).

Меморијата всушност претставува информациски систем на процесирање, во кој постои експлицитно и имплицитно функционирање, базирано на сензорен процесор, краткорочна и долгорочна меморија. Сето ова е поврзано со функционирањето на невроните и хемиските супстанци (невротрансмитери) што ги пренесуваат информациите.
Работната меморија служи и за енкодирање, но и за потсетување на добиените информации. Значи, работната меморија ни овозможува информациите да се освежат повторно, да дојдат до свеста. Меморирањето не е перфектен процесор, па затоа може да биде повреден од многу фактори. Имено, начините на кои се енкодираат информациите, како ќе се складираат и како ќе се возвратат во свеста може да бидат повредени. Количеството внимание што е посветено на новите стимулуси може да го смали количеството на информациите што ќе станат енкодирани за потоа да се складираат. Генерално, процесите на меморирање се поврзани со функцијата на делот во мозокот наречен хипокампус.
Според тоа, работната меморија е извонредно битен елемент на нашето психолошко функционирање и токму од нејзиниот капацитет зависи какви одлуки ќе донесуваме. Значи, ако некој не ги прифаќа новите норми за социјално однесување, тоа значи дека има проблем со личните ментални капацитети. Околината треба да влијае тие капацитети да се прошират и да овозможат адаптирање на моменталната ситуација.